Линкови за пристапност

Собранието ја разреши министерката Рашела Мизрахи


Разрешувањето го побара техничкиот премиер Оливер Спасовски бидејќи таа не го почитувала Уставот ја истакнала таблата со старото име на државата. Изгласани се и промените на Изборниот законик, а денеска се очекува да продолжи 135 седница и да се гласа за законот за јавно обвинителство.

СКОПЈЕ -Собранието, рано изутринава, со 62 гласа „за“, 26 „против“ и без воздржани ја разреши техничката министерка за труд и социјална политика - Рашела Мизрахи. На седницата која траеше до 4 часот наутро беа изгласани и измените во Изборниот законик според кои две општини се префрлаат од Изборната единица 6 во Изборната единица 5.

Барањето за разрешување на Мизрахи дојде откако таа неколку пати се појави во јавноста и одржа прес конфренеции на кои беше поставена табла со старото име на државата - Република Македонија. На ова реагираше министерот за надворешни работи Никола Димитров откако официјална Атина испрати протестна нота.

Предлогот за разрешување на Мизрахи го поднесе техничкиот премиер Оливер Спасовски, кој од собраниската говорница кажа дека таа со серија нејзини настапи грубо ги прекршила законите кои го уредуваат уставното име на земјата.

„Во Владата не го корегираше ова свое однесување. Секој треба да ги почитува Уставот и законите, а институциите мора да функционираат беспрекорно“, рече Спасовски.

Мизрахи, пак, посочи дека место да ја критикуваат нејзината работа, била мета на антисемитски напади.

„Нарушените меѓучовечки односи, непостоење вредности, распаднат систем, криење проблеми, очајни граѓани, исплашени вработени во МТСП, тоа се проблемите на Министерството за труд и социјална политика. Уште не влезена во Министерството како прва Еврејка во историјата на Македонија назначена за министер во Влада бев мета на антисемитски напади од лица кои ниту бираат средства, ниту начин, ниту зборови. Па наместо да ја критикуваат мојата работа, ја критикуваа мојата верска и национална припадност и ме обележаа со жолта ѕвезда“, рече Мизрахи.

Таа беше назначена за технички министр на 3 јануари и ја извршуваше функцијата четириесетина дена.

Реакциите по разрешувањето дијаметрално спротивни. За СДСМ со разрешувањето е заштитен уставот, додека лидерот на опозициската ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицкоски објави слика со Мизрахи на социјалната мрежа „Фејсбук“ и напиша: „Дисидентите! Зошто? Затоа што ја сакаат мајката Македонија“.

На маратонската седница, по скратена постапка и со 75 гласа „за“изгласани беа и Предлог-законот за неевидентирани лица во матичната книга на родени и Предлог-законот за изменување и дополнување на Изборниот законик.

Според измените во Изборниот законик општините Дебар и Маврово - Ростуше се префрлаат од Шестата во Петтата изборна единица. Измените беа донесени на барање на пратеничката група од ДУИ но и во согласност со препораките од ОБСЕ која побара да се сменат границите на овие две избирачки едеиници за да се запази правилото една изборна единица да нема повеќе од 5 отсто повеќе вкупен број на гласачи.

За денеска во 13 часот спикерот Талат Џафери го закажа продолжението на 135 седницата на која треба да се гласа за клучниот закон за јавно обвинителство. Тој вчера побара координаторите на пратеничките групи да се договорат и да се обезбеди неопходното двотретинско мнозинство односно гласовите на 80 пратеници.

Законот за јавно обвинителство е еден од клучните за Европската унија и неговото носење ќе претставува позитивен сигнал бидејќи за Франција и Холандија овој закон стана еден од условите од кои ќе зависи одлуката на Самитот на ЕУ во март или Самиот на ЕУ – Западен балкан во мај дали на Македонија ќе и се даде датум за старт на предпристапните преговори.

Според најавите, 137 седница на која треба да се гласа за распуштање на Парламентот ќе биде закажана откако ќе се усвојат сите закони, а тоа може да биде најдоцна до утре на полноќ.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG