СКОПЈЕ – „Обвинителството ќе докаже дека обвинетите изготвиле план да го загрозат уставниот поредок. Сите знаеме кој ги отвори вратите на собранието,но тоа го сториле бидејќи така им било кажано од обвинетите,но и од Никола Груевски, кој толку многу сакаше да се соочува со народот на избори, но кукавички побегна кога требаше да се соочи со правдата. Со него не заборави да се допишува за време и пред настаните од таканаречениот крвав четврток ниту Вељаноски, кој пак, не се обиде да го спречи лудилото кое владееше во Собранието“, рече обвинителката Вилма Рускоска во својот воведен збор на стартот на судскиот процес против организаторите на т.н. „Крвав четврток“ односно упадот и насилствата во Собранието од 27 април 2017 година.
Обвинетите Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Сприо Ристовски и Владимир Атанасовски, очекувано, се изјаснија како невини.
За Вељаноски процесот против него е политичка хајка.
„Го разбрав обвинението, но разбрав дека обвинителството дека нема докази, и дека ова е класичен политички прогон по нарачка на функционерите од извршната власт, со цел да се влијае врз пратениците за уставните измени. За сево ова има докази, а во најскоро време и јавноста ќе ги дознае. Не се чувствувам ни најмалку виновен“, рече Вељаноски пред судот.
Сличен став имаше и Ристовски додека Јанакиески нагласи дека својата невиност ќе ја докаже во текот на судскиот процес.
„Дали има докази или нема ќе одлучи судот. Не е ниту на обвинителството, ниту на одбраната односно обвинетите. Тоа што Трајко Вељаноски и Спиро Ристевски изјавија дека се жртви на политички прогон е нивно мислење и се надевам дека тоа мислење ќе го поткрепат со нешто“, рече Рускоска на крајот од рочиштето.
Обвинителката во својот воведен збор кажа дека обвинетите ќе тврдат дека немало меѓусебна координација и планирање, но доказите со кои распоолага ќе го покажат спротивното.
„Ќе слушнете како Јанакиески и Ристовски критичниот ден се јавувале по штабовите и организирале превоз до Скопје за поголема масовност на протестот и за влегување на народот во Собрание. Ќе ги слушнете пораките испратени до луѓето. Трајко Вељаноски постапи спротивно на деловникот на собранието, одби да се изврши промена на точките на дневен ред по барање на Оливер Спасовски, но затоа не заборави да се допишува со Никола Груевски. Дали вељаноски се обиде да ги спаси пратениците? Одговорено е едноставен – не“ рече Рускоска во судницата.
Адвокатите на обвинетите се на ставот дека нема цврсти докази и дека ќе ја докажат невиноста на нивните клиенти.
„Во конкретниот случај и од воведниот говор на самото обвинителство не можевте да видите ни посочување на ниту еден доказ. Не постои доказ за нивква порака или организирање од Спиро и Миле на било кого. Не постои организиран превоз за тој ден, ниту доказ за такво нешто. Ниту пак постапување на Вељановски согласно Деловникот на Собранието може да биде сторување на кривично дело, а најмалку кривично дело тероризам. Ако иницијална каписла било некоја химна, каде е тој човек? Го нема ниту во листата на сведоци на обвинителствотот, немаме негова изјава, немаме ништо. Ова ќе го докажеме во текот на постапката“, изјави адвокатот Еленко Миланов.
Обвинетите Трајко Вељаноски, Миле Јанакиески, Сприо Ристовски и Владимир Атанасовски се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Во истрагата беа опфатени и екс премиерот Никола Груевски и припадникот на УБК, Никола Бошкоски, кои се во бегство во Унгароија односно Грција каде добија азил. Обвинителството одлучи да не поднесе обвиниение против нив и да чека да бидат испорачани во Македонија и тогаш да им се суди.
Според обвинителниот акт Јанакиески и Ристовски добивале инструкции и насоки од тогашниот лидер на партијата Никола Груевски и испраќале пораки по претседателите на месните комитети за протестот да добие масовност. Вељаноски пак имал задача по секоја цени да го спречи изборот на Талат Џафери на за нов собраниски спикер. Атанасовски пак бил задолжен за координацијаи мобилизација на членовите на патриотските друштва а потоа и дал наредба да се одземат хард дисковите со снимките од безбедноските камери поставени во Собранието за да ги сокрие трагите и да ги уништи доказите. Никола Бошкоски пак, кусо по упадот во Собранието, со „голф“ на Управата за безбедности и контраразузнавање донел пиштоли, панцири и автоматско оружје кое требало да биде искористено во нападот.
За насилствата во Собранието, на 15 март минатата година на вкупна затворска казна од 211 години беа осудени 16 лица. Највисока казна од 18 години затвор доби Митко Чавков, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ). Игор Дурловски беше единствениот кој доби ослободителна пресуда. На почетокот на процесот на обвинителната клупа беа 33 лица меѓу кои беа и петмина пратеници. Меѓутоа, по носењето на Законот за амнестија во декември 2018 година, амнестирани беа 15 обвинети вклучувајќи ги и пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски кои ја отворија вратата од Собранието за толпата да упадне внатре и да ги нападне и претепа нивните колеги во Парламентот.
Следното рочиште е закажано на 9 март и на него како сведок ќе се појави техничкиот премиер Оливер Спасовски, како и Михаил Младеновски обвинет па амнестиран во судскиот процес за насилствата во Собранието.
Facebook Forum