Линкови за пристапност

Обвинителката Стефанова на распит за случајот „Рекет“: Дадов исказ во својство на сведок


Се чека на повикот Јанева да се појави на распит и да објасни одлуките и потезите во „Империја“; Судот им го продолжи притворот на осомничените

Пет часа траеше распитот на обвинителката Лиле Стефанова од СЈО во зградата на Обвинителството за гонење на организиран криминал во рамките на истрагата за случајот „Рекет“. Замина без да соопшти што одговорила на прашањата на колешката Ивана Трајчева за да не и` наштетела на истрагата.

„Денеска дојдов во својство на сведок. Околу пет часа давав исказ како сведок и се` што ми е познато за овој случај го изнесов пред надлежниот јавен обвинител. Имајќи го предвид мојот статус на сведок и тајноста на истрагата, не можам да кажам нешто друго од она што веќе го имам споделено“, кажа Стефанова.

Таа нагласи дека јавноста ја информирала преку соопштени во петокот, во кое навела дека била против укинување на куќниот притвор и враќањето на патната исправа на осомничениот во случајот „Империја“ Орце Камчев. Иако таа ја водела истрагата, одлуките ги донела Катица Јанева.

„Одлуката да биде дадена согласност за издавање на времена патна исправа на осомничениот Јордан Камчев, Катица Јанева ја донела во време кога јас користев годишен одмор и за истата не ме извести. За оваа одлука дознав од обвинителката Елизабета Јосифоска, кај која било донесено на потпис писмено изготвеното мислење“, стоеше во соопштението на Стефанова објавено на сајтот на СЈО.

Вчера на распит, исто така во својство на сведок, беше повикана и Елизабета Јосифовска, заменик на Јанева во СЈО, која го одобрила барањето за враќање на пасошот на Камчев, на барање на Јанева.

Од Обвинителството засега не соопштуваат кога и Катица Јанева ќе биде повикана на распит во рамките на истрагата за случајот „Рекет“ и во кое својство.

Домашната, но, и меѓународната јавноста се` уште ги чека одговорите од Јанева на клучните прашања – зошто одобрила да се врати пасошот и да се укине притворот, во кое својоство разговара телефонски со Камчев, и како осомничениот Јовановски знае детали од истрагата и ги најавува потезите на СЈО.

Таа се обиде преку неколку соопштенија, додека го користеше годишниот одмор надвор од државата, да ја објасни својата улог, но, и кажаното во снимките од телефонските разговори, кои ги објави италијанскиот весник „Ла верита“. Сепак остана бледо и нејасно.

„ Имам пракса да разговарам со осомничени... Се обидував да го придобијам Камчев да стане заштитен сведок во друга истрага“, беа објаснувањата на Јанева.

Вчера околу случајот „Рекет“ се огласија американската амбасадорка во Скопје Кејт Брнс и претседателот Стево Пендаровски. Побараа итна истрага, откривање на инволвираните и одговорните за скандалот.

„Како што рековме претходно, ова се сериозни обвиненија за кои е потребен сериозен одговор, кој ќе биде темелен, транспарентен и навремен. Сега е време Северна Македонија да покаже заложба за придржување кон владеењето на правото“, напиша Брнс на Твитер, споделувајќи ја објавата на еврокомесарот Јоханес Хан за случајот „Рекет“ и борбата против корупцијата.

Претседателот Пендаровски нагласи дека ова е тест за правната држава и надлежните институции.

„Одговорност, повторувам мора да има и по вертикална и по хоризонтална линија. Одговорност и казни мора да следат за сите чија вина ќе се докаже, без разлика дали станува збор за обвинители, членови на политички партии, бизнисмени, политичари. Никој не смее да биде над законите во оваа земја, ничија партиска или политичка припадност не смее да биде посилна од правдата“, кажа претседателот Пендаровски.

Опозициската ВМРО - ДПМНЕ денеска пак обвини дека начинот на кој се води истрагата за случајот „Рекет“ овозможува да се уништат доказите, и побара одговорност од шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал Вилма Рускоска.

„Русковска мора да сноси одговорност за пропустите и просторот што и го отвори на Јанева, но, и за другите замешани да влијаат на сведоци и уништуваат докази. Јанева и СЈО се алатката преку која е вршен рекетот, кој без директна поддршка од власта не би бил можен. Боки 13 и Зоки Кичеец се само обични извршители. Затоа истрагата мора да се прошири до врвот на власта“, изјави Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ.

Владеачаката СДСМ пак соопшти дека бара сите инволвирани да одговараат пред правдата.

„Апсолутно мораме да имаме брза, ефикасна истрага, изведување пред лицето на правдата на секој еден којшто бил вмешан во кој било случај, со цел криминалот и корупцијата конечно да го добијат потребниот удар“, изјави Оливер Спасовски, потпретседател на СДСМ.

Кривичниот суд денеска им го продолжи притворот за уште 30 дена на осомничениот двоец рекетари Бојан Јовановски – „Боки 13“ и Зоран Милевски.

Италијанскиот весник „ Ла верита“ минатата недела објави серија видео и аудио снимки за случајот „Рекет“ на кои се гледа како бизнисменот Орце Камчев дава еден милион евра на рекетарскиот двоец но и се слушаат разговори околу текот на настаните во истрагата за случајот „Империја“ која ја води СЈО а во кои учествува и Катица Јанева.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG