Линкови за пристапност

СЈО - Обвинителство без обвинители, без плати и без политичка поддршка


Деведесетина вработени во СЈО се оставени да се снаоѓаат како знаат и умеат. По приведувањето на Јанева, нема кој да им потпише исплата на плати, одмор, боледување и отказ. Тужба е една од опциите. Решението е Закон за јавнообвинителска служба за која владеачката коалција нема воља да го донесе

СКОПЈЕ – „Тажно е да се работи во СЈО. Тажно е да гледаш како згаснува една силна институција. Се е побавно, времето не поминува, фали адреналин...“, вака нашиот соговорник, службеник во СЈО, опишува како изгледа денес да работиш во Обвинителството кое до пред само неколку месеци беше симболот за правда и борба против корупцијата и криминалот на белите крагни.

Тој е еден од речиси деведесет службеници кои веќе два месеци немаат добиено плата бидејќи нема кој да ја потпише исплатата. Јанева е во притвор и го очекува судскиот процес а политичарите никаков да се договорат околу статусот на СЈО и евентуалниот избор на нов шеф. Освен обвинителите кои сега примаат плата од Обвинителството и истражителите кои се на платниот список на МВР, сите останати односно стручните соработници, истражувачкиот центар и техничкиот персонал се со речиси празни трансакциски сметки.

„ Не размислувам на отказ. На крајот на краиштата и да го дадам нема кој да го потпише. Но не размислувам во тој правец. Обврзана сум со договор до 15 септември 2020 година и ќе го испочитувам договорот до последен ден. И да нема струја, и да нема вода, јас повторно ќе доаѓам на работа.Сакам СЈО да продолжи, сакам да опстои. Јас сеуште верувам во тимот тука“, вели една од вработените во СЈО, која инсистира на анонимност.

А струја можно е и да биде исклучена бидејќи два месеци сметката не е платена и долгот кон ЕВН се зголемува. Од компанијата велат дека засега нема да го сторат тоа и имаат разбирање. Ако СЈО остане без струја, тогаш ќе биде загрозена безбедноста на комплетната документација, доказите и т.н. „бомби“ кои сеуште се во објектот. Видео надзорот нема да работи и единствено на што ќе може да се потпрат двајацата обвинители задолжени за контрола и бебзеност на документацијата, обвинителкте Ленче Ристоска и Елизабоета Јосифовска, е физичко обезбедување.

„Од Владата досега нема никаква иницијатива, контакт или барање за средба околу проблемот кој настана по разрешувањето на Јанева и инертноста на надлежните за назначуивање на нов шеф. Буџетот е одобрен но нема кој да потпише“, велат од канцеларијата на портпаролот на СЈО.

А проблемите со кои секојдневно се соочуваат службениците во СЈО се множат. Се користи „Црниот фонд“ за набавка на најсосновните средства и материјали неопходни за работа.

„ Не сме бесни, но размислуваме за тужба против државата пред граѓански суд. Спорот не може да го изгубиме а дополнителните пенали ќе паднат на товар на Буџетот однонсо граѓаните. Тоа не го сакаме. Но однос на надлежните е дегутантен“, велат нашите сопговорници од СЈО.

Законот за јавнообвинителска служба, кој како бајпас додека се чека на Законот за јавното обвинителство, ќе ја реши ситуацијата со вработените во СЈО. Во овој закон, кој уште во септември министерството за правда го достави до Собранието, стои дека доколку СЈО нема шеф, овластен потписник е Републичкиот јавен обвинител, во овој случај Јовески. Со ова би се деблокирало финансиското работење и на овој начин би можело да функционира ова обвинителство додека не се најде конечното решени.

Меѓутоа законот никако да стигне до дневен ред на седница на Собранието.

„ Се чувствуваме како казнети. Јасно е дека ова е политичка борба. И јасно е дека има опструкции. Доволно е дваесет пратеници да побараат да се стави точка на дневен ред на седница и јавноста да види кој е за а кој е против. Но и тоа не сакаат да го сторат. Законот мора да се донесе а заткулисните игри мора да престанат “, вели нашиот соговорник.

ДУИ бара овој закон да се донесе во пакет со Законот за јавно обвинителство кој со месеци е загалвен во преговорите меѓу тимовите на СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ и покрај настојувањата на меѓународната заедница да се донесе.

Од министерството за правда соопштија дека Законот е доставен во септември, е решение за моменталните проблеми и дека очекуваат тој да биде разгледан од пратениците.

„Овие измени беа испратени уште во месец септември. Очекуваме законот да се стави на седница. Со измените, републичкиот обвинител ќе добие овластување да одлучува за распределбата на вработените да потпишува плата или практично да го менува специјалниот јавен обвинител со сите овластувања во однос на вработените“, стои официјалната информација на правда.

Одговори на прашањето зошто го игнорираат законот и го одолговлекуваат неговото донесувње не добивме од СДСМ и ДУИ, а според неофицијалните информации на Гласот на Америка на македонски договорено е разговорите или преговорите меѓу двете партии по ова прашање да се водат на ниво на координатори но не и датум кога би почнале.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG