Линкови за пристапност

Нова снимка за „Рекет“, ново соопштение на Јанева - Камчев требало да биде сведок


Во последната снимка објавена од италијанскиот весник „Ла Верита“, повторно се слуша Јанева која тврди дека обвинителите во СЈО не можат ништо да сторат без нејзина дозвола. За прв пат се споменува и премиерот Заев. Обвинителството ја повика обвинителката Стефанова од СЈО за исказ

СКОПЈЕ - Трето продолжение на аудио снимките од разговори меѓу бизнисменот Орце Камчев, осомничен во случајот „Империја“ и Бојан Јовановски - „Боки 13“, притворен во случајот „Рекет“ и второ објаснување на шефот на СЈО, Катица Јанева, зошто се слуша нејзиниот глас во телефонските разговори. За прв пат во снимките од разговорите се споменува и премиерот Зоран Заев.

Во снимките кои денеска ги објави италијанскиот весник „ Ла Верита“, јасно се слуша Јанева која е на линија со Камчев и Јовановски како ги уверува дека се држи под контрола, дека обвинителите во СЈО не можат да сторат ништо во случајот „Империја“ без нејзина дозвола и дека повикува сведоци „колку да има некаква активност во април“.

„Јас држам се под контрола... Јас сум многу ангажирана и не ја држам затоа редовно под контрола (Лиле Стефанова н.з.). Инаку без мене она не може ништо... Ги повикав за да има малку активности во април“, вели Јанева во разговорите.

Повторно таа експресно се јави со соопштение поставено на сајтот на СЈО, во кое вели дека контактите со Камчев и кажаното биле во насока да го врбува осомничениот во „Империја“ како соработник и сведок. Зошто тоа не го каѓа вчера или на самиот почеток, нема објаснување.

„ Во конкретниот случај, во тој период, се водеа преговори од моја страна со лицето О.К. да стане соработник – сведок во една нова предистрага која ја водевме во Обвинителството, заедно со еден од моите помошници обвинители “, стои во соопштението објавено на сајтот на СЈО во име на Јанева.

Таа уповторно ги повика истражните органи што е можно побргу да ја завршат истрагата, да ги приберат сите докази и да ги завршат сите форензички вештачења поврзани со случајот „Рекет“, за целосно расчистување на случајот и обелување на нејзиното име.

Обвинителата Лиле Стефнова, која ја водеше истрагат за имеприја и чие име често се слуша во снимките во вторник ќе мора да се појави во јавното обвинителство и да даде исказ околу случувањата. Таа кажа дека Камчев ја споменува во разговорите намерно “за да биде дискредитирана“.

Во денешниот сет на снимки од разговори за прв пат се спомнува и премиерот Зоран Заев. Имено Јовановски го информира Камчев дека наредниот ден треба да се сретне со Заев, дека зборувал со него за случајот и дека „знае како размислува“.

Со реакција се јави и премиерот Заев кој во моментов е на одмор. Тој порача дека Јовановски го злоупотребува неговото име и побара темелна и независна истрага која ќе ги открие сите инволвирани во скандалот и нивната улога.

„Повикувам на темелна и независна истрага, која мора да заврши што е можно поскоро и мора да ги покаже сите детали. Резултатот од истрагата мора да донесе преземање одговорност, исклучиво согласно докази и согласно словото на правото. Одговорност мора да има и за осмислувачите и за сите оние кои прават сѐ да се спасат и при тоа се претставуваат како жртви. Во најновиот објавен разговор некои од осомничените го спомнуваат и злоупотребуваат моето име. При тоа се изнесуваат лаги и бесмислици со цел едниот соговорник да ја зајакне својата позиција на моќ и авторитет пред другиот соговорник. Најостро, категорично и одговорно отфрлам било каква поврзаност, соработка или комуникација со осомничениот Бојан Јовановски во врска со случајот "Рекет" и за било какви други прашањата кои се предмет на истрагата за овој случај“ напиша премиерот на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Препукувањата и меѓусебните обвинувања на релација СДСМ - ВМРО - ДПМНЕ продолжија.

Од опозициската ВМРО - ДПМНЕ истрагата на Обвинителството ја оценија како фарса,побараа одговорност и оставки од сите инволвирани во скандалот и предвремени праламентарни избори.

„ Нема поголемо лицемерие од барањето на Заев правдата да излезе на виделина. Заев е жив фатен во криминал и тоа не прв пат и гледа само како да се спаси.Неговата штитеничка и соработничка Јанева, лаже исто како шефот Заев. Од најновиве снимки, секој може јасно да слушне колку Јанева разговара официјално и колку Јанева била во комуникација само поради истрагата.Оставки од сите инволвирани во овој рекетарско-политичко-обвинителски октопод и итни и неодложни предвремени парламентарни избори е единственото можно решение“, изјави Игор Јанушев, генерален секретар на ВМРО - ДПМНЕ.

Од СДСМ пак со став дека снимките покажуваат дека премиерот Заев не е инволвиран во скандалот а вината ја лоцираа кај опозицијата.

„Од снимките е повеќе е јасно дека премиерот Заев ниту директно ниту индиректно не е вмешан во овој случај, но станува јасно дека единствена цел на овие снимки е токму тој да биде дискредитиран. Сега надлежните институции мора да ја забрзаат истрагата за актуелниот случај „Рекет“, да ги лоцираат нарачателите, извршителите и помагателите. Тајкуните создадени од режимот на Никола Груевски, впрегнати со Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, прават се за да ја срушат правната држава, да не се донесе законот за ЈО, да се загрози евро-интеграцијата на земјата и да се спасат од одговорност“, соопштија од партијата.

Домашната јавноста и социјалните мрежи вријат и се бара одговорност од Јанева.

Засега се познати многу малку детали за текот на истрагата.

Според најавите, обвинитителите Рускоска, Јовески иЈанева, кои се на годишен одмор надвор од државата идната недела треба да се вратат во Македонија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG