Најмногу заболуваат школските деца, бидејќи не се вакцинирани што ја потврдува ефикасноста на вакцината против грипЈованка Струлакова – Коровешоска, Центар за јавно здравје Охрид.
Грипот кој се шири вo Македонија ги наполни амбулантите и го преполови бројот на ученици во училиштата. На удар според лекарите, најмногу е најмладата популација на возраст од пет до деветнаесет години.
Од училиштата велат дека наставата од почетокот на второто полугодие се изведува во вонредни околности, бидејќи во дел од класовите недостасуваат и повеќе од половина ученици.
„Имаше моменти кога во одредени паралелки, беа буквално преполовени учениците, дури и повеќе од тоа односно од 27 ученици само десеттина беа на настава“ изјави Оливија Јанева, Директор на основно училиште „Христо Узунов“ од Охрид.
Во овој период има зголемена фреквенција на вирусни заболувања и грип, но годинава бројот на заболени е многу поголем вели педијатарот Никола Филев.
„Ова е класичен грип. Потекнува од зборот агрипе што значи зграбува. Oвој грип, овој пат е со трахијално засегање, кој може да се пренесе на белите дробови особено кај малите деца. И за жал ги имаме доста такви, кои мора да завршат дури и на детскотo одделение кое е преполно со болни со бронхитис и пневмонии“ вели Никола Филев, лекар-педијатар.
Филев вели дека актуелната состојба со грипот воопшто не е наивна и оти надлежните треба да се донесат соодветни мерки.
„Кога е шпиц на вакви епидемии, обично се прави пауза, да нема ширење меѓу децата. Тие се најранливи. Би требало неколку дена да се направи пауза, тие болни што се болни да оздрават“ додава Филев.
Од Институтот за јавно здравје во Скопје, не ја исклучуваат можноста, ако ваквиот тренд на ширење на грипот продолжи, да се разгледа можноста за привремено затворање на училиштата.
„Кога им е зголемен број на заболени и големо отсуство на учениците од настава, крајна мерка е затворање на училиштата. Тоа е по налог на Комисијата за заразни болести. Најмногу заболуваат школските деца, бидејќи не се вакцинирани што ја потврдува ефикасноста на вакцината против грип“ изјави Јованка Струлакова – Коровешоска, Центар за јавно здравје Охрид.
Во првите шест недели од оваа сезона бројот на заболени во државата е околу 11.000. Во споредба со истиот период од минатата сезона, постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 66.3%. Инаку досега едно 14 годишно девојче почина на Клиниката за детски болести, поради компликации од ова заразно заболување.