Линкови за пристапност

Апелација и Обвинителство во судир поради куќниот притвор на Јанева


Обвинителката Рускоска најави истраги за судиите од Апелација кои одобрија куќен притвор. Од Апелација сметаат дека тоа е закана и грубо мешање во постапката. На иста линија е и Судскиот совет. Јавното обвинителство застана зад Рускоска – нејзината реакција се должи на моменталното разочарување

СКОПЈЕ – „Од гаќи ќе ве истресам цел совет“ е дел од пораката која вчера шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал, Вилма Русокска, ја испратила до судијата Јани Нича од Апелацискиот суд откако дознала дека Катица Јанева заминува во домашен притвор.

Пораката ги скара обвинителите и судиите.

Апелација денеска реагираше на постапката на Рускоска исто како и Судскиот совет кои сметаат дека поркај тоа што е недолично однесување, станува збор и за закана.

Токму затоа, утрово Апелација одржа вонреден колегиум на кој беа повикани претставници на Судскиот совет. Во соопштение до јавноста тие ја објавија целата содржина на пораката која Рускоска ја испратила до судијата Јани Нича.

„Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како Вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите“, гласи смс пораката.

Од Апелација сметаат дека однесувањето на Рускоска е користување на позицијата на јавен обвинител и обид да се наметне постоење на елементи на корупција во постапувањето на Кривичниот совет.

„Ваквото постапување на јавен обвинител претставува преседан во правосудниот систем со кое директно се нарушува угледот на судот, како и принципите на уставната поставеност на судската власт и слободното судиско убедување при донесување на судските одлуки, што во секој случај претставува кршење на Уставот, законите и Етичкиот кодексот на јавните обвинители. Токму ваквото недолично однесување на јавен обвинител кој раководи со Обвинителството за организиран криминал и корупција, истовремено, претставува директно влијание врз текот на водењето на судските постапки и грубо го нарушува принципот на независноста на судството, како многу важен сегмент на владеењето на правото, а токму тоа може да биде пречка за пристапување на нашата држава во ЕУ, на кое нешто се повикува обвинителката“, стои во соопштението на Апелација.

Сепак од судот не дадоа никакво образложение околу одлуката на трочлениот совет кој покрај судијата Нича го сочинуваа и Сафет Кадрии и Зоран Димитриевски, причините и фактите кои на кои се темели.

И Судскиот совет јавно ја осуди постапката на Рускоска.

„Ова е грубо кршење на принципот на еднаквост и рамноправност на учесниците во кривична постапка, влијание врз јавноста по однос на законитоста на судската одлука спротивно на Уставот и позитивните законски прописи, злоупотреба на правата во судска постапка, недозволено мешање и притисок врз судиите при донесувањето на судски одлуки и нарушување на угледот на судот и судската власт преку создавање на правна несигурност како еден од сегментите на принципот на владеење на правото“, велат од Советот.

Јавното обвинителство застана зад Рускоска. Станува збор за разочарување и моментална реакција а не мешање во работата на судската власт.

„Реакцијата на надлежниот јавен обвинител во предметот треба да се разбере како израз на моментално разочарување, по сознанието за донесената одлука во предмет во кој по опсежна предистражна и истражна постапка и поднесено обвинение, очекува судска разрешница. Јавното обвинителство во извршувањето на функцијата ја заштитува законитоста и се залага за почитување на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, принципот на владеење на правото и во таа насока обвинителството ќе ја продолжи соработката со надлежните институции и судски органи“, соопштија од јавното обвинителство.

Премиерот Заев денеска не го коментираше судирот меѓу судсот и обвинителството.

„ Не коментирам за обвинителката Русковска. Прибе во својот извештај вели политичарите да избегнуваат коментари за одредени постапки на судии, обвинители“, рече Заев.

Со рекација се јави и опозициската ВМРО – ДПМНЕ за кои станува збор за сценарио.

„ По вчерашното пуштање од притвор на Катица Јанева и збунетите реакции на Кацарска судот и Русковска обвинителството како да не знаат што се случува, очигледно е дека сето она што го видовме вчера е само театар и претходно смислено сценарио. Ослободувањето од притвор на Катица Јанева е воедно и срамно и смешно“, рече Димче Арсовски, портпарол на партијата.

Обвинителката Вилма Рускоска, која го води случајот „Рекет“ вчера за медиумите изјави дека е раволтирана од одлуката на Апелацискиот суд и постапките на судиите и побара објаснување на одлуката од Апелација.

Поранешната шефица на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) а сега второобвинета во случајот „Рекет“, Катица Јанева, од вчера се наоѓа во куќен притвор, во станот на нејзиниот син во центарот на Скопје.

Таа беше уапсена на 21 август кога и беше одреден притвор и беше спроведена во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари. Јанева и нејзините адвокати побараа да се укине приворот и да се замени со куќен, за што понудија гаранција од три стана, но Кривичниот суд барањето го одби.

„Рекет“ влегува во судница на 3 декември а на обвинителната клупа покрај Јанева ќе бида Бојан Јовановски – „Боки 13“ и Зоран Милевски.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG