Линкови за пристапност

Премиерот Заев за Гласот на Америка: Да го решиме прашањето за Јавното обвинителство до 15 октомври


Премиерот Заев за Гласот на Америка: Да го решиме прашањето за Јавното обвинителство до 15 октомври
please wait

No media source currently available

0:00 0:10:20 0:00

Премиерот Заев за Гласот на Америка: Да го решиме прашањето за Јавното обвинителство до 15 октомври

Идната недела би бил спремен да се сретнам и со шефот на опозицијата. Ако направиме исчекор водени од интересите на државата, можеме да постигнеме договор, вели за преговорите за ЈО, премиерот Зоран Заев во интервју за Гласот на Америка на македонски

Премиерот Зоран Заев е оптимист дека до 15 октомври, кога се очекува одлука на министрите на ЕУ за доделување датум за преговори за членство во Унијата, ќе биде постигнат и договор за јавното обвинителство. Тој во интервју за Гласот на Америка вели и дека не би сакал да зборува за предвремени избори, најдоцна до крајот на октомври 2020 година. Смета дека треба да им се остави на граѓаните да почувствуваат бенефит од, како што ги нарекува, големите интеграциски договори за НАТО и ЕУ.

Глас на Америка: Ја претставувате нашата земја првпат како Северна Македонија. Како тоа влијае во меѓународните односи?

Заев: Привилегија е да бидете во својство на земја што е почитувана и признаена од сите. Се спомнува во говорот на генералниот секретар на Обединетите нации, на многумина лидери што се обратија овде. Чувството е пријатно. За сите претставуваме позитивен пример како низ дипломатија и дијалог се решаваат вакви отворени и чувствителни прашања.

Имавме средби од ЕУ и земји што е од наш стратешки интерес, како што е Азербејџан поради гасификацијата која преку интерконекторот во Грција треба да ја донесеме во Република Северна Македонија.

Имавме пријатна средба и со грчкиот премиер и со сите оние што се важни за одлуката на Советот на Европската унија. Сите се позитивни и се надева дека конечно ќе ја добиеме и толку долго очекуваната позитивна одлука за датум за почеток на преговорите со Европската унија.

Глас на Америка: Ја спомнавте средбата со грчкиот премиер. Таа предизвика големо медиумско внимание, при што во дел од извештаите беше кажано дека вашиот грчки колега нагласил забрзана имплементација на договорот од Преспа, што опфаќа и регулација на трговските марки. Што значи тоа?

Заев: Тоа е дел од обврските на договорот. Констатиравме дека Договорот е донесен и дека сега треба да го реализираме, низ него да го градиме пријателството, да ја јакнеме економската соработка. Зборувавме и за меѓународната комисија за марките на самите производи, за потеклото на самите производи и ние инсистираме тоа да се реши побрзо. Имаме и идеи по ова прашање. Задоволни сме што сакаат да разговараме во делот на ваквите сè уште отворени прашања, коишто се обврска од договорот.

Но, зборувавме и за граничните премини, за интерконекторот, за економската соработка, за тоа како бизнисмените од Република Грција можат да најдат свој интерес во Република Северна Македонија, од којшто бенефит би имале двете земји. Тие се начините да го унапредиме пријателството, коешто веќе го утврдивме низ договорот во Преспа. Моите чувства се пријатни, задоволен сум од оваа прва средба. Видов одговорност и кај премиерот на Грција, дека води грижа за својата земја, дека сака да оди напред.

Глас на Америка: Преговорите околу јавното обвинителство никако да мрднат од мртва точка. Опозицијата бара таа да го предложува јавниот обвинител. Што е вашиот одговор кон тоа барање?

Заев: Деталите се веќе познати во јавноста. Нема да зборувам за други детали зашто сакам да се постигне договор. Ако зборуваме на микропалн и детали, тогаш можеме и да нарушиме одредени настојувања на двете страни за постигнување договор. Тоа што меѓународната заедница го бара од нас е гаранција на иднината на предметите. Таа е загарантирана и од нас се очекува договор што ќе може да ја дозагарантира таа иднина на предметите од специјалното јавно обвинителство, како и капацитетите на самото СЈО, а тоа се јавните обвинители, службите, стручните соработници и сте што работат. Тоа е институцијата, тоа е капацитетот што треба да има своја иднина.

И, вториот дел, е домашната јавност, што е исто така многу важно. Но, сите заедно очекуваат договор којшто ќе ја догарантира иднината на сите овие аспекти, а нема да ги наруши. Договорот е поставен во своите црвени линии, така што не е дозволиво политичарите да направат нешто со што би се нарушила иднината на предметите од Специјално обвинителство, како и иднината на сите што го претставуваат капацитетот на тоа обвинителство во коешто Република Северна Македонија има вложено сериозни ресурси. Треба да го користи во иднина тој свој капацитет. Јас се надевам дека ќе изнајдеме решение, покажавме демократска зрелост, понудивме Обвинителство за гонење на висока корупција. Како секаде во регионот, така и во нашата земја има потреба од таква работа, каде што на предлог на опозицијата би се предложил обвинителот. Верувам дека и тука ќе продолжиме да разговараме. Начинот на изборот, која е гаранцијата дека може да се избере таква личност, како изборот би се одвивал побрзо, како ќе биде воспоставено тоа обвинителство, што со предметите поврзани со висока корупција преку тоа обвинителство или преу други обвинителства. Тоа се темите на разговор. Верувам дека ако направиме исчекор водени од интересите на државата, на нашиот народ, можеме да постигнеме договор.

Глас на Америка: Временска рамка за да се постигне договор?

Заев: Очекувам дека штом се вратам веќе ќе има нешто подготвено од работните групи, од преговарачите од двете страни. Идната недела би бил спремен да се сретнам и со шефот на опозицијата или самите работни групи да направат една средба. Тоа значи дека пред министерскиот совет (на ЕУ), некаде 15ти, 16ти (октомври) е убаво да го решиме ова прашање. Секако, никогаш не е доцна за такво решавање, но со самото решение ќе испратиме уште една порака за нашата политичка и демократска зрелост дека навистина и она што не е дел од извештајот за нашата земја, сепак наоѓаме начин да го надминеме.

На крајот, важно е за нас дома. Да го решиме, за да знаеме дека и понатаму имаме гаранција за независност на правната држава, обвинители коишто ќе тераат истраги што ќе бидат важни, за да го покренеме и економскиот стандард на граѓаните.

Глас на Америка: Во неодамнешното сведочење, поранешниот разузнавач Верушевски рече дека материјалите од прислушуваните разговори биле модифицирани и манипулирани. Што се случувало?

Заев: Јас имам, буквално, на дневна основа разговори со моите советници, така и со советникот за национална безбедност, господинот Верушевски. Треба да оставиме второто рочиште да ги каже вистините за ова прашање. Тој во својата разочараност за ова што се случи во Специјалното обвинителство, конвергира на ваквите зборови и употреба. Секако, автентичноста на разговорите никој ја нема оспорено од сите обвинети лица во судот. Форензиката ги потврди разговорите и, прво, да нема дилема за никој во функција на тоа. И, втората дилема, којашто се јавува овде, како тоа господата Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски дале информација дека материјалите се предадени на Верушевски, а Верушевски вели, на Социјал демократскиот сојуз, вистината е иста. Тие се предадени на Социјал демократскиот сојуз, но задолжено лице во СДСМ е шефот на Комисијата за безбедносни политики на СДСМ, Зоран Верушевски. Така што, тој го гледа повеќе формалниот аспект. Да оставиме вториот дел, на 10 октомври, кога е продолжението на испрашувањето на господинот Верушевски во својство на сведок, да биде сè јасно за граѓаните и за државата.

Глас на Америка: Премиере, за крај, опозицијата спомнува предвремени избори. Дали би имало?

Заев: Регуларен и стандарден политичар би рекол вака: Еве, ЕУ - ќе успееме, Нато – ќе успееме и веднаш треба да одиме на избори, да ја победиме опозицијата и да добиеме уште еден мандат.

Сето тоа што го сработивме е за државата, заради граѓаните. Верувам дека треба да оставиме до последен месец, до последна недела, до последен ден имплементација на позитивните ефекти од големите договори. Пред сè мислам на интеграциските договори. Секаде во земјите во регионот донеле економски бенефит, ќе донесат и кај нас.

Затоа, нашите аргументирани ставови се, крајот на октомври 2020 година. Опозицијата вели предвремени. И тогаш се предвремени изборите. Но, дефинитивно треба да оставиме тој период да го почувствуваат граѓаните. Заслужија граѓаните, после сите овие тешки и сериозни одлуки, заради гаранцијата на добрата интеграциска иднина на нашата земја да почувствуваат економски благодет. Верувам дека ние ќе победиме и сега, а верувам дека ќе победиме и тогаш. Веројатно и господинот Мицкоски негува такви надежи, но тоа е прашање и работа на граѓаните. Прво ние да ја сработиме нашата работа, како што е најдобро за граѓаните, а после тоа да одиме на избори. Така што, прво не би разговарал на оваа тема сигурно додека не се заокружи одлуката за Европската унија и одлуката за НАТО. Тука сум, спремен сум, јас сум човек што отвора дијалог, разговара за сè, но тоа се аргументите. Ако некој ги побие таквите аргументи, јас сум спремен да слушам и заедно да работам со сите други. Но, дефинитивно, аргументите што се од наша страна, верувам дека се цврсти, дека се сериозни и дека се исклучиво во интерес на граѓаните.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG