Линкови за пристапност

„Залените“ бараат одговори за Дрисла


Дали во Македонија се увезува опасен отпад и дали тој се складира или спалува на единствената официјална санитарна депонија „Дрисла“?

Партијата на „зелените“ - ДОМ јавно побара одговор од надлежните институции: Министерството за животна средина и Управата и инспекторатите за животна средина, Министерството за економија, санитарната депонија „Дрисла“, и Царинската управа - дали меѓу причините за енормното загадување на воздухот над неколку градови низ Македонија е складирањето и горењето на опасен отпад?

„Како граѓани, мора да знаеме дали се увезува опасен отпад и дали тој останува во земјата, за да се складира на единствената официјална санитарна депонија ‘Дрисла’ или на некоја од многуте диви депонии? Дали се гори и каде, дали се употребува како гориво за некои од фабриките со А или Б-интегрирана дозвола, или за погони што работат со елаборати?“, беа прашањата на заштитниците на животната средина.

ДОМ побара од надлежните институции и да извршат внатрешна контрола на документацијата и на сопственото работење и јавно да и одговорат на македонската јавност. „Како граѓани, бараме да биде заштитен јавниот интерес и да се преземат итни мерки, преку измена на закони и подзаконски акти, или со санкционирање на евентуалните прекршители на постојната регулатива“.

Барањето на ДОМ уследи по реакциите на социјалните мрежи, на една објава на граѓанин, на приватен Фејсбук профил, според која, наводно, „монструозните политичари“ - „кратците кои се на власт и кратците кои беа на власт“, направиле шема „за правње пари на сметка на Македонците и на нивните семејства“.

Во непотврдената вест се тврди дека по цена од 110-130 евра по тон, со платен превоз до Македонија, до Косово и до Албанија, од Италија се увезува токсичен и радиоактивен отпад, како и дека дневно само во Македонија влегуваат и до 10 шлепери со таков отпад! Авторот на веста тврди и дека отпадот се спалува кога ќе почне грејната сезона, на повеќе локации и ги наведува наводните локации во Македонија - топлани, фабрики, железарница, рудник, енергетски комбинат...

По повод ваквите гласишта и жестоките реакции на граѓаните, Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина, денеска, „во врска со информациите за увоз, складирање и согорување на опасен отпад во државата и поврзаноста со квалитетот на воздухот, што во изминативе денови интензивно се објавуваат од одредени медиуми, ја информира јавноста дека станува збор за шпекулации и невистини“.

Според МЖСПП, важно е граѓаните да знаат дека увозот/извозот и транзитот на отпадот е строго контролирана процедура и ниту една пратка на отпад не може да помине на граничен премин без соодветна проверка.

„Тоа е регулирано со Законот за управување со отпад од 2004, каде се пропишуваат видовите на отпад, условите за извоз, увоз и транзит на отпад, методите за надзор над извозот, увозот и транзитот на отпадот, како и формата и содржината на образецот на дозволата. Законот ги пропишува процедурите и условите за добивање на дозвола за увоз, извоз и транзит на отпад во/од/низ РСМ, во зависност од видот на отпадот, неговото потекло, земјата на прифаќање и маршутата на транспорт и типот на третманот кој ќе се спроведе врз отпадот на местото на прифаќање“, се вели во демантот на МЖСПП.

Според надлежното Министерство во РСМ, е забранет увоз на отпад заради депонирање или складирање и дозволен е увоз само на отпад кој може безбедно да се преработи или рециклира во инсталација која поседува соодветна дозвола...

„Отпадот што се увезува во РСМ е главно отпадно железо, отпадна гума, пластична фолија и отпадни акумулатори (видови на отпад за кои постојат преработувачки капацитет во земјата кои поседуваат интегрирани еколошки дозволи)“, пишува во соопштението на .МЖСПП, кое тврди и дека “не е издадена ниту една дозвола за увоз на отпад кој не одговарал на карактеристиките, согласно со документите кои го пратат, ниту пак е издадена дозвола за увоз на отпад заради негово горење или депонирање“, како и дека „ниту една италијанска компанија, ниту било која друга компанија во РСМ нема добиено дозвола од МЖСПП за инсталации за горење и согорување на отпад“.

Министерството тврди и дека во санитарната депонија Дрисла, која е на само 14 километри оддалеченост од Скопје, се вршени редовни, вонредни и контролни надзори од формирањето на Инспекторатот во 1996 година до денес, дека е донесено решение со кое е задолжена депонијата за поставување нов филтер, што и било сторено.

Гласот на Америка на Македонски јазик денес побара став од извршниот директор на санитарната депонија „Дрисла“, Горан Ангелов, но тој најпрвин беше отустен од канцеларијата и ни беше одговорено дека ќе му биде пренесено нашето барање за да ни се јави, за на крајот на работно време, да ни биде соопштено дека се вратил на работа, но повторно заминал без одговор. Директорот Ангелов, и пред две години, по слични обвинувања, и по една контроверзна изјава на градоначалникот Петре Шилегов за можно присуство на радиоактивен отпад на „Дрисла“, ја уверуваше јавноста дека поранешниот италијански сопственик на депонијата не увезувал отпад во Македонија, дека имало само обид, но дека надлежното Министерство не го доволило тоа.

Од друга страна, уште пред еден месец, на 7 октомври, и АД Електрани на Северна Македонија демантираше дека во термоелектраните за производство на електрична енергија во Битола и во Кичево се гори отпад, тврдејќи дека се работи за „лажна вест“.

„Наведениот текст е целосно невистинит и содржи лажни информации за нашата компанија, со кои се нарушува угледот на најголемиот производител на електрична енергија во државата, а исто така, се вознемирува населението, особено жителите во близина на нашите производни капацитети“, пишуваше во реакцијата на АД Електрани на Северна Македонија.

Според демантот, „сите засегнати страни можат да ги посетат термоелектраните во Битола и Кичево, да го видат процесот на производство на електрична енергија и да консултираат експерти, кои „ќе потврдат дека во термоелектраните не е возможно да се согорува и не се согорува ништо друго освен јаглен“.

Денеска, на презентацијата на Третиот преглед на состојбите со животната средина, новинарите се обиделе да добијат изјава и од најповиканиот функционер, министерот за ѓивотна средина Насер Нуредини, но тој им одговорил само - со насмевка, продолжувајќи ја „традицијата“ на ова Министерство, да иодговара на јавноста, само преку однапред примени новинарски прашања.

Според ТВ 21, министерот Нуредини на новинарите само кусо им порачал дека „краткорочно треба да забраниме екстра-производство. Индустријата треба да биде подобро контролирана, ќе ја контролираме подобро, ќе разгледаме различни компании, за контрола на фирмите за лиценца А и Б и ќе направиме сè што е потребно и што можеме краткорочно. Долгорочно, ова е сложено прашање и ќе работиме на тоа“.

Министерот не можел да им даде на новинарите ни точна бројка на изречените казни за загадувачите: „Ќе се одржи координирана средба во петок, секако ќе бидете известени за тоа, побаравме извештај од сите инспекторати и ќе имаме транспарентен извештај кој ќе биде објавен за сите и ќе кажеме колку казни се изречени и дали инспекторите си ја вршеле работата“.

XS
SM
MD
LG