СКОПЈЕ - Садула Дураки е петиот вицепремиер во владата на премиерот Зоран Заев. Одлуката беше донесена во четвртокот, на првата владина седница по мини реконструкцијата во која Дураки направи трансфер од министерството за животна средина во новоформираното министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Изборот на Дураки за вицепремиер наиде на различни реакции во јавноста, повечето критички.
Дураки ќе го води новото министерството за политички систем кое доаѓа на местото на Секретарјатот за спроведување на рамковниот договор кој го водеше токму човекот во чии две столчиња тој седна - Хазби Лика.
Зошто токму Дураки на местото на досегашниот вицепремиер Хазби Лика, по кои критерими и заслуги, конкретно објаснување од Владата не дадоа. Шпекулациите се дека тоа е избор на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој пресекол дека Лика нема да биде повеќе во извршната власт а премиерот Заев немал друг избор освен да се согласи.
„Се надеваме дека господинот Дураку со своето искуство ќе придонесе на унапредувањето на правата на етничките заедници, политичкиот систем во државата и други проекти кои се базираат на програмата на Владата на Република Северна Македонија. Зошто е потребно толку вицепремиери, тоа е одлука на Владата“, изјави владинот портпарол Мухамед Хоџа.
По најавената „метла“ на премиерот Заев, Дураки во јавноста беше еден од фаворитите дека ќе биде сменет поради незадоволството од неговото раководење со министерството за животна средина и скандалозната изјава дека „ тој не се занимава со граѓаните“. Одлуката на премиерот наиде на остри реакции кај јавноста и експертите поради што реагираше ДУИ и застана во одбрана на Дураки за кого кажа дека е носител на институционалната и политичката меморија на партијата.
„ Од петте министри на ДУИ во новиот состав, четворица се млади кадри под 40 години, сите школувани во европските држави. Дураку е искусен политичар којшто е носител на институционалната и политичка меморија на ДУИ чија улога е да го трансформира Секретаријатот за рамковен договор во Министерство за политички систем, а имајќи во предвид дека е дел од учесниците на подготвување на Рамковниот договор нема човек кој подобро го знае духот на Охридскиот договор“, ќе каже вицепремиерот Бујар Османи.
Садула Дураки е во ДУИ од самиот почеток, учесник е во конфликтот во 2001 година а ќе остане запаметен што ја исклучи водата за пиење во Куманово и неколку недели остави десетици илјади граѓани без вода. Оттогаш тој секогаш е во извршната или локалната власт.
Во 2002 година, кога ДУИ за прв пат ќе влезе во Владата, Дураки ќе биде именуван за заменик-директор на Царината. Потоа тој е унапреден во министер за земјоделство. Од извршната оди во локалната власт, но повторно на Буџетска плата. По два мандати како градоначалник на Липково во 2017 година ќе биде поставен за министер за екологија - одлука која наиде на критика во јавноста поради тоталното непознавање на проблематиката на која тој треба да работи и сериозноста со загадувањето против кое ќе се бори. Неговото двегодишно водење на ова министерство го следеа низа скандали, тој избегнуваше да се појавува во јавноста и да дава изјави и цело време беше во сенката на заменик министерот Јани Макрадули кој пак беше на удар на граѓаните поради проблемот со загадувањето особено во зимските месеци.
Facebook Forum