СКОПЈЕ - Обвинителката Вилма Рускоска денеска ќе дознае кога и со кого комуницирала Катица Јанева и дали одземениот телефон е оној на кој се јавувал еден од притворените во случајот „Рекет“ за да покаже дека може да издејствува нешто кај пораншената шефица на Специјалното јавно обвинителство. Техничарите завшриле со вештачењето на телефонот но засега нема официјални информации дали и што е најдено во телефонот и дали информациите ќе помогнат во истрагата.
„Ве известуваме дека вештачењето на мобилниот телефон е завршено. Но, со цел да не се попречи на натамошното водење на истражната постапка, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција не е во можност да сподели детали околу содржината на извештајот од вештачењето на мобилниот телефон на јавниот обвинител“, соопштија од Обвинителството.
Кога станува збор за вториот телефон на Јанева, за кој нејзиниот син тврди дека таа го загубила во Белград, а преку кој исто така е можно да била вршена комуникација со двајцата притворени во слулајот „Рекет“, од Обвинителството велат дека сеуште не е пронајден, без да прецизираат дали ја проверуваат веродостојноста на исказот и дали воопшто некаде и некому било пријавен настанот.
Обвинителката Вилма Рускоска потврди дека во снимките ја има Јанева. Еден од притворените ја бара Јанева додека се обидува да ги изнуди парите од бизнисменот и за да ја потврди својата „тежина“ разговара со Јанева која е на спикерфон. Кој од двата телефони бил користен во моментот засега не е познато.
Русковска беше децидна дека ќе бара снимките кои ги достави уценетиот бизнисмен да бидат користени во судската постапка.
„Согласно Венецијанската комисија, кога е јавен интерес во прашање и нелегалните снимки можат да бидат доказ во кривичната постапка“, кажа Рускоска.
Околу боледувањето на Јанева, кое е издадено ден по нејзината оставка, сеуште нема конкретни информации околу тоа што е наведено, за кој период и за каква болест станува збор. Досега ниту СЈО, ниту Фондот за здравство, не ги провериле деталите во доставеното боледување.
Од Обвинителството се воздржаа од коментар по прашањето за евентуално проширување на истрагата, за нови жертви на рекетарскиот довец и евентуалниот распит на колеги на Јанева.
„Обвинителството во моментов не може да сподели информација во врска со бројката на лица кои се обраќаат до јавното обвинителство и кои пријавуваат. Временскиот период од обелоденување на истрагата е кратко, поминаа само седум дена во кои континуирано се обраќаат лица со цел да пријават кривично-правни настани“, одговорија од Обвинителството.
Сепак според неофицијални информации, уште двајца бизнисмени кои не биле опфатени со истрагата „Империја“ на СЈО, пријавиле дека биле жртви на Јовановски и Милевски.
Каде е Јанева е прашањето кое јавноста веќе седми ден го поставува. Таа не се појавува во јавност со што само ги подгрева шпекулациите околу нејзината евентална инволвираност во рекетирањето на лица против кои таа и нејзиното обвинителство воделе истраги.
„Обвинителството нема сознанија во моментов каде се наоѓа јавната обвинителка. Во моментов, обвинителството нема преземено дејствија за повикување на јавната обвинителка, нема ниту преземени дејствија на следење или лоцирање“, објаснуваат од Обвинителството.
И министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на иста линија со обвинителите. МВР не ја бара Јанева и не знае каде е во моментов бидејќие за тоа нема барање од судот или Обвинителството.
„МВР нема обврска да знае каде се граѓаните на државата во кој било момент, освен ако има налог од надлежен обвинител или надлежен суд. МВР постапува исклучиво според наредби кои ги издаваат надлежниот обвинител или надлежниот суд“, рече Спасовски.
Претседателот Стево Пендаровски денеска повторно побара случајот да биде расветлен што е можно побрзо.
„Последниве денови сме сведоци на една крупна афера која има многу шпекулации, која очигледно оди низ многу слоеви на нашето општество, и економски, и криминални, и политички, за жал. И јас од оваа позиција не гледам политички притисок ако кажам дека инсистирам државните органи во случајот „Рекет“ да ја истераат работата што е можно побрзо, до крај за да не се остави ни најмал простор за сомнеж, дека некој некого штити или дека повторно се рециклираат некои лоши практики од минатото, кога одредени политички фактори штитеа бизниси, односно беа заштита за криминалните бизниси и на тој начин знаеме до кое дереџе дојдовме“, изјави претседателот Пендаровски.
Скандалот со Јанева даде друг тек, но и динамика, во настаните поврзани со иднината на СЈО. Власта и опозицијата со месеци водат преговори за идниот статус, но по оставката и шпекулациите за вмешаност, премиерот Заев кој досега не ја криеше својата наклонетот и кон Јанева и кон СЈО пресече - СЈО оди во историја.
Според новиот закон, чиј предлагач е Владата, а кој неделава ќе се најде пред пратрениците во Собранието, СЈО ќе згасне и ќе биде дел од Обвинителството за организиран криминал, а нов шеф ќе биде токму Вилма Русковска. За да помине законот потребно е двотретинско мнозинство, однонсно гласовите од најмалку 80 пратеници, а политичките условувања и пазарења почнаа.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ сеуште го разгледува и анализира предложениот текст и утре ќе се произнесат за законското решение. Остануваат на ставот дека Рускоска не може да биде на чело на тоа обвинителство.
„Сеуште се вршат анализи во однос на целиот закон, така што во текот на утрешниот ден или кога и да биде завршена таа анализа, ќе излеземе со конкретни забелешки. Во однос на другите предлози веќе кажавме за Вилма Рускоска - тоа е неприфатливо за нас, бидејќи таа е во директна спрега со Зоран Заев. Суд во Република Македонија има, само треба да се врати довербата во судството, само треба да се тргнат сите пипци на Зоран Заев во институциите“, изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Владеачката ДУИ е на ставот дека новиот шеф на инкорпорираното обвинителство треба да го избере Судскиот совет, а не Владата или Собранието.
„Решението за фузионирање на СЈО во Обвинителството за организиран криминал и борба против корупцијата сметаме дека е добро решение, додека за сите други прашања сметам дека ќе изнајдеме компромис. Не би сакал да именувам било кое лице, било кој обвинител, затоа што сметам дека тоа не е моја работа, не е работа на политичките партии. Видовме кога политичките партии се договараа пред четири години што испадна на крај“, изјави Артан Груби од ДУИ.
Албанските опозициските партии БЕСА и Алијанса со свои ставови и барања. За БЕСА императив се предвремените парламентарни избори, Закон за јавно обвинистелство и попис, а нов шеф треба да биде Албанец. Алијанса, пак, оди чекор понатаму и предлага новиот шеф на фузираното обвинителство да биде странец, од некоја од државите на Европската Унија.
Иднината на СЈО, случајот „Рекет“ и Јанева со сигурност ќе бидат темите на разговор меѓу државно политичкиот врв и америкаснкиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија, Филип Рикер, но и еврокомесарот Јоханес Хан, кои најавија дека неделава доаѓаат во официјална посета на нашата држава.
Facebook Forum