СКОПЈЕ –Еден ден по оставката која ја шокираше домашната јавност, Катица Јанева отворила и боледување, потврдија денеска од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) . Боледувањето било отворено во вторникот, на 16 јули, но тоа тогаш не го знаеше обвинителскиот тим кој дента одржа прес конференција на која се дистанцираше од поранешната шефица.
Од СЈО велат дека боледувањето било доставено денеска. Која е причината, за каква болест станува збор и која медицинска установа го издала нема информации.
Јанева веќе четври ден останува недостапна за јавноста и со тоа само ги подгрева бројните шпекулации околу нејзината инволвираност во рекетирањето на бизнисмени кои беа под истрага на СЈО. За овој случај во понеделникот, еден час пред депонирањето на нејзината оставка, уапсени беа Бојан Јовановски сопственик на телевизијата „1тв“ каде и работи синот на Катица Јанева и Зоран Милевски. На двајцата им е одреден триесетдневен притвор а во обвинителството се вештачат компјутерите одземени од осомничените но и телефонот на Јанева.
Она што е познато досега е дека истрагата за рекетирањето е отворена на почетокот на мај годинава, а жртвата е бизнисмен кој е осомничен во случајот „Империја“ на СЈО. Тој тајно ги снимал средбите на кои му било барано рекет. Обвинителството потврди дека на снимките се двајцата приведени но не и Јанева.
Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека знаел за рекетирањето на бизнисмени и дека неколкумина, од внатрешноста на државата му се пожалиле.
„Кај мене се обратија бизнисмени кои не се од Скопје и ми кажаа дека биле уценувани. Се знае, како што постапува секој граѓанин така постапува и премиерот – го пријавил тоа. Потенцирам, премиерот тоа го пријавил“, рече Заев вчера на прес-конференција.
Ова го потврди и шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал, Вилма Русковска.
„Премиерот усно нè извести мене и јавниот обвинител на РСМ, притоа изразувајќи подготвеност да дојде и да поднесе кривична пријава на записник. Но ние му советувавме сведокот да дојде во Обвинителство и да пријави“, изјави Русковска за весникот „Независен“.
Околу случајот „Рекет“ се огласи и претседателот Стево Пендаровски кој побара од Обвинителството што побрзо да ја заврши истрагата. Тој не го крие разочарување од развојот на настаните поврзани со СЈО.
„Една работа е работата на институцијата СЈО до овој момент и постапките кои ги воделе различни обвинители, не само Катица Јанева. Сосема друга работа е последниов случај за кој јас ургирам и од оваа позиција, како и да се сфати, до надлежните органи да ја процесираат што побрзо и што подлабоко за да не остави ни најмала дамка на работата на институцијата како таква. Да заклучам, СЈО беше и тоа како потребно во времето кога ги правевме демократските промени. СЈО во некаков облик, во некој дел од системот на редовно јавно обвинителство и тоа како е потребно и во наредниот период да ги процесира криминалите не само на оние што биле на власт, туку на нас што сме денеска на власт“, изјави претседателот Пендаровски во интервју за „Радио Слободна Европа“.
Опозицијата денеска го обвини премиерот Заев дека ја штити Јанева но и дека имал средби со дел од осомничените.
„ Дали е точно дека изминатиот викенд еден од сега осомничените за рекет, дел од криминалниот октопод на Заев, славел заедно со Заев во еден од локалите во Охрид до раните утрински часови?Дали Јанева не доби притвор само поради тоа што Зоран Заев лично ја штити? Дали е точно дека Јанева во домот на првообвинетиот и во присуство на висок функционер од СДСМ ги договара обвиненијата на СЈО и како натаму да се постапува по нив?“, праша пратеничката Благица Ласовска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Обвинителството и денеска без нови детали околу истрагата, евентуалното проширување врз други осомничени и што покажало вештачењето на запленетите телеофни, компјутери и УСБ – стикови.
Facebook Forum