СКОПЈЕ – Катица Јанева попладнево ја депонираше својата оставка од функцијата шеф на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Во соопштението поставено на сајтот на СЈО стои дека оставката ќе биде активна во моментот кога политичките партии ќе ги завршат преговорите и ќе изберат нејзин наследник.
„Се нафатив на функцијата во исклутелно тешки околности и целосно свесна за задачата која ми е дадена“, напиша Јанева, додавајќи во образложението на потегот дека не сакала да биде алиби за СЈО да се држи во заложништво.
Одлуката на Јанева за јавноста дојде неочекувано, особено што таа во речиси сите јавни настапи истакнуваше дека не само што нема намера да се повлече од функцијата се` до истекување на мандатот , 15 септември, туку и дека планира повторно да се кандидира за функцијата.
Реакциите по оставката на Јанева беа исто така неочекувано - смирени.
Од СДСМ рекоа дека нема да коментираат, зашто станувало збор за лична одлука.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека не се изненадени.
„Мандатот на СЈО е завршен. Се знае и датумот кога е завршен. Во однос на Јанева, на нејзиното претседателствување инсистирапше само премиерот Зоран Заев. Прашањето за водење на СЈО од страна на Јанева беше апсолвирано во текот на преговорите, а тоа го потврди и министерката Рената Десковска“, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Овој бурен ден ден донесе и друга вест што уште повеќе подгреа шпекулации. Имено, на барање на обвинителството, беше приведен и сопственикот на „1ТВ“, Бојан Јовановски, кој е осомничен за перење пари. Второсомничениот во истрагата, Зоран Милевски, познат во домашната јавност како „Зоки Кичеец“, се товари за примање награда за противзаконито дејствие.
Тоа што до сега го знаеме од информациите што шефот на Обвинителството, Љубомир Јовески, и првиот човек на обвинителството за гонење на организиран криминал, Вилам Русковска, е дека осомничените рекетирале бизнисмен од кого зеле 1,5 милиони евра за наводно да влијаат кај обвинител кој работел на случај каде бизнисменот бил осомничен. Јовески и Русковска одбија да го соопштат идентитетот на обвинителот и покрај инсистирањето на новинарите на прес конференцијата. Немаше одговор и на директното прашање дали оставката на Јанева, која дојде кратко време по веста за апсењето на Јовановски, има некаква поврзаност со оваа истрага. Републичкиот јавен обвинител Јовески кусо одговори: „Оставката на Катица Јанева е нејзин личен чин и тука нема што ние да коментираме“.
Инаку, Јовановски со месеци се споменуваше во јавноста, но под псевдоним, за наводна поврзаност со рекет на бизнисмени и политичари. Пред десетина дена, Јовановски во интервју на својата телевизија, потврди дека пишувањата се однесуваат на него, но ги демантираше како дезинформации.
Иако до овој момент многу прашања останаа без одговор, новинарите ќе продолжат да инсистираат на фактите, што јавноста има право да ги знае.