Линкови за пристапност

Притворениот Кичеец на распит за „Рекет“, Јанева утре ќе одговара на прашањата на Рускоска


Јавноста очекува одговори на клучни прашња поврзани со случајот „Рекет“ по распитот на Јанева која ќе зборува во својство на сведок. Денеска беше сослушана и пензионерката Лилјана Тодоровска од невладината организација на осомничениот Боки 13 на чија сметка беа префрлени па подигнати 720 илјади евра

СКОПЈЕ - Два и пол часа траеше распиот на Зоран Милевски - Кичеец, второ осомничен во случајот „Рекет“. Тој денеска околу пладне со комбе беше донесен од истражниот затвор „Скопје“ за да даде исказ пред тимот на Рускоска и потоа беше вратен назад. Милевски, на снимките кои ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“, се гледа како заедно со првоосомниченот Бојан Јованоски - „Боки 13“ излегуваат од домот на бизнисменот Орце Камчеа а тој во раце ја има чантата во која според снимките има еден милион евра, рекет земен од бизнисменот.

Од Обвинителството без информации околу распитот на Милевски и кога ќе биде повикан Јовановски.

Во фокусот на јавноста е распитот на шефот на СЈО, Катица Јанева, кој е закажан за утре. Таа во својство на сведок ќе се појави пред тимот на Рускоска кој треба да ја утврди нејзината евентуална инволвираност во скандалот. Јавноста очекува одговори на многу клучни прашања како форматирањето на мобилниот телефон пријавен како изгубен, неразбирливите потези во истрагата „Имеприја“, тврдењата на колегите од СЈО дека инситирала да нема затворски казни за некои осомничени, барањето да се избришат податоците во службените компјутери во СЈО иблискоска со Јовановски.

Денеска во обвинителството сведочеше Лилјана Тодоровска, член на невладината организација на Јовановски - „Меѓународен сојуз“ на чија сметка бизнисменот Силјан Мицевски уплати 720 илајди евра за наводен проект. Тодоровска пред десетина дена изјави дека парите ги подигнала во кеш и ги дала на друго лице од сојузот без да прецизира за кого точно станува збор.

Препукувањата на релација СДСМ - ВМРО - ДПМНЕ продолжија и денес.

Од опозициската ВМРО - ДПМНЕ повторно со серија обвинувања кон премиерот Зоран Заев за негова инволвираност во скандалот и со барање за брзи предвремени избори.

„ СЈО и Владата на Зоран Заев немаат веќе никаков кредибилитет. Катица Јанева рекетирала заедно со Бојан Јовановски односно Боки 13, а половина Влада стоела позади нив и им го чувала грбот, вклучително и Зоран Заев, тоа го слушнавме и во видео снимките. Случајот „Рекет“ ја разоткри најголемата криминална мрежа во Македонија, каде што се вмешани врвот на Владата, пратеници, министри, обвинители, исто така и истражители. Сите се дел од мрежа преку која рекетирале милиони евра и уценувале политички неистомисленици.Потребни се предвремени парламентарни избори што побрзо, за веднаш потоа да се случи обнова на Македонија која што е најпотребна во моментов“, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО - ДПМНЕ.

Од владеачката СДСМ, со контраобвинувања на сметка на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски за средби со осомничениот Милевски, новинарот на италијанскиот цесник „Ла Верита“ кој ги објавни снимките како и со бегалецот Никола Груевски.

„Денеска кулминираше нервозата во ВМРО-ДПМНЕ. Фрчат лажни вести од белиот дворец, панични изјави, прес конференции. Овие нервозни реакции доаѓаат во моменти кога според информациите во медиумите на распит за случајот „Рекет“ е повикан еден од осомничените, споменатиот Зоки Кичеец. Дали затоа е нервозна криминалната ВМРО-ДПМНЕ? Особено имајќи предвид дека Христијан Мицкоски пред неколку дена јавно призна дека се сретнал токму со Зоки Кичеец. Остана неодговорено прашањето што разговарале Мицкоски и Кичеец и дали нешто му дал? Нервозата и паничните реакции на ВМРО-ДПМНЕ нема да им помогне на оние кои ги чека соочување со правдата. Одговороност за сите вмешани во случајот „Рекет“ но и за сите останати предмети мора да има. “, стои во соопштението на партијата.

Двете партии засега без најави дали и кога ќе ги продолжат преговорите околу новиот Закон за јавно обвинителство со кој треба да се реши статусот на СЈО.

Домашната, меѓународната и експертската јавност и понатаму со критики околу текот на истрагата и начинот на кој се води. Откако шефот на Обвинителството за гонење на организиран криминал, Вилма Русковска, се врати од одмор сослушувањата се интензивираа. Досега искази, во својство на сведоци, дадоа тројца обвинители од СЈО - Елизабета Јосифовска, Бурим Рустеми и Лиле Стефанова која ја водеше истрагата за случајот „Империја“ и која изјави дека биле против одлуката на Јанева , на Камчев да му се врати пасошот и да му се укине куќниот притвор. Во јавноста нема никакви нови детали околу тоа што е откриено со вештачењето на запленетите мобилни телефони и компјутери како и за парите кои биле уплаќани на сметката на невладината организација на осомничениот Јовановски и рекетот земен од бизнисменот Орце Камчев.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG