Линкови за пристапност

Лидерската средба неуспешна, нема договор за Законот за јавно обвинителство


Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања зошто и по седум часа преговори повторно не беше најдено решение и согласност за новиот Закон за јавно обвинителство со кој треба да се реши статусот на СЈО, специјалните обвинители, предметите и доказите -т.н. „бомби“

СКОПЈЕ - Седум часа траеа преговорите меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО - ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски и нивните преговарачки тимови во Уставната сала во Собранието но договор за Законот за Јавно обвинителство не е постигнат. Со тоа пропаѓа и овој обид да се најде решение за статусот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и неговите предмети, истраги и докази. Двете страни останаа цврсто на своите ставови околу можното решение и речиси и да нема никакво доближување освен взаемна согласност дека СЈО веќе речиси и да не постои. Клучната пречка е именувањето и назначување на шеф на Обвинителството за организиран криминал во кое би се инкорпорирало СЈО, истрагите отворени по истекот на рокот, 30 јуни 2017 година предвиден со Пржинскиот договор и користењето на т.н. „бомби“ како докази.

Обвинувања за пропаднатите преговори доаѓаат од двете страни. Според владеачката СДСМ, опозицијата опструира бидејќи се обидува да се спаси од гонење додека ВМРО - ДПМНЕ обвинува дека власта го блокира изборот на шеф на Обвинителството за да спречи независна и темелна истрага за скандалот„Рекет“.

Премиерот Заев соопшти дека е разочаран од исходот на средбата и дека барањата на опозицијата биле против секоја логика.

„ Разочаран сум од исходот на лидерската средба. Имав некоја надеж дека е можно да ја сменат матрицата и да излезат од заложбите на своите претходници. Се потрудивме да излеземе во пресрет, но ВМРО-ДПМНЕ единствено бара предметите на СЈО да дојдат под нивна контрола, да запрат сите предистраги и истраги, криминалот да го заташкаме. Тоа не смееме да го дозволиме“ рече Заев и додаде дека неговиот став е јасен - предметите од СЈО мора да продолжат да се процесуираат.

По завршувањето на средбата, прв со став се јави членот на преговарачкиот тим на опозицијата, Антонио Милошоски, кој инаку е под истрага на СЈО. Тој на социјалната мрежа „Фејсбук“ напиша дека преговорите пропаднале бидејќи власта сака по секоја цена да се заштити во случајот „Рекет“.

„Договор за нов Закон за обвинителство можеби и ќе се постигнеше доколку премиерот Заев не беше токолу нервозен во врска со предметот "Рекет", што не може да прифати ниедно системско решение за висока корупција во кое друг професионален обвинител би имал увид во овој мега-скандал, освен владино-подобната обвинителка Вилма Рускоска. Таквото однесување остава сомнеж дека хиерархијата на соучесници и организатори во "Рекет" е многу повисоко во власта, од улогата која во овој криминал ја имала осомничената Катица Јанева“, напиша Милошоски.

Во меѓувреме партиските препукувања, преписки и обвинувања продолжуваат со засилено темпо.

Според СДСМ, Мицкоски единствено се обидувал да ги спаси сите обвинети и осомничени од неговата партија од кривично гонење.

„Додека сите граѓани очекуваа договор во интерес на правната држава, Христијан Мицкоски на вчершаната лидерска средба безобразно и во груевистички стил го бранеше криминалот на режимот барајќи сите предмети од СЈО да ја изгубат својата иднина. Тимот на СДСМ предводен од претседателот Заев им понуди формирање нова обвинителска институција која ќе гони висока корупција за сите нови случаи за да се гарантира правната држава, но нив тоа не ги интересираше бидејќи бараа единствено бегство од законот за сите обвинети од нивната режимска структура. Предлогот беше прв човек на таа нова обвинителска институција да предлага опозицијата, но и тоа ВМРО-ДПМНЕ го одби“, стои во соопштението на партијата.

Од опозициската ВМРО - ДПМНЕ со контра обвинувања - премиерот Заев се обидува да се амнестира себе си и најблиските соработници од одговорност преку носење на неуставни закони.

„Целиот октопод мора да биде разоткриен и санкциониран. Зоран Заев и СДСМ ги интересира само како да спасат жива глава и да бидат амнестирани за злоделата што целата јавност ги виде. Зоран Заев и СДСМ се подготвени да носат неуставни закони, спротивно на европската пракса и меѓународните конвенции за да се амнестираат од одговорност. Зоран Заев и СДСМ сакаат конфузни и неодржливи решенија само за да може на мала врата да си заминат од функција неказнети“, соопштија од партијата.

Владиниот Предлог закон за Јавно обвинителство предвидува СЈО да се инкорпорира во Обвинителството за гонење на организиран криминал. Сепак нејасно е што би се случувало со специјалните обвинители кои би требало да се вратат во своите матични обвинителства, предметите, истрагите и доказите.

Шефот на СЈО, Катица Јанева која е во притвор и пред разрешување, ги предаде предметите и овластувањата на СЈО на државното обвинителство. Судските процеси кои ги води СЈО во моментов се запрени бидејќи обвинителите од СЈО веќе немаат надлежност на предметите. Останува нејасно како ќе се изврши трансферот на предметите и истраги од СЈО во ЈО и кој ќе биде надлежен да го надгледува и потпише примпредавањето на обемната документација и докази.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG