Голем дел од САД е зафатен од топлотен бран.
Температурите на Североистокот и Средниот Запад се веќе високи и се очекува да се искачат до рекордни бројки за време на викендот. Луѓето се предупредени да останат хидрирани.
Повеќе од 87 милиони Американци живеат во области каде за во сабота се најавуваат рекордни температури.
Температурата во Вашингтон, главниот град на државата, се очекува да достигне 43,3 степени целзиусови.
Метеоролозите велат дека за кратко време во Вашингтон ќе биде исто толку жешко како во Долината на смртта во Калифорнија.
Грег Карбин од Националната метеоролошка служба вели дека топлотниот бран ќе биде „краток и врел“.
Од Националната метеоролошка служба предупредуваат: „Опасните високи температури и влажноста брзо може да предизвикаат топлотен стрес или топлотен удар, ако не се преземат мерки на претпазливост. Најмногу подложни ќе бидат младите, постарите лица, оние без климатизација и оние кои учествуваат во напорни активности на отворено. Исто така, внатрешноста на автомобилите може да достигне смртоносни температури за неколку минути.“
Агенција за заштита на животната средина, следејќи го квалитетот на воздухот, неодамна соопшти дека воздухот е „нездрав“ за чувствителните групи, вклучувајќи ги и постарите и малите деца, долж источниот брег од Балтимор, Мериленд, до Бриџпорт, Конектикат и Њујорк.
„Јасно е дека најризично е во текот на денот“, изјави за Асошиетед прес д-р Мајкл Кауфман, од Одделот за домашна безбедност на Индијана. „Не очекуваме пад на температурите или на влажноста во текот на ноќта.“
До сопствениците на домашни миленици е упатено предупредување да не ги шетаат домашните миленичиња на асфалтирани или бетонски површини, бидејќи температурата на површините може да порасне доволно високо за да им ги изгори шепите на миленичињата.
Facebook Forum