Линкови за пристапност

Американските волонтери допатуваа во Северна Македонија


Педесет и шест Американци од 24-тата, најбројната досега, група на Мировниот корпус (Peace Corps), пристигнаа на скопскиот аеродром

„Ова е најголемата група волонтери во историјата на Мировниот корпус во Северна Македонија. Од година во година, бројот на волонтери сè повеќе се зголемува. Ова го покажува големиот интерес што постои кај Американците да служат во Северна Македонија“, изјавил на пречекот на американските волонтери на скопскиот аеродром, директорот на Мировниот корпус во Северна Македонија, Марк Ханафин.

Како дел од соработката на американската владина организација Мировен корпус со македонските министерства за образование и наука, за труд и социјална политика и за локална самоуправа, Американците две години ќе престојуваат во градови и во рурални населби ширум Македонија, ангажирани како предавачи по англиски јазик во училиштата и дефектолози во дневните центри за лица со посебни потреби, но ќе соработуваат и со локалните заедници во сферата на нивниот развој и во разни невладини организации.

Канцеларијата на Мировниот корпус во Македонија е основана во 1996 година, по покана на македонската Влада, и за 23 години, околу 800 американски волонтери соработувале со над 500 македонски наставници и едуцирале над 100.000 ученици, работејќи во партнерство со повеќе од 400 македонски организации: училишта, општини, граѓански здруженија и државни институции за да помогнат во развојот на заедниците низ земјата.

По повод отворањето на Повикот за аплицирање за волонтери за 2018 година, тогашниот амбасадор на САД во Македонија, Џес Бејли, истакна дека „волонтерите не го претставуваат само најдоброто од САД, туку и го враќаат во САД – најдоброто од Македонија, градејќи ги мостовите - ‘човек кон човек’“.

Мировниот корпус кој е основан во 1961 од претседателот Џон Ф. Кенеди, во Македонија потпиша Меморандуми за разбирање со министерствата за образование и науки, за локална самоуправа и за труд и социјална политика, како и со Агенцијата за млади и спорт и со неколку невладини организации.

Како признание на значајниот придонес и посветеноста на волонтерите и персоналот, претседателот на Република Македонија му додели на Мировниот корпус Медал на заслуги во 2014 година.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG