Линкови за пристапност

Пендаровски се огласи за „Рекет“


Оваа тешка ситуација ја става на тест правната држава, рече претседателот Стево Пендаровски на првата прес конференција откако е на функцијата

Ефективно и брзо завршување на истрагата за „Рекет“, ако има докази да се поднесат обвиненија за сите инволвирани без оглед дали се носители на јавни функции, освен правна да има и политичка одговорност, целосна поддршка на обвинителството и судот – тоа се 4-те точки и барања со кои денеска излезе Пендаровски. Чекорот на новиот шеф на државата – јавно да зборува за скандалот со СЈО и корупција на високо ниво, со очигледни политички импликации, следи по, како што рече Пендаровски, неговата и разочараноста на граѓаните од аферата и тежината на ситуацијата.

„Оваа тешка ситуација ја става на огромен тест правната држава, надлежните институции и сите нас, одговорните политичари. Ако надлежните правосудни органи ја истераат работата до крај, а, повторувам - очекувам така да биде и никако поинаку, во тој случај ќе докажеме дека навистина функционира системот, а тоа е најдобриот начин да се врати довербата на граѓаните и на целокупната јавност во органите на прогонот. Одговорност, повторувам - мора да има и по вертикална и по хоризонтална линија. Одговорност и казни мора да следат за сите чија вина ќе се докаже, без разлика дали станува збор за обвинители, членови на политички партии, бизнисмени, политичари. Никој не смее да биде над законите во оваа земја, ничија партиска или политичка припадност не смее да биде посилна од правдата“.

Потврди дека е разочаран од Катица Јанева, ги критикуваше судските и обвинителските органи зашто во вонредна ситуација сепак решиле да одат на одмор и ги повика веднаш да се вратат на работа. Скандалот што води до врвот на СЈО, според Пендаровски, во никој случај не треба да ја доведе во прашање работата на целото обвинителство.

„Со својот минат труд СЈО, не поединци, туку како институција заедно со Преспанскиот договор даде огромен придонес за ослободување на „заробената држава“ и за наше приближување кон НАТО и ЕУ. Сите досегашни истраги на СЈО, сите изведени докази не можат да бидат прогласени за невалидни па дури и ако се докаже дека некои обвинители работеле спротивно на законот. Евентуалната иднивидуална одговорност на еден обвинител не може да го доведе во прашање огромниот труд на целото обвинителство и сите оние докази кои се изведени во законска процедура“.

Иако засега не добил такви сигнали од Брисел, шефот на државатапредупреди дека има членки на ЕУ кои се против проширувањето и на кои Северна Македонија не смее да им даде повод преку вакви афери или непостапување на институциите, воопшто да размислуваат дека земјата не треба да напредува во евроинтеграциите.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG