Линкови за пристапност

Обвиниението прифатено, Јанева чека на термин за старт на судскиот процес


Јовановски и Јанева не дадоа искази во текот на истрагата и својата одбрана за прв пат ќе ја презентираат на судскиот процес

СКОПЈЕ – Кривичниот суд го одобри обвинителниот акт на обвинителката Вилма Рускоска и нејзиниот тим за случајот „Рекет“ со што е отклонета и последната пречка за почеток на процесот каде на обвинителната клупа ќе седнат екс шефот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО),Катица Јанева, Бојан Јовановски - „Боки 13“ и Зоран Милевски – Кичеец.

Од судот соопштија дека обвинението е одобрено во целост, обвинетите немаат право на жалба а дополнително ќе биде определен датум за старт на судењето и судија кој ќе го води процесот.

„ Приговорите на осомничените се одбиваат како неосновани, а обвинителниот акт се одобрува во целост. Против ова решение, согласно одредбите до ЗКП, не се дозволува право на жалба. Отткако по одобрениот обвинителен акт ќе биде оформен кривичен предмет истиот согласно АКМИС системот ќе биде распределен на понатамошно постапување, а штом ќе биде закажан термин за одржување на јавна главна расправа, странките и јавноста ќе бидат известени“, информираат од Кривичниот суд.

Обвинителниот акт беше поднесен на 10 октомври. Според доказите кои ги имаат Русоска и нејзиниот тим, мозокот на операцијата е Јовановски кој користејќи го пријателството со Јанева успеал да ја убеди, за финансиски надомест, да му помогне на осомничениот бизнимен во случајот „Имеприја“ - Орце Камчев, односно да му го укине притворот и замени со куќен а потоа и да му го врати пасошот. Милевски бил човекот кој ги договарал меѓу Јовановски и сопружниците Камчеви. На средбите Јовановски ја потенцирал својата блискост со Јанева и влијанието врз неа, а на снимките кои ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“ можеше и да се чуе и како Јанева уклучена на звучник од телефон разговара со осомничениот и уценуван бизнисмен Камчев.

Доказите кои ги има Рускоска покажуваат дека Јанева зела 50 илјади евра од рекетраните пари и добила мебел вреден 296 илјади денари од Јовановски. Останатите пари ги поделиле Јовановски и Милевски, но дали и колку се пронајдени и кај кого нема информации.

Јовановски и Јанева не дадоа искази во текот на истрагата така што својата одбрана за прв пат ќе ја презентираат на судскиот процес.

Денеска во Апелацискиот суд требаше да се одлучува по жалбата на Јанева за укинување на притворот и замена со домашен за што достави гаранција во имот од три стана, но документацијата не беше комплетна и рочиштето се одложи.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG