Линкови за пристапност

Затворена Клиниката за кожни болести, комплетниот медицински кадар во домашен карантин


Вкупно 193 лица кои биле во контакт со заразената докторка ќе ги минат наредните 14 дена во домашна изолација бидејќи не ги почитувала препораките откако се вратила од едно од жариштата на коронавирусот во Италија каде била на скијање. Министерот Филипче потврди - таа ќе биде разрешена

СКОПЈЕ - Две недели домашен карантин за 64 лекари, медицински и технички персонал, и клуч на Клиниката за дерматологија откако е потврдено дека директоркатае заразена со коронавирус. Покрај нив во карантин ќе бидат двајца членови на семејството, 24 пациенти кои се лекувале на клинката во текот на минатата недела како и 103 лица кои присиствувале на семинар кој се одржал викендов во ресторан во Скопје а на кој присуствувала токму заразената.

„Станува збор за мал, среден и висок ризик, во зависност од степенот на контакт со заразената докторка. Во домашен карантин се ставени комплетниот персонал во клиниката, сите пациенти и сите присутни на семинарот. Таму имало и тројца гости од Грција, јас лично го известив грчкиот министер за здравство и му ги дадов идентитетите“, соопшти министерот Венко Филипче.

Салите на Клиниката но и во ресторанот каде се одржувал семинарот се дезинфицирани, а министерот Филипче повика на смиреност бидејќи ризикот од секундарна трансмисија на вирусот е многу мал.

Пациентите кои се лекуваа во клиниката доколку е ургентно ќе ја примаат терапијата дома, се додека повторно не се отвори клиниката односно најрано на 23 март.

„Станува збор за патологија која може да се третира одложно, односно може да се почека некој ден“, појасни Филипче.

Тој не го криеше разочарувањето од неодговорноста на својата колешка и најави дека ќе ја разреши од функцијата по изборите закажани на 12 април.

„Загрозувањето на јавното здравје е сериозен прекршок. Никој нема да биде поштеден. Таа ќе понесе одговорност и ќе биде разрешена. Клиниката ќе биде затворена, во моментот ирелевантен е отказот“, нагласи министерот.

Попладнево на клиниката за инфектологија се тестираат осум нови лица. Двајца сопружници кои на 26 февруари се вратиле од Бугарија покаѓале симптоми слични на грип, еден патник кој пристигнал од Сингапур пред три дена, жител на Гевгелија и четири лица кои биле во контакт во сопружниците од Дебар кои се заразени со коронавирусот и се во изолација на инфентивната клиника.

Филипче повтори дека капацитетите во трите медицински центри во државата како и објектот во Демир Капија се подготвени да примат лица во изолација и додаде дека ситуацијата е под контрола и нема потреба од паника.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG