Линкови за пристапност

Јанева и Јовановски не чувствуваат вина, Милевски го призна делото – прво рочиште на судењето за случајот „Рекет“


Јовановски го прегледуваа лекари за да утврдат дали е способен да го следи процесот, Јанева порача дека е со крената глава и дека никој не треба да се плаши од „тресење од гаќи“, Милевски призна дека е виновен а Рускоска направи паралела со филмот „Чарлиевите ангели“

СКОПЈЕ –„Имаше еден филм „Чарлиевите ангели“. Имаше една госпоѓа Катица Јанева која влезе мислејќи дека никој ништо не и може. Но влезе во мрежата на самонаречената естрадна ѕвезда познат како „Боки 13“. Обвинителството ќе докаже дека тоа го сторила од алчност. Не се посрамоти само себе си, не ја злоупотреби функцијата специјален обвинител, туку ја предаде и довербата на граѓаните“, рече обвинителката Рускоска по завршувањето на првото рочиште од судскиот процес за случајот „Рекет“.

На обвинителната клупа во скопскиот Кривичен суд денеска седнаа тројцата обвинети во случајот „Рекет“ – Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.

Јанева и Милевски беа спроведени од нивните домови каде го издржуваат куќниот притвор, додека Јовановски беше донесен од истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари.

На самиот старт судијката Васка Николовска – Масевска даде пауза откако Јовановски се пожали на сериозни здравствени проблеми. Тој беше прегледан од лекарски тим кој утврди дека станува збор за стрес и заклучи дека е способен да го следи процесот.

По читањето на обвинителниот акт, на изненадување на присутните третообвинетиот Зоран Милевски ја призна вината.

„Да виновен сум. Свесен сум за последиците и признанието не го давам под присила“, рече тој.

Постапката против него, според процедурата, веднаш беше издвоена а пресудата ќе биде соопштена утре напладне. Милевски е обвинет за „Примање награда за противзаконито влијание“ за кое е предвидена казна од една до 10 години затвор.

Јовановски и Јанева пак се изјавснија дека се невини и го отфрлија обвинителниот акт.

„Одам со крената глава и секого можам да погледнам во очи. Придонесов во борбата со криминалот и корупцијата “, кажа Јанева на почетокот на своето воведно обраќање.

Таа ја обвини сега веќе поранешната колешка, Вилма Рускоска, дека го инстуриала обвинителниот акт и им порача на членовите на судскиот совет и поротниците дека не треба да се плашат од „тресење од гаќи“ алудирајќи на смс пораката која Рускоска ја испрати до судиите кои го укинаа притворот на Јанева и го замеија со домаше. Во своето обраќање таа говореше за работата на СЈО и нагласи дека е горда на тимот и на сработеното.

Јовановски, кој се изјасни како невин, во своето воведно обраќање кажа дека ќе се бори за да се утврди вистината и правдата „ до последната капка крв“.

Тој кажа дека по пет месеци чекање конечно може да проговори и нагласи дека ќе ја зборува само вистината. Се пожали дека бил мета на линч и етикетирање, случајот добил несреќно име – „Рекет“ а позадината се валкани политички игри кои паднале на неговиот грб. Најави дека ќе ги открие сите инволвирани во случајот и дека против нив ќе поднесе кривични пријави.

„Доволна беше сензацијата на употребата на моето име. Обвинителката постојано етикетира и сега со употребата на само наречената естрадна ѕвезда. Од кривично правен случај се претвори во случај на сензација. Мојот и животите на членовите на моето семејство беа загрозени. Се уништи еден медиум“, рече Јованоски.

Првообвинетиот кажа дека вистина ќе ја докаже преку снимките од безбедносните камери во неговиот дом кои ќе покажат каде и во чии раце завршила фамозната чанта „ Луј Витон“, од снимките во домот на бизнисменот Орце Камчев, во која беа половина милион евра.

Јовановски нагласи дека со обвинителката Рускоска се сретнал исто тоолку пати колку и со обвинетата Јанева.

Рускоска не негираше дека се сретнала со Јовановски но прецизираше дека тоа се случило два пати – еднаш кога гостувала во неговата телевизија и втор пат била на прославата на телевизијата.

Според обвинението мозокот на операцијата е Јовановски, кој користејќи го пријателството со Јанева успеал да ја убеди, за финансиски надомест, на осомничениот бизнимен во случајот „Имеприја“ - Орце Камчев, да му го укине притворот и замени со куќен и да му го врати пасошот. Милевски бил човекот кој посредувал меѓу Јовановски и сопружниците Камчеви. На средбите Јовановски ја потенцирал својата блискост со Јанева и влијанието врз неа, а на снимките кои ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“ можеше да се чуе и како Јанева, вклучена на звучник на телефонот, разговара со Камчев.
Во обвининението стои дека Јанева зела 50 илјади евра од рекетраните пари и добила мебел вреден 296 илјади денари од Јовановски.

Јовановски се товари за „Примање награда за противзаконито влијание“и за „перење на пари“ за кои Кривичниот законик предвидува казни од една до десет години затвор. Јанева пак се товари за злоупотреба на службената положба и овластување за кое минималната казна е три години затвор.

Судскиот процес продолжува во петок кога на барање на обвинителството, во својство на сведоци, ќе бидат сослушани сопружниците Камчеви.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG