Линкови за пристапност

Кирацовски на распит: „Не знаев дека Бојан Јовановски рекетира“


Кирацовски на распит во ЈО: Не знаев дека Јовановски врши рекет
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:37 0:00

Пратеникот изјави дека не се препознава под псевдонимот „Кики“ и дека не посредувал при средбите на притворениот Боки 13 на кои се барало рекет. Не бил член на невладината „Меѓународен сојуз“ не ги познавал Јанева и Камчев и не сака да ги запознае

СКОПЈЕ – Пратеникот Александар Кирацовски денеска два часа даваше исказ како сведок во рамките на истрагата за случајот „Рекет“. Кирацовски ги отфрли обвинувањата дека посредувал при средбите на притворениот Бојан Јовановски – „Боки 13“ со бизнисмени и градоначалници и вршел притисок врз нив. Тој смета дека имало многу шпекулации но нагласи и дека не се препознава во псевдонимот „Кики“. Со Јовановски имал површно пријателство.

По завршувањето на распитот тој посочи дека како лице од кое се бараат посебни информации бил во Јавното обвинителство, каде ги споделил сите информации за одредени настани со кои располага.

„ Се надевам и убеден сум дека од денес ќе завршат лажните вести, манипулациите, инсинуациите кои според мене нанесоа одредена штета на самата истрага, а нанесоа штета на недолжни луѓе. Се надевам дека од денес ќе преовладуваат само фактите, аргументите и она што е вистина. Јас сум повикан за еден мал сегмент. Тоа со Камчев, Кичеец, Катица не се дискутираше со мене. Ниту ги знам, ниту ги познавам, ниту сакам да ги запознаам“, изјави Кирацовски и додаде дека е уверен во правичноста и транспарентноста на истрагата и процесот за случајот „Рекет“.

Како и неговиот сопартиец и почесен претседател на невладината „Меѓународен сојуз“ на Јовановски, Кирацовски одби да одговори на дел од новинарските прашања повикувајќи се тајноста на истрагата и можноста да и наштети. Пратеникот беше дециден дека не знаел што прави Јовановски но и дека не бил присутен на средбите на кои се барало рекет. Сепак знаел за проектот со старечките домови на „Меѓународниот сојуз“ на Боки 13 преку кој беа извлечени над еден милион евра и лобирал кај неговата сопартијка и градоначалничка на Битола за да успее.

„Јас не сум ниту член во „Меѓународниот сојуз“. Ниту сум побарал ниту било побарано од мене да станам член. Апсолутно не знаев дека Јовановски врши рекет. Не посредував. Како пратеник избран од Битола мене ми е од интерес да се случуваат добри нешта во Битола. За жал ова не беше така. Се она што се работи за доброто на граѓаните особено од местото каде што сме избрани ние сме должни во рамките на законот да лобираме нештата да се случуваат таму“, рече Кирацовски.

Тој кажа дека не се препознава под псевдонимот „Кики“ и дека разговарал со новинарот Бранко Героски кој „ му признал дека направил фаул“. Героски веднаш му одговори преку социјалната мрежа „Фејсбук“, потврди дека имале средба во текот на минстиот месец но и дека на таа средба Кирацоски приџзнал дека посредувал во организирањето на состанокот помеѓу осомничениот Бојан Јовановски, бизнисменот Силјан Мицевски и битолската градоначалничка Наташа Петровска.

Истрагата за случајот „Рекет“ продолжува но од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и шефицата Вилма Рускоска нема најави кога ќе биде сослушан притворениот и првоосомничен Бојан Јовановски.

Досега на распит беа повикани покрај Кирацовски, потпретседателот на Собранието и почесен претседател на невалдината„Меѓународен сојуз“ – Фросина Ременски, бизнисмените Орце Камчев, Силјан Мицевски и Зоран Азманов, Жарко Луковски, водителката Лила Филиповска и обвинителите од СЈО – Лиле Стефанова, Елизабета Јосифовска и Бурим Рустеми.

Засега нема прецизни информации каде завршиле парите, околу 2,5 милиони евра, земени од Камчев, Мицевски и струшка фирма.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG