Линкови за пристапност

Камчев: „Империја“ е креирана за да се случи „Рекет“


Тој посочи имиња на адвокати, судии и обвинители кои, според него, се инволвирани во изнудата, како и бизнисмени кои му давале пари на Јовановски, но, немале храброст да пријават

Орце Камчев денес се соочи со Катица Јанева и Бојан Јовановски во судницата во Кривичниот суд. Неколкучасовниот исказ беше полн со детали за случувањата во „Рекет“, начинот на кој му биле барани парите, притисоците од Јанева и Јовановски, но, и со информации за лица кои биле поврзани со „Рекет“, а кои според Камчев не се на обвинителната клупа.

Посочи и имиња на бизнисмени за кои тврдеше дека, исто така, му плаќале на Јовановски, но, немале храброст да ја пријават уцената.

Обвинителката Лиле Стефанова, судијката Весна Димишкова и нејзиниот брат, адвокатот Васил Димишков, се лицата за кои Камчев тврди дека учествувале во планот да се земат пари од него.

„Васил Димишков ми кажа дека сум под посебни истражни мерки. Ми побара 100 илјади евра. Ми понуди спогодба братот на истражната судијка која ја водеше истрагата против мене. Ми даде ценовник, кој потоа се поклопи со оној на Јовановски“, кажа Камчев, пред судскиот совет.

Тој во својот исказ тврдеше дека истрагата за „Империја“ е креирана од Јовановски и Јанева за да можат да го уценуваат.

„Накази“ и „хиени“ беа зборовите со кои тој ги опишуваше во исказот. За да биде ослободен и да се прекине истрагата, Камчев тврди дека требало да плати осум милиони евра или пет милиони, ако случајот „Империја“ заврши кај друг обвинител од Обвинителството за гонење на организиран кирминал.

„Ако има судски процес за `Империја` ќе докажам дека сум чист. Случајот `Империја` е отворен за изнуда на пари“, тврди Камчев.

Тој нагласи дека при распит во просториите на СЈО, Јанева му сугерирала дека тој мора да го заврши она што веќе го имал договорено со Јовановски.

Рекетот одлучил да го плати, бидејќи сметал дека нема друг излез во моментот поради положбата и моќта на Јанева, а парите намерно ги ставил во торба „Луј Витон“ бидејќи тоа го сакал Јовановски.

Каде се парите тврди дека не знае, но, сигурен е дека завршиле кај Јовановски.

„Ги ставив во `Луј Витон` за мајтап, списанијата одозгора за мајтап, му ги ставив парите во апоени од 50 евра за да се изнервира“, потенцираше Камчев.

Во детали опиша неколку средби со Јовановски на кои му биле нудени проекти кои ги одбил, а кажа и дека не една од средбите бил и министерот за здравство Венко Филипче, кој е негов пријател.

Во својот исказ тој посочи неколку бизнисмени за кои имал информации дека платиле стотици илјади евра на Јовановски за да не бидат негов таргет.

„Знам дека кај него платија `Тинекс` и `Пелистерка`, Жарко Луковски и Томче Главчев. Ама, тие не се одважија да го кажат тоа. Сите кои плаќале реклама во 1ТВ сите на некој начин биле гонети од тие луѓе“, рече Камчев.

Тензиите во судницата се јавија при вкрстеното испрашување од Јовановски.

Камчев тврдеше дека првиот кој дознал за рекетирањето бил поранешниот директор на УБК Горан Николовски, кој му рекол дека треба да ги чува сите снимки и хард дискови.

Истото го советувале и негови пријатели од Бугарија и од САД, кои имале слични искуства.

Откако ги платил бараните 1,5 милиони евра тој лично го информирал премиерот Зоран Заев кој, според неговото тврдење, бил шокиран, а потоа му кажал да го пријави случајот кај обвинителката Вилма Рускоска.

„Ова што го направив е голема заслуга на оваа држава еднаш засекогаш да се исчисти тоа зло што функционира во овој систем. Немојте да ги етикетираме сите судии и обвинители зборуваме за два три отсто“, рече Камчев по завршувањето на рочиштето.

Орце Камчев повторно ќе застане пред судскиот совет во текот на овој процес, но, овој пат како сведок на адвокаите на Катица Јанева, кои на денешното рочиште не го искористија правото да го испрашуваат.

На следното рочиште кое ќе се одржи на 10 декември, се оечкува да сведочи сопругата на Камчев, Ана Камчева, која денес не дојде во судница поради болест.

На првото рочиште на судскиот процес за случајот „Рекет“, кое се одржа во понеделникот, третообвинетиот Зоран Милевски ја призна вината.

Постапката против него беше издвоена, и тој е осуден на тригодишна затворска казна.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG