Линкови за пристапност

Заев: Законот за јавно обвинителство - услов за распуштање на Собранието


ВМРО-ДПМНЕ бара експерти да предложат закон за Јавно Обвинителство, за спикерот Џафери крајниот рок за распуштање на Парламентот е 51 ден пред изборите. Колку е битен овој закон потврдува фактот што стана неформален услов за добивање датум за старт на преговорите со Европската Унија

СКОПЈЕ - Собранието ќе работи се додека не се изгласаат Законот за обвинителство, протоколот за НАТО и Законот за одбрана, најави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и ја вжешти и онака комплицираната ситуација околу носењето на Законот за ЈО откако преговорите меѓу работните групи запреа.

Според Заев, законската рамка во која стои дека Собранието може да се распушти во периодот од 45 до 60 дена пред одржувањето на изборите кои се закажани за 12 април, дава можност за дополнителен рок за преговори. Тој е дециден дека избори сепак ќе има.

„Кога ќе се гласа во Парламентот законот може да се донесе или да не се донесе, друга опција нема. На 12 февруари треба да се распушти, ако се обидува опозицијата да го минира, да го блокира или на било кој начин неговото донесување односно гласање, тогаш нормално дека Парламентот нема да се распушти бидејќи носењето на Законот за Јавно Обвинителство како и протоколот за НАТО или Законот за одбраната или сличните закони, се дел од агендата која ја договоривме. Ако некој го прекрши тоа, тогаш нормално дека распишувањето на изборите и распуштање на парламентот нема да се случи. Парламентот се распушта од 45 до 60 дена, значи имаме еден бафер од 15 дена тука за распуштањето на парламентот и распишувањето на изборите како што Законот и Уставот тоа го даваат, но јас верувам дека се ќе биде завршено на 12 февруари“, рече Заев.

Спикерот Талат Џафери пак, во изјава за „360 степени“, потенцира дека крајниот рок за спроведување на сите изборни дејствија е 51 ден.

“Како претседател на Собранието, треба да потпишам индивидуален правен акт за распишување на изборите, по што почнуваат да течат роковите за спроведување на изборните дејствија. Невозможно е тие активности да се спроведат во период пократок од 51 ден. Затоа, во случај да има договор меѓу партиите за периодот во кој би биле донесени клучните закони, би можело да се направи отстапка од неколку дена во однос на датумот за распуштање на парламентот. Но, ако во наредните денови немам известување дека е постигнат таков договор, подготвен сум лично јас, како пратеник, да го поднесам предлогот за распуштање на парламентот на 12 февруари”, изјави Џафери за „360 степени“.

Од опозициската ВМРО - ДПМНЕ пак, на ставот дека нема да поднесат амандмани како што побара министерката за правда Рената Дескоска и дека законот треба да го изготват експерти. Мицкоски преку социјалната мрежа „Фејсбук“ обвини дека власта се обидува да турка закон пред изборите, чиј вистински интерес е да се заштити по изборите од одговорност.

„Потребно е квалитетно законско решение а не онакво какво што власта турка на мала врата на само недела и пол пред распуштање на Парламентот. Затоа за ВМРО-ДПМНЕ, со цел да не се робува на суетата на одредени министри и стравот на Заев од одговорност, е прифатливо законско решение кое ќе го изработат и ќе произлезе од самата експертска јавност која беше вклучена во јавната дебата за законот за јавното обвинителство. Да дадеме шанса на професионализмот , знаењето и искуството на експертите и професорите, што ќе биде база за понатамошно усогласување. Да не креираме законско решение за заштита на партиските интереси на поединци, туку решение предложено од експерти кое ќе биде прифатливо за Собранието“ стои во партиското соопштение.

По последните најави од Франција и Холандија законот за јавно обвинителство стана еден од условите од кои ќе зависи одлуката на Самитот на ЕУ во март или Самиот на ЕУ – Западен балкан во мај дали на Македонија ќе и се даде датум за старт на предпристапните преговори.

Министерката Дескоска денеска имаше средби со претставници на помалите парламентарни партии за да издејствува договор и евентална поддрка при гласањето бидејќи се неопходни 80 гласа односно двотретинско мнозинство. Засега нема најава за нова средба на работните групи на кои треба да се услогласи текстот на законот, за да може да биде испратен во Владата на усвојување и потоа да влезе во Собраниска процедура. Единствен начин законот да се усвои до 11 февруари пред распуштањето на Парламентот е да биде со европско знаменце и по скратена постапка а неопходни се 80 гласа односно двотретинско мнозинство кое сеуште виси.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG