СКОПЈЕ - СДСМ и ВМРО - ДПМНЕ без договор околу составот на идната техничка Влада и по денешната тет а тет средба меѓу лидерите Зоран Заев и Христијан Мицкоски. Опозицијата го достави својот предлог за министер за внатрешни работи - полковник Драган Ковачки, офицер во АРМ, кој во моментов не извршува никаква командна функција. Изборот на опозицијата помина кај ДУИ додека кај СДСМ побараа време за дополнителни консултации бидејќи евентуалното именување би се косел со Уставот.
„Со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години“, стои во членот 97.
Премиерот Заев кажа дека не го оспорува предлогот на опозицијата, дека нема предрасуди за кандидатот но сепак станува збор за полковник во Армијата и затоа побара дополнителни внатрепартиски консултации. Одлуката дали Ковачки ќе биде прифатен или не, би била соопштена најверојатно во понеделник.
„Излегува дилемата дали Уставот тоа го дозволува, како и законот за АРМ и МВР, ќе ја консултираме стручната јавност. Верувам дека тоа не единствен кандидат. Уставот и законите треба да важат во државата. Затоа имаме уште неколку денови. Јас и нашите советници од двете политички партии сме на отворени линии ова прашање навистина да се изнедри во јавноста. Ја повикувам стручната јавност, да го искристализираме предлогот за да може на крајот да не испадне да доведеме некој во состојба спротивно на Устав да генерира и формализира предлози пред Собранието заради тоа што Собранието на крајот може да донесе и непријатна одлука заради тоа што таму се пратениците тие коишто конечно и одлучуваат“, рече премиерот Заев.
Лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, по средбата со Заев в Владата директно не го откри името на кандидатот, но потврди дека станува збор за воено лице во кое тој има полна доверба.
„Станува збор за нов во политиката, човек врвен професионалец, човек со исклучително богата кариера во службата онаму каде што досега работел и убедени сме дека ќе биде додадена вредност за безбедноста во нашата држава“, рече Мицкоски.
Од ДУИ пак соопштија дека го прифаќаат предлогот на ВМРО - ДПМНЕ. Претседателот на партијата, Али Ахмети, по средбата со Мицкоски која се одржа во Собранието кажа дека станува збор задокажан професионалец кој не бил познат како политички активист, ниту, пак, активен во цивилното општество.
„ Ги чув неговите информации внимателно при што тој даде предлог за министер за внатрешни работи и впечаток ми остави дека кандидатот што го избрале е кандидат со многу богата биографија и, според мене, ако се усогласат и со СДСМ тоа би било еден кандидат со искуство, ново искуство коешто според мое мислење би било добро за МВР, но и за ред и мир. Ќе го почекаме резултатот од средбата помеѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на опозицијата Мицкоски“, рече Ахмети.
Меѓу првите со реакција се јави министерката за правда, Рената Дескоска, која се повика на членот 97 од Уставот и ги критикуваше советниците на Мицкоски.
„Покрај толку советници од Правен, да пуштиш противуставен предлог?!“, напиша таа на социјалната мрежа „Фејсбук“.
Инаку кандидатот, полковник Драган Ковачки,има завршено повеќе високи школи и обуки во САД и Европа. Тој бил раководител на Воената служба за безбедност и разузнавање, има учествуваново мисии во Авганистан и во Ирак и е добитник е и на повеќе воени признанија.
Тој беше унапреден од поранешниот претседател Иванов и назначен за командант на Првата механизирана пешадиска бригада но таа функција ја обавуваше само неколку месеци бидејќи унапредувањата на Иванов, меѓу кои и на полковникот Ковачки беа поништени од новиот претседател Пендаровски.
На денешните средби меѓу премиерот Заев, Ахмети и Мицкоски се разговараше и за останатите кандидати на опозицијата во техничката Влада како и за евентуалната промена на изборниот модел во една изборна единица.
За преммиерот е клучно кандидатите на опозицијата да не сегонети или под обвинение на јавни обвинителства во државата.Мицкоски пак соопшти дека предлозите ќе бидат соопштени во понеделник , но претходно ќе имаат телефонска консултација со премиерот Заев.
Facebook Forum