Линкови за пристапност

Нема нови случаи на заболени од коронавирус во Северна Македонија


Надлежните ги идентификуваа сите лица кои биле во контакт со сопатниците на заразената скопјанка. Тие веќе се анкетирани од епидемиолози и ќе бидат ставени во 14 денвна домашна изолација. Две лица кои ноќеска се пријавиле во Клиниката за инфектологија се негативни на вирусот

СКОПЈЕ - Нема нови случаи на заразени со коронавирус во последното денонокие. Скопјанката која била во Рим а вчеравечер самата се пријави на Клиниката за инфектологија, а чии привични резултати беа парцијално позитивни, сепак не е заразена со коронавирус, информираа од министерството за здравство и додадоа дека тестовите кај уште едно лице, возач на камион, кој дошол во клиниката биле негативни.

Филипче: Нема нови случаи на коронавирус во Северна Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:11 0:00

„Резултатите на пациентката кај која постоеше сомнеж за корона вирус, кои штотуку пристигнаа, се негативни на вирусот. Пациентката е една од двата случаи кои се тестираа на Инфективната клиника во Скопје. И двата случаи се негативни на вирусот. Во моментов, веќе хоспитализираната пациентка на Инфективната клиника во Скопје која со комбе допатува од Милано е единствениот регистриран случај заразен со вирусот COVID19“, соопштија од министерството за здравство.

Она што е клучно во моментов е дека сите лица кои имале контакт со патниците во комбето во кое се превезуваше заразената скопјанка се идентификувани. Министерот за здравство, Венко Филипче, соопшти дека во текот на ноќтатие се контактирани а тимови на епидемиолози во асистенција со полициски службеници веќе биле во нивните домови и направиле епидемиолошка анкета. Министерот Филипче нагласи дека нема место за паника бидејќи конатките биле лимитирани во кругот на семејствата и додаде дека новите идентификувани исто така ќе бидат во домашна изолација.

„Ги контактиравме сите лица со кои имале контакт патниците од комбето во кое патувале заедно со заразената жена со коронавирусот. Добро е тоа што скоро сите ни кажаа дека немале контакт со голем број луѓе, најчесто биле само со семејствата со кои живеат. Сите тие ќе бидат во домашна изолација“, изјави министерот Филипче.

Во зависност од проценките на полицијата која ги обезбедува домовите на лица кои се ставени во изолација, надлежните можат да одлучат тие да бидат префрлени во некој од клиничките центри каде веќе се подготвени изолациски одделенија.

Скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, соопшти дека на директорите на средните училишта им наредил планираните патувања и екскурзии во Република Италија или државите каде се регистрирани случаи на корона вирусот да ги откажат или одложат на неопределено време.

„Училишните раководства веднаш да ги откажат и одложат патувањата и училишните екскурзии во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на корона вирусот. За сите преостанати патувања и екскурзии да прават дополнителни безбедносни проценки“, изјави Шилегов.

Тој додаде дека Град Скопје доставил големи количини антибактериски спаун во сите средни училишта.

Владата пак апелира до граѓаните кои допатувале од регионите зафатени со корона вирусот задолжително да се јават на центрите за јавно здравје.

„Сите вработени во државните и локалните институции и претпријатија, вработените во основно, средно и високо образование, како и сите ученици и студенти дека доколку во последните 2 недели патувале или живеат со некој кој патувале во следниве земји/региони: регионите Ломбардија, Венето, Емилија Ромања, Пиемонт во Италија, како и Народна Република Кина, Хонг Конг, Иран, Јапонија, Маку, Филипини, Република Кореа, Сингапур, Тајван, потребно е да не доаѓаат на работа, на училиште или на факултет и да ја информираат институцијата, претпријатието и образовната институција и веднаш да се јават на телефоните за контакт во центрите за јавно здравје“, стои во соопштението на Владата.

Состојбата на скопјанката кај која е потврден корона вирусот е стабилна, има лесна клиничка слика и нема никакви компликации. Таа се наоѓа во одделот за изолација на инфективната клиника и е под посебен здравствен и безбедносен режим.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG