СКОПЈЕ- Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение за случајот „Рекет“ во кое се опфатени три лица - Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски. Од обвинителството велат дека Јанева зела 50 илајди евра од парите добиени од Орце Камчев а останатите ги поделиле Јовановски и Милевски
„ До Основниот кривичен суд е поднесен Обвинителен акт против три лица, македонски државјани. Две од обвинетите лица се теретат дека сториле кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“, а на првообвинетиот му се става на товар и кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Второобвинетото лице се терети дека сторило кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“,соопштија од Обвинителството.
Според доказите кои ги имаат Русоска и нејзиниот тим, мозокот на операцијата е Јовановски кој користејќи го пријателството со Јанева успеал да ја убеди, за финансиски надомест, таа да му ја олесни положбата на осомничениот бизнимен во случајот „Имеприја“ - Орце Камчев, односно да му го укине притворот и замени со куќен а потоа и да му го врати пасошот. Милевски бил човекот кој ги договарал меѓу Јовановски и сопружниците Камчеви. На средбите Јовановски ја потенцирал својата блискост со Јанева и влијанието врз неа, а на снимките кои ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“ можеше и да се чуе и како Јанева уклучена на звучник од телефон разговара со осомничениот и уценуван бизнисмен Камчев.
„Првообвинетиот искористувајќи ги претходно воспоставените пријателски односи влијаел врз второобвинетата, при спроведувањето на истражна постапка во предметот со работен наслов „Империја“, да ја олесни положбата на сведокот кој во предметот е еден од осомничените и на кого по предлог на јавниот обвинител му било определена мерка притвор. Третообвинетиот битно придонел за извршувањето на кривичното дело со договарање на континуирани средби на првообвинетиот со сопругата на сведокот, а подоцна и со сведокот, притоа уверувајќи ги во неговото влијание врз јавниот обвинител“, стои во соопштението на Обвинителството.
Првата рата, 500 илјади евра, Јовановски ги зел од сопругата на Орце Камчев а Јанева, според договореното, побарала да му се укине притворот. По исплаќањето на втората рата, еден милион евра, Јанева му го враќа пасошот на Камчев со што тој може слободно кога сака да ја напушти државата иако е под истрага токму од обвинителите на СЈО.
Доказите кои ги има Рускоска покажуваат дека Јанева зела 50 илјади евра од рекетраните пари и добила мебел вреден 296 илјади денари од Јовановски. Останатите пари ги поделиле Јовановски и Милевски, но дали и колку се пронајдени и кај кого нема информации.
„ Првообвинетиот иако невработен, со блокирани трансакциски сметки и без приход, на почетокот на оваа година купувал за себе луксузен мебел, облека и обувки и престојувал во луксузни летувалишта – ресорти надвор од нашата земја што упатува дека ги пуштил во оптек паричните средства што ги прибавил со кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание“, соопштуваат од Обвинителството.
Јанева утрово беше префрлена во клиниката „Жан Митрев“ каде е задржана на лекување поради висок притисок и влошена здравствена состојба.
Јовановски и Јанева не дадоа искази во текот на истрагата така што својата одбрана за прв пат ќе ја презентираат на евентуалниот судски процес.
Кривичниот суд пак денеска го прифати барањето на Обвинителството и и го одзеде пасошот на пратеничката од СДСМ и потпретседател на Собранието, Фросина Ременски, која е осомничена во делот од истрагата во случајот „Рекет“ која се однесува на финансиското работење на невладината организација на Јовановски - „Меѓународен сојуз“.Ременски не смее да го напушти Скопје и еднаш неделно мора да се јавува во Судот.
„ Ценејќи ги фактите и доказите во предлогот како и исказите на осомничените лица, судија на претходна постапка донесе решенија со кои го прифати предлогот и на осомничените Ф.Т.Р. и М.Ј. им определи мерки согласно член 146 ст.1 т.1,2 и 3 од ЗКП односно, Забрана зе напуштање на живеалиште односно престојувалиште, Обврска на обвинетиот да се јавува повремено на определено службено лице во судот и Привремено одземање на патната и друга исправа за преминување на државната граница, додека за Х.Б. мерка за претпазливост согласно член 146 ст.1 т.3 - Привремено одземање на патната и друга исправа за преминување на државната граница“, соопштија од Кривичниот суд.
Ременски по распитот пред судија на претходна постапка изјави дена не се чувствува виновна и нема намера да се повлече од функцијата пратеник. Од СДСМ, најавија дека ќе ги замрзнат сите нејзини партиски функции и активности.
Ременски, која е почесен претседател на „Меѓународен сојуз“ е осомничена заедно со Миле Јовановски, Бојан Јиовановски , Јасна Мандиќ и Христина Блажевска. Истрагата се однесува на речиси еден милион евра кои се уплатени од две фирми за проект за изградба на старечки домови.
Facebook Forum