Линкови за пристапност

„Рекет“ влегува во судница на 3 декември


Судскиот процес против обвинетите Катица Јанева, Бојан Јовановски и Зоран Милевски ќе го води судијата Васка Николовска - Масевска

СКОПЈЕ - Дваесет дена до почетокот на судскиот процес за случајот „Рекет“, случај кој предизвика многу внимание во домашната јавност. На 3 декември на обвинителната клупа во судница во скопскиот Кривичен суд ќе седнат тројцата обвинети,Катица Јанева, Бојан Јовановски и Зоран Милевски.

Од судот информираат дека предметот преку Акмис системот е распределен и дека процесот ќе го води судијата Васка Николовска - Масевска.

„Заради интерес на медиумите кои ја следат работата на судот, ја информираме јавноста дека предметот со КОК бр. 116/19 против Б.Ј., К.Ј. и З.М. согласно АКМИС – електронскиот систем е распределен кај судечки совет со кој претседава судија Васка Николовска - Масевска.Главната расправа по предметот е насрочена за 03.12.2019 година во 10:00 часот за што се доставени и покани до странките“, соопштија од Кривичниот суд утрово.

Обвинителниот акт во кој Јовановски се товари за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, Јанева за злоупотреба на службена положба и овластување а Милевски за примање награда за противзаконито влијание во петокот беше одобрено во целост, без право на жалба од обвинетите.

Шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска, го поднесе обвинението на 10 октомври. Според доказите кои таа и нејзиниот тим ги собраа, мозокот на операцијата е Јовановски кој користејќи го пријателството со Јанева успеал да ја убеди, за финансиски надомест, да му помогне на осомничениот бизнимен во случајот „Имеприја“ - Орце Камчев, односно да му го укине притворот и замени со куќен а потоа и да му го врати пасошот. Милевски пак е човекот кој ги договарал меѓу Јовановски и сопружниците Камчеви. На средбите Јовановски ја потенцирал својата блискост со Јанева и влијанието врз неа, а на снимките кои ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“ можеше и да се чуе и како Јанева уклучена на звучник од телефон разговара со осомничениот и уценуван бизнисмен Камчев.

Доказите кои ги има Рускоска покажуваат дека Јанева зела 50 илјади евра од рекетраните пари и добила мебел вреден 296 илјади денари од Јовановски. Останатите пари ги поделиле Јовановски и Милевски, но дали и колку се пронајдени и кај кого нема информации.

Јовановски и Јанева не дадоа искази во текот на истрагата така што својата одбрана за прв пат ќе ја презентираат на судскиот процес.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG