Линкови за пристапност

Чекавме пациенти кои никогаш не дојдоа


Пожарникарот Коернер за нападите на 11 септември: Чекавме пациенти кои никогаш не дојдоа
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:43 0:00

Пожарникарот Фред Бад Коернер се сеќава на нападите на 11 септември, и на обидите да ги спаси повредените во Пентагон

Не треба да биде 11 септември, за да се потсетам на 11 септември, вели пожарникарот Фред Бад Коернер, сеќавајќи се на терористичките напади во САД, при кои загинаа 3.000 лица.

Коернер поминува покрај Пентагон, секој ден, 18 години по нападите.

Времето не променило ниту една слика што тој ја видел на 11 септември. Сеќавањата станале секојдневие.

„Дури и само да го слушнам зборот Пентагон не можам да останам рамнодушен. Едноставно се смрзнувам. Невозможно е да не реагирате, дури и со сите промени и обнови што се направени на зградата низ годините“, вели тој во интервју за Гласот на Америка.

Коернер бил распореден да им даде медицинска помош на повредените. Без телефонска комуникација и радио врска, заедно со колегите успеале да направат болнички камп пред Пентагон кој, како што вели тој, од огнот се топел пред нивните очи. Но, набргу сфатиле дека се` е залудно.

„Чекавме пациенти кои никогаш не дојдоа. Дознавме дека оние што останале живи добиле помош во првите десет минути. Беше страшно, но, конечно почнавме да сфаќаме дека нема да имаме пацинети, бидејќи сите беа мртви“, се сеќава тој.

На крајот, како пациенти завршиле неговите колеги, кои го гаселе огнот внатре во Пентагон. Примале инфузија и кислород за да се повратат, но, недостигот на вода станал сериозен проблем.

„Се сеќавам дека видов фрижидер во кој имаше кока - кола. Буквално ја зедовме опремата и почнавме да го кршиме додека не ги извадивме сите лименки. А кога тие беа испиени, луѓето одеа наоколу и ги собираа сега празните лименки, за да наполнат капки вода од чешма“, објаснува Коернер.

Тој и неговите колеги трипати биле евакуирани поради информација дека друг авион е на пат да удри во Пентагон.

Ова чувството на страв и неизвесност, вели тој, само се зголемувало со сликата на покриени мртви тела, чад и оган. Некаде пред полноќ ситуацијата почнала да се смирува.

Пред да замине Коернер погледнал наоколу.

„Пред мене се отвори море од знаменца“, рече тој.

Бели знаменца кои истражителите ги поставиле покрај се` што можело да се смета за доказ. Независно дали било дел од авионот или нешто поврзано со патниците.

Денес Коернер е на работа, за разлика од првите пет години кога на 11 септември секогаш седел дома. Имал страв дека нешто лошо ќе се случи.

„Едноставно не поминува. Никогаш нема да заборавам“, рече тој.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG