СКОПЈЕ -Поранешниот шеф на Агенцијата за Разузнување (АР), Наќе Чулев, ќе биде новиот министер за внатрешни работи во техничката Влада откако поппладнево опозициската ВМРО - ДПМНЕ соопшти дека тој е нивниот кандидат за функцијата.
Според ВМРО - ДПМНЕ, станува збор за професионалец со богато искуство и карирера, одличен познавач на безбедносните прашања и ново лице во политиката. Тој во моментов работи во Директоратот за разузнавање на меѓународен тероризам и организиран криминал во Агенцијата за разузнавање и е редовен предавач на Дипломатската академија на МНР.
„Во периодот од 2013-та до 2017-та година бил директор на Агенцијата за разузнавање. Од 2017-та до 2019-та генерален помошник на директорот на Агенцијата за разузнавање. Воедно во 2017-та година бил и предавач на Академијата за судии и јавни обвинители. Работел и како советник во Агенцијата, а бил и прв секретар во амбасадата на Република Македонија во Анкара Турција од 2003 до 2007 година“, соопштија од ВМРО - ДПМНЕ.
Во биографијата која беше доставена до јавноста стои дека Чулев ја поминал програмата за тероризам и безбедносни студии „Џорџ Маршал“ -Европски центар за безбедносни студии од Германија и Лондон Велика Британија, завршил обука и на Трансатланската академија (ТАСА) на Универзитетот Бон во Германија и сеусовршувал за трансформација на конфликти со мировни средства на „Софискиот Универзитет“ во Бугарија. Тој завршил обуки и доусовршувања во Велика Британија, Германија, Бугарија и други европски држави.
Од СДСМ потврдија дека Чулев како технички министер во министерството за внатершни работи е прифатлив за партијата бидејќи тој не бил униформирано лице и против него нема покренато обвиненија, со што се исполнети уставните критериуми.
„Со овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ, не се крши Уставот, не станува збор за воено или униформирано лице и не е под обвинение. Со тоа се исполнети условите предлогот да оди на гласање во Собранието заедно со целата преодна влада која треба да ги спроведе изборите на 12 април“, соопштија од СДСМ.
Првиот предлог на опозицијата на местото на Оливер Спасовски во МВР да застане полковникот Драган Ковачки беше одбиен од СДСМ бидејќи според партијата бил спротивно на Уставот, односно членот 97, каде што стои дека министерот мора најмалку три години пред да стапи на функцијата да биде цивилно лице.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ веќе ги соопшти и останатите кандидати за функционери во идната техничка Влада. Тоа се Рашела Мизрахи за министерка за труд и социјала, Цветан Трипуновски за заменик министер за земјоделие, Гордана Димитриеска Кочоска за заменичка министерка за финансии и Невенка Стаменковска Стојковски за заменичка министерка за информатичко општество и администрација.
Од СДСМ пак ја предложија досегашната министерка за труд и социјала, Мила Царовска, на местото навицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кој најави дека ќе се повлече од политиката а како дополнителни министри во МВР и во труд и социјала, досегашните шефови на кабинети наСпасовски и Царовска, Славјанка Петровска односно Санела Шкријељ.Кандидат за технички премиер на предлог на власта е министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.
На утрешната седница на Собранието треба да биде констатирана оставката на премиерот Зоран Заев и да биде изгласана новата техничка Влада која ќе има мандат до формирањето на Владата по предвремените парламентарни избори закажани за 12 април.
Facebook Forum