Линкови за пристапност

СЈО остана без предметите, обвинителот Јовески го прифати барањето на Јанева


И покрај одлуката на Републичкиот јавен обвинител сеуште виси договорот околу владиниот Предлог закон за Јавното обвинителство со кој СЈО ќе се фузира со Обвинителството за гонење на организиран криминал. За вторник можна лидерска средба каде конечно треба да биде постигнат договор

СКОПЈЕ – Обвинителите и истражителите во Специјалното јавно обвинителство (СЈО) од денеска официјално остануваат без работа. Комплетната документација за сите предмети и истраги се сели во јавното обвинителство откако Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески го прифати барањето на Катица Јанева,шефот на СЈО, испратено од „Шутка“ за трансфер на предметите од Специјалното во јавното обвинителство без разлика дали станува збор за судски процес, истрага или предистрага.

Од Обвинителството ја образложија одлуката велејќи дека тие се должни да гонат бидејќи има докази дека е сторено кривично дело и дека имаат обврска да ја зачуваат ефикасноста на кривично правниот систем.


„Ваквиот став е заснован на уставната положба на Јавното обвинителство како единствен државен орган надлежен за гонење на сторителите на кривичните дела и на други со закон утврдени казниви дела, начелото на легалитет на кривичното гонење, според кое јавниот обвинител е должен да преземе кривично гонење, ако постојат докази дека е сторено кривично дело за кое се гони по службена должност, како и обврската во име на општеството да се грижи за ефикасноста на кривично – правниот систем, почитувајќи го принципот на правна сигурност на граѓаните како темелна вредност на владеењето на правото“, стои во соопштението на јавното обвинителство.

Правниците велат дека со трансферот се ограничува можноста да застарат или да згаснат. Судските процеси за предметите на буквата „Т“ ќе продолжат но со нови обвинители, а истрагите ќе ги превземат тимови од јавното обвинителство. Тие не ја исклучуваат и можноста дека доколку се усвои предлог законот на Владата и СЈО се фузира со Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција предметите да останат кај истите обвинители од СЈО.

Ескпертската јавноста пак со поделени мислења. За едните ова е крај на СЈО додека за другите ова е логично продолжување на веќе започнатиот процес и тек на настаните.

Професорот Гордан Калајџиев смета дека предметите треба да останат во СЈО но и дека обвинителството било злоупотребено само за да се сруши ВМРО – ДПМНЕ од власт.

„Катица Јанева нема овластување и во нормални услови, а не од притворски или во ситуација во која се наоѓа да ги делегира предметите на друго обвинителство. Значи таа ги добила со закон и мора да ги работи.Можеше да се избере нов јавен обинител, но најстрашно е што за такво нешто не постои интерес. Очигледно ова е крај на СЈО, не постои интерес во земјава да има самостојна и независна институција за борба со корупција. На крај мора да признаам со жалење дека СЈО е само злоупотребено за да се бутне ВМРО-ДПМНЕ од власт“, изјави Калајџиев пред почетокот на ескпертскиот состанок за Законот за јавното обвинителство.

Академикот Владо Камбовски пак е на ставот дека улогата на СЈО завршила и дека предметите мора да бидат предадени на јавното обвинителство.

„Државниот јавен обвинител има овластување според уставната поставеност на Јавното обвинителство, да презема предмети од други обвинителства. Тоа решение треба да се реализира и според мое мислење предметите од СЈО треба да се доделат на обвинителите од Јавното обвинителство. СЈО ја одигра својата улога во еден транзициски период и отвори смело многу предмети – сега со реформите во правосудниот систем, Обвинителството се оспособува ефикасно да го гони криминалот и високата корпуција“, изјави Камбовски кој исто така присуствуваше на експертската средба.

Неколку часовниот состанок на обвинителите, правниците, експертите и невладините претставници заврши без заклучок и договор околу владиниот Предлог закон за јавно обвинителство. Во опетк се две опции, обвинителите од СЈО да се префрлат во ново автономно одделение во рамки на организиран криминал и корупција а нивните истражители би се вратиле од местата од каде и дошле што е прифатливо за власта и опцијата која ја предлага опозицијата - предметите на СЈО да ги работат обвинители од организиран криминал.

Засега не се исклучува можноста во вторник, во Собранието да се одржи лидерска средба меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Премиерот Заев изјави дека е подготвен да ја свика лидерската средба, но сепак остава шанса на преговорите меѓу работните групи од партиите кои треба да се сретнат.

„ Очекуваме од работните групи да кажат дали има потреба за лидерска средба. Ако тие кажат, јас сум подготвен. Ќе си каже и господинот Мицкоски, веројатно и други лидери ако треба ќе повикаме. Целта е да помогнеме на работната група да се изнајде решение за Законот за јавно обвинителство“, изјави Заев.

Од ВМРО – ДПМНЕ потврдија дека Мицковски ќе присуствува и покрај тоа што нема да се разговара за предвремни избори што беше еден од нивните услови, а причина за присуството е актуалената политичка состојба во државата.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG