Линкови за пристапност

Владата одлучи – препораката за ограничување на масовни собири продолжува до 13 март


Нема забрана за оджрување на јавни собири и спортски манифестации бидејќи нема локално ширење на коронавирусот. Царината и туристичките агенции ќе доставуваат списоци со патници кои влегле во државата. Нема нови случаи на коронавирус ниту пак на инфективната клиника биле тестрирани нови лица

СКОПЈЕ – Владата ја продолжи препораката за ограничување на одржувањето на масовни јавни собири, културни манифестации и спортски натпревари поради опасност од ширење на коронавирусот во земјава. Препораката е на сила до 13 март кога повторно ќе се процени ситуацијата во државата и регионот.

„Владата на Република Северна Македонија го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести на Министерството за здравство да се продолжи препораката за ограничување на јавните настани со гости од странство, препораката за неодржување на поголеми јавни собири и настани, како и препораката спортските натпревари да се одржуваат без публика до 13 март 2020 година“, потврдија од Влада.

Од Владата информираа дека им се наложува на царинските служби и туристичките агенции редовно да доставуваат ажурирани списоци со податоци за патниците кои влегуваат во државата.

Патниците пак кои доаѓаат од државите зафатени со коронавирусот треба да го пријават влегувањето во државата.

„Согласно ситуацијата во Европа, ситуацијата во Италија, како и во другите подрачја со поголем број регистрирани случаи со корона вирусот, останува препораката на Владата за сите патници од овие региони, да го пријавуваат влегувањето во земјата и да ги известат здравствените и безбедносните власти на граничните премини доколку се сомневаат дека имаат симптоми кои можат да бидат последица на контакт со корона вирусот“, стои во владиното соопштение.

Министерот за здравство, Венко Филипче, информираше дека денеска се очекува во земјавада влезе група од дваесетина туристи од Сингапур и од Јапонија кои доаѓаат од Романија, а каде има неколку случаи заболени со корона вирус. Поради тоа тие уште на граничниот премин „Деве Баир“ ќе бидат прегледани од епидемиолози.

Тој смета дека фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Косов кој треба да се игра на 26 март во Скопје, треба да се игра без публика.

„Јас лично сметам дека сите спортски натпревари да се играат без публика. Треба да бидеме внимателни и да се игра без публика бидејќи ќе има гости од странство“, рече Филипче.

Здравствената состојба на скопјанката која беше позитивна на присуство на коронавирусот и е во изолација на инфективната клиника во Скопје е подобра. Таа повторна е тестирана и резултатиоте се негативни. Во моментов во домашна изолација се дваесетина лица кои се вратиле од кризните региони или пак имале контакт со лица за кои постои сомневање дека се носители на вирусот.

„Сите луѓе кои се во домашна изолација, се здрави, никој не се пожалил на некакви симптоми. Секојдневно комуницираат со епидемиолозите кои на два дена вршат визити во нивните домови. Чекаме да поминат 14 дена и потоа ќе бидат прегледани од инфектолог и ќе се донесе одлука дали изолацијата ќе биде продолжена“, појасни министерот Филипче.

Од вчера сите странски државјани кои влегуваат во државата добиваат СМС порака во моментот кога ќе приклучат на мрежата на било кој од четирите домашни телекомуникациски оператори со упатсва за заштита и превенција на коронавирусот и со телефонски броеви од здравствени установи доколку им се јават било какви сомнителни симптоми.

Вчера во Скопје почна дистрибуцијата на средствата за дезинфекција во училиштата во Скопје а денеска продолжи во училиштата низ државата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG