Линкови за пристапност

Македонија слави 28 години независност и самостојност


Македонија денеска го слави Денот на независноста – 8 септември. Пред дваесет и осум години беше спроведен успшениот референдум на кој граѓаните со оргомно мнозинство одлучија Македонија да биде самостојна и суверена држава.

СКОПЈЕ – Прославата на денот на независност почна вчера, традиционално, со плотуни од касарната „Илинден“. Високи владини и паертиски делегации оддадоа почит на делото на починатите претседатели на државата Киро Глигоров и Борис Трајковски а централната прослава, под мотото „Боите на независноста“ се одржа во Градскиот парк во Скопје.

Тука се обрати и премиерот Зоран Заев, од популарната „Школка“ за која нагласи дека има симболика.

„Дваесет и осум години по независноста, оваа наша земја конечно се отвора. Македонскиот бисер од школката почнува силно да сјае. Од држава со многу проблеми, сега сме позитивен пример кој другите сакаат да го следат. Гордост европска. Пријатели сме со сите, ја зајакнуваме соработката. Не треба да им подлегнеме на емоциите. Ако рационално размислиме, ништо не губиме. Од нас зависи колку ќе постигнеме во иднина “, рече премиерот.

Заев порача дека сега нашата држава е пример кој другите сакаат да го следат и повтори дека со Договорот од Преспа на земјата и се отвори патот кон евроатланските и европските аспирации и се гарантира и јакне иденитетот.

„Јазикот се користи слободно секаде, нашиот идентитет е потврден и зајакнат. Нашето државјанство е македонско. И денеска и во секоја наредна прилика упатувам благодарност до сите наши сограѓани, што покажаа другарско и братско разбирање. Овие мостови кои ги градиме денес се крвоток на нашата заедничка иднина" рече Заев.

Тој нагласи и дека должности одговорностна сите граѓани и политичари е да ја обликува иднината на државата.

Претседателот Стево Пендаровски, по повод Денот на независноста, порача дека треба заеднички да градиме држава за сите и општество ослободено од предрасуди. Тој нагласи дека за да се постигне целта потребно е да се обнови единството преку да има граѓанско помирување

„Низ годините имавме и подеми и падови, и грешки и успеси, но, заедно, ги надминавме сите искушенија. Во 1991-та одбравме независност, во 2001-та меѓуетнички соживот. Денес сме пред портите на европските и евроатлантските институции. За да стигнеме до целта, треба повторно да го обновиме единството што го имавме на почетокот на независноста. За тоа ни е неопходно граѓанско помирување, а за трајно помирување потребна е ефикасна правда и државни институции со интегритет. Нашата различност е нашата привилегија. Колку поразлични сме, толку побогат и поубав ќе биде нашиот заеднички дом. Да градиме заеднички држава во која сигурно има место за сите нас, да градиме општество ослободено од предрасуди. Само таква држава ќе има сигурна и просперитетна иднина“, рече претседателот Пендаровски во неговото видео обраќање.

Опозициската ВМРО – ДПМНЕ, во честитаката упатена до граѓаните порача дека сега повторно е време кога треба да се покаже и докаже со дела љубовта кон татковината.

„Овие турбулентни времиња, кога се оспорува македонскиот идентитет, јазик и историјата, докажуваат дека борбата за Македонија никогаш не завршува. Секоја генерација има своја битка и свои победи кои треба да ги извојува. На оваа генерација и беше наметната промена на името на државата и покрај тоа што власта не доби поддршка на референдум. Оваа генерација гледа како се гребат шахти и се преименуваат улици и објекти. Оваа генерација се соочува со обидот да се брише и заборави дел од историјата. Наместо да се чува идентитетот, името, јазикот, културата и историјата, власта тргува со се што е свето“, стои во партиската честитка.

Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, се обрати до јавноста преку социјалната мрежа „Фејсбук“

„Да се избориме за нашата земја, во ова време, невреме, кога силно не влечат на дното, кога животот станува пекол, а секој од вас чувствува и знае дека ова денес не е она за што се бореа нашите во минатото и она што ние го сакаме денес. Затоа заеднички да се избориме за подобро, за обнова и иднина. А кој друг ако не сите ние, и не затоа што е лесно, туку затоа Македонија е нашето се“, напиша Мицкоски.

И поранешниот претседател Ѓорге Иванов го искористи „Фејсбук“ за да испрати порака до граѓаните од кои побара да бидат сплотени и истрајни.

„Заветот на претходните генерации остварен на 8ми Септември 1991 година останува наша обврска да го пренесеме на сите идни поколенија, да ја чуваме Македонија како суверена, независна и самостојна држава. Сме поминале и поминуваме низ разни премрежја и предизвици. Сме имале и имаме тешки времиња. Но, сето тоа ќе помине доколку сме сплотени и истрајни во остварувањето на нашата слобода, сувереност и независност“, стои во пораката на поранешниот претседател.

Денот на независноста, ако се суди по социјалните мрежи, граѓаните го искористија за да упатат голем број на за курсот по кој 28 години се води државата.

Традиционално, во Собранието, беа доделени и државните награди „8 Септември“ кои ги добија борачот Томе Коцев, спортскиот лекар Слободан Николиќ, кајакарот Атанас Николовски и легендата на фудбалскиот клуб „Вардар“ -Кочо Димитровски.

Македонија прогласи независност откако успешно го спроведе референдумот на 8 септември 1991 година на кој граѓаните се изјаснуваа на прашањето: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“. Според конечните, официјални резултати од 1.495.626 гласачи, на Референдумот излегоа 1.021.880 или 71,85 проценти од граѓаните со право на глас. Од нив 95,09 отсто гласаа за самостојна и независна Македонија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG