Линкови за пристапност

Законите се изгласаа, Собранието се распушти


Двотретинско мнозинство се обезбеди за Законите за јавно обвинителство и за одбрана. Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања. Со 108 гласа „за“ Парламентот се распушти на 55 дена пред предвремените избори закажани за 12 април

СКОПЈЕ - Во тензична атмосфера, со 80 гласа „за“ и 6 „против“ во второто гласање, Собранието попладнево го изгласа Законот за јавно обвинителство, еден од клучните во натамошниот тек на евтоинтегративните процеси на Македонија. Опозицијата го оспори гласањето, обвинувајќи за кршење на законите и Уставот и побара претседателот Пендаровски да не го потпише Указот. Следуваше пауза која ја искористија ВМРО - ДПМНЕ и СДСМ за да одржат прес конференции.

„Ова е авторитарно владеење на дело. Ова веќе не е демократија, одлуката на Собранието е неделовничка и противзаконита. Ваков закон, кој не се донесе, не смее да биде потпишан од претседателот Пендаровски и го повикуваме да не дава легитимитет на вакво брутално кршење на законите и процедурите“, кажа координаторот на пратеничката група на ВМРО - ДПМНЕ, Никола Мицевски.
За СДСМ, ништо спорно при гласањето.

„Процедурата при изјаснувањето беше кристално чиста. Постои пракса во Собранието кога системот нема да регистрира одреден глас и тогаш на пријава на пратеникот чиј глас не е регистриран, се оди на повторно гласање. Такви примери сме имале многу пати во Собранието“, изјави пратеникот Костадин Костадинов.

Тензиите се смирија а пратениците, освен оние од опозициската ВМРО - ДПМНЕ се вратија во Собраниската сала. Следуваше гласање за уште два битни закони. Двотретинското мнозиство опстана и за Законот за одбрана а Законот за советот на јавни обвинители беше донесен со 73 гласа „за“. Пратениците од опозицијата не беа во собраниската сала.

Со ова, на помалку од десетина часа пред последниот рок за распуштањето на Собранието, пратениците ги изгласаа законите кои со месеци беа заглавени во партиските преговори и лавиринти и законските процедури.

Нешто по 17 часот со 108 гласа „за“ Собранието ја донесе одлуката за самораспуштање во пресрет на најавените предвремени парламентарни избори закажани за 12 април.

Одлуката за самораспуштање ја поднесе спикерот Талат Џафери, кој во своето обраќање рече дека по направената консултација на 10 февруари со Државната изборна комисија (ДИК), денешниот ден е последен рок за распуштање на Парламентот.

„Одговорот од ДИК беше дека тие можат да обезбедат соодветен тек на процесот во рок од 55 дена од моментот на самораспуштање на Собранието поради фактот што предвремените избори се поврзани со чинот на распуштање на Собранието, а не со политички одлуки. И поради таа причина, анализирајќи и пресметувајќи ги сите рокови, последниот момент на распуштање на Собранието треба да биде денес со цел да се обезбедат сите рокови и постапки навремено“, појасни Џафери.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, рече дека во изминатите три години сегашниот парламентарен донел историски значајни одлуки со кои се дефинира иднината на државата.
„ На 12 април не очекуваат предвремени избори. Граѓаните ќе имаат можност да одлучат кому ќе му ја дадат поддршката. Ќе се соочат со две дијаметрално спротивни политики – едната на СДСМ чија главна грижа е граѓанинот и другиот избор за кој нема да коментирам“, рече Митревски.

Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски оцени дека во изминатите три ипол години овој парламентарен состав поминал низ тешка политичка криза и обвини за непрофесионално работење и криминал и корупација во редовите на СДСМ.

„ Избори мора и ќе има на 12 април. Денес ќе ставиме крај на заложништвото во кое се наоѓа државата, рече Мицевски, посочувајќи дека СДСМ ќе остане запаметена по, како што рече, катастрофалните економски политики, партиските вработувања во администрацијата, немањето странски инвестиции“, кажа Мицевски до собраниската говорница.

Доцна попладнево претседателот Стево Пендаровски ги потпиша Указите за прогласување на повеќето закони кои денеска беа усвоени во Собранието меѓу кои и законот за јавно обвинителство , законот за спветот на јавни обвинители и законот за одбрана.

Ооколу барањето на опозициската ВМRО - ДПМНЕ, да не го потпише Указот, тој ги упати на адреса на Уставниот суд.

„Во однос на барањето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Пендаровски да не го потпишува Законот за Јавно обвинителство, претседателот укажува дека согласно член 75 од Уставот „Претседателот е должен да го потпише указот, доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“, а Законот за јавното обвинителство спаѓа во тие закони. Претседателот Пендаровски, исто така, укажува дека за евентуалните приговори во однос на уставноста на некој закон, секој граѓанин може да поднесе иницијатива до Уставниот суд на Република Северна Македонија како надлежен државен орган“, стои во соопштението од претседателскиот Кабинет.

Се огласија и лидерите на двете најголеми политички партии во државата, очекувано со дијаметрално спротивни ставови и пораки.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, им честиташе на пратениците кои гласаа „за“ законот за јавно обвинителство бидејќи како што вели го препознале моментот како клучен за владеењето на правото и за европска интеграција. Тој повтори дека во законот нема скирена амнестија туку неселктивна правда и гаранција за финиширање на процесите и постапките иницирани од Специјалното Јавно обвинителство (СЈО).

„Денес огромното мнозинство во парламентот постигна историска победа врз криминалните структури на ВМРО-ДПМНЕ. Денес, желбата за правда ја победи желбата за крадење пари. Ставивме уште еден темел на неселективната правда и на правосудство кое гарантира одговорност и казнивост за секој којшто го прекршил законот. Правда и борба против криминалот и корупцијата – за тоа се заложивме, тоа бараат македонските граѓани, за тоа се изборија 2/3 од пратениците во Собранието. Презедовме чекори кон силна и способна правна држава, доаѓа правда“, кажа Заев.

Тој побара нов, чист мандат на претстојните предвремени парламентарни избори и ги повика граѓаните утре во 18 часот на марш под мотото „Чекориме за правда“ кој ќе почне пред Собранието а ќе заврши пред Кривичниот суд.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, некаде по 18 часот одржа прес-конференција на која изјави дека гласањето на Законот за јавно е „комплетна анархија која го загрози имиџот на државата“, а носењето на законот е спротивно на процедурите со сомневања за контрадикторост со Уставот, и клучно - немало ниту бадентерово мнозинство.

„Лошата вест е дека беше донесен незаконски, противправен и криминален закон. Добрата вест е дека денеска завршува Зоран Заев и криминалната тригодишна епизода. Ова беа три години на неправда, брутален криминал и врзани очи на министрите и на владата, затоа што тоа се првите кои прават криминал. Ова е време на рекет, муилионски провизии, бизнисмени кои сведочат за рекет, кеш и уцени. Ова е време на свткани кичми. Криминалците направија сојуз со власта. Ова е време кога на површина излегуваат сите лаги. Нема правда, нема ниту мир“, рече Мицкоски.
Предвремените парламентари избори ќе се одржат на 12 април.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG