Линкови за пристапност

Директорката на кожната клиника позитивна на коронавирус


Тимови епидемиолози ги анкетираат вработените во клиниката, пацинетите, пријателите и семејството а потоа ќе одлучат дали и кому ќе му одредат домашен карантин. Можно е затварање на клиничкиот оддел. Министерот Филипче е разочаран од нејзината непрофесионалност и непочитување на препораките

СКОПЈЕ - Директорката на Клиниката за кожни болести е четвриот случај на носител на коронавирус во државата. Таа била во еден од кризните региони во Италија и се вратила назад минатата недела но наместо да ги почитува препораките и да остане во домашна изолација како мерка на претпазливост директорката изминатите пет дена одела на работа, контактирала и комуницирала со колеги, пациенти пријатели и роднини.
Утрово била тестирана и откако резулатите покажале присуство на вирусот таа е префрлена во изолација на инфективната клиника. ТИмови на епидемиолози ги анкетираат сите кои биле во близина или контакт со директорката и допрва ќе одлучуваат дали и кој ќе биде ставен во домашен карантин. Одделот најверојатно ќе биде затворен.

„ Во овој момент целата екипа од Институтот за јавно здравје прави проценка на степенот на ризик за сите кои што контактирале со неа, како вработените, така и пациентите. Можно е согласно проценката и одлуката на епидемиолозите денеска одделот да биде целосно затворен. Целокупниот медицински персонал согласно фреквенцијата и должината на контактот кој го имале да бидат испратени на домашна самоизолација. Пациентите кои што се хоспитализирани исто така, со оглед на тоа што станува збор за пациенти кои можат согласно сегашните сознанија, да го продолжат лекувањето и во домашни услови. Сите други прегледи во периодот кој што следи ќе бидат насочени кон другите јавни здравствени установи каде што има вакви специјалисти. Добро е што колешката немала ден во амбуланта па немала директен контакт со пациенти, кои што доаѓале однадвор во изминатава недела. Од епидемиолошката анкета таа досега ги навела и сите други контакти вклучително и членовите на нејзиното семејство, пријатели. За сите нив, согласно разговорите со епидемиолозите, ќе се донесе соодветна одлука за начинот на изолација“, изјави министерот Филипче.

Тој нагласи дека е разочаран од постапката на колешката која не ги почитувала апелите и препораките и најави санкции.

„Секаде каде што ќе видиме дека има прекршок ние ќе преземеме најостри мерки на санкционирање. Освен тоа што таа е на лекување, во овој момент не можеме и ништо друго да преземеме во смисла нејзино разрешување, поради изборите, но мерки ќе има секако. Секојдневните апели за самоизолација мора да се сфатат многу сериозно. Не можеме да ги затвориме границите. Затоа потенцирам секој кој што доаѓа од ризичен регион доколку на граница нема симптоми, и тоа е тој најризичен стадиум на болеста, во инкубација кога нема симптоми а веќе имало контакт со заболен кој што граѓанинот не може да го знае, мора да остане во автоизолација 14 дена. На тој начин го штитиме сопственото здравје и здравјето на нашите најблиски, на сите граѓани на нашата држава. Мора да имаме одговорност кон колективното здравје заради тоа што тоа е нашиот најголем приоритет“, рече Филипче.

Според спрвичните инфромации директорката на Клиниката за кожни болести има лесни симптоми исто како и сопружниците од Дебар. Скопјанката, која беше првиот регистриран случај на носител на коронавирус во Северна Македонија, е во стабилна состојба и неколку дена наназад тестовите се негативни. Карантинот од 14 дена истекува утре и таа повторно ќе биде тестирана и во зависност од резулатите епидемиолозите ќе дадат препораки дали таа ќе остане во болничка изолација или не. Утре истекува и домашниот карантин на соптаниците во комбето во кое таа се превезуваше. Тие исто така ќе бидат тестирани на присуство на коронавирус и потоа ќе се одлучи дали ќе им се продолжи заштитната мерка.

Во моментов во домашна изолација се наоѓаат шеесетина лица кои имале контакт со лица кои биле во некој од кризните региони во Европа или пак се вратиле оттаму.

XS
SM
MD
LG