СКОПЈЕ -Три години затворска казна е првата пресуда изречена во случајот „Рекет“, а казната ја доби третообвинетиот Зоран Милевски кој се товареше за „примање награда за противзаконито влијание“ за кое Кривичниот законик предвидува казна од една до 10 години затвор.
Пред изрекувањето на пресудата неговите адвокати побараа условна казна а обвиниителката Рускоска пак, на вчерашното рочиште, побара од судскиот совет при изрекувањето на казната да ги земе во обзир сите олеснувачки и отженувачки околности.
„ Сметам дека е добра изречената казна и ќе одлучам дали ќе вложам жалба за висината на казната. Искрено, не очекував повисока казна затоа што е голем распонот на предвидената казна од една до десет години. Казната е таква со оглед на тоа дека е неосудуван, а најмногу затоа што призна вина“, изјави обвинителката Вилма Рускоска.
Бранителите на Милевски побараа притворот да биде укинат поради негови здравствени проблеми и на членови на неговото семејство, но судот одлучи тој да остане во куќен притвор се до правосилност на пресудата.
Адвокатскиот тим на Милевски најави дека ќе го искористи правото на жалба до Апелација бидејќи сметаат дека изречената казна е превисока.
На вчерашното прво рочиште на судскиот процес за случајот „Рекет“ Милевски, на изненадување на сите во судницата, ја призна вината.
„ Да виновен сум. Свесен сум за последиците и признанието не го давам под присила“, рече тој.
За разлика од него, првообвинетиот Бојан Јованоски и второобвинетата Катица Јанева се изјаснија како невини и го отфрлија обвинението против нив.
Судскиот процес продолжува во петок со сослушување на сведоци предложени од обвинителката Рускоска.
Facebook Forum