СКОПЈЕ - Премиерот Зоран Заев нема да го повика на одговорност и нема да го разреши генералниот секретар на Владата Драги Рашковски по скандалот кој протече во јавноста со аудио снимка на која се слуша како тој употребува погрдни зборови за етничка заедница и една европска држава но и по вчерашната прес конференција на која генсекот буквално држеше лекции по географија и англиски јазик на присутните новинари.
„Се работи за лична чест и достоинство. Не можете некого да правите салата како сакате и кога сакате. Јас не гледам ароганција кај човек што јавно се извини. Секој е индивидуа и како физичко лице има право да го заштити својот дигнитет и достоинството. Само така ќе бидеме нормална земја. Кога прифаќаме да вршиме одредени функции, да му служиме на народот и слично, тоа не значи дека секој може да биде и „боксерска вреќа“ и кога тоа го заслужува и кога не“, рече премиерот Заев.
Одлуката на Заев да не го разреши генералниот секретар наиде на реакции во јавноста и кај политичките партии.
Од опозициската ВМРО – ДПМНЕ се на ставот дека премиерот го штити Рашковски бидејќи работел по негови инструкции и за негови цели. Тие побараа Обвинителството да го притвори Рашковски но и да го повика премиерот на разговор.
„ Зоран Заев денеска наместо да го повика на одговорност, го заштити Драги Рашковски. Заев денеска докажа дека Драги Рашковски работел по негови инструкции и за негови цели. Што тука е неразбирливо, уште пред да се склучи договорот со Леонардо, се знаело кој ќе го добие овој тендер.Јавното обвинителство треба само да испита, дали кажаното во снимката коинцидира со настаните кои следат потоа. Едноставно е. Оттука уште еднаш го повикуваме Јавното обвинителство да преземе мерки и да побара притвор, како за Рашковски, така и да го повика на разговори токму господинот Зоран Заев“, изјави Иванка Василевска, член на ИК на ВМРО – ДПМНЕ.
Се огласија и опозициските партии од албанскиот блок, Алијансата за Албанците и БЕСА, кои имаат идентичен став – владиниот ген сек да си поднесе оставка од морални причини.
Рашковски пак најави тужби против десетина новинари, портали и членови на опозициската ВМРО – ДПМНЕ за клевета и нарушен углед. Тој нагласи дека што точно е кажано на состанокот од кој протече снимката ќе се утврди на судскиот процес.
За разлика од него пак, премиерот Заев нагласи дека Владата нема намера да поднесува тужби и дека „не е нивна работа да се тужат со новинари и медиуми“.
Кога станува збор за скандалот со снимката која протече во јавноста а на која се слуша генералниот секретар како се обраќа со погрдни зборови кон Италија, ромската заедница но и уверува претставници дека ќе го добијат тендерот за набавка на опрема вреден 7,8 милиони евра, Рашковски вчера на прес конференција се извини за кажаното и достави документација според која тој не влијае врз изборот во јавната набавка. Иако Рашковски се „извини до небо“, сепак денеска премиерот Заев го испрати советникот за надворешна политика Дане Талевски кај италијанскиот амбасадор за да ги „испегла работите“.
„Мојот советник за надворешна политика Дане Талески се виде со амбасадорот Карло Ромео. Ќе испратам и лично писмо со извинување, зашто дефинитивно кога слушате некого како зборува, а е висок претставник на владата, болно е чувството. Тоа е наша земја пријател, поддржувач на Република Северна Македонија од нејзината независност, Италија и италијанскиот народ се докажани пријатели. Исто така, ромската заедница е нешто на што посветуваме најголемо внимание и јас секако ја користам приликата за извинување и од името на владата, но на крајот дали тоа било монтирано со употребата на зборовите или не, ќе го каже истрагата“, кажа Заев.
Заев уште еднаш потврди дека го назначил Рашковски да ја води и забрза постапката со набавка на систем за контрола на летање.
„ Тој добива од мене задачи да ги забрза процесите и постапките. Се работи за тендер кој е завршен во 2016 но никако не може да се потпише за да дојде до негова имплементација. Верувам дека ќе има истраги и кривични постапки за тој проект. Владата минатата седница донесе одредени одлуки за безбедноста на радарскиот систем“, објасни премиерот.
Тендерот за кој се разговара во снимката која протече во јавноста а која се однесува на набавка на АТМ систем за контрола на летањето е потпишан во 2016 година но сеуште не е реализиран. Според извештаите на Македонска навигација (М-НАВ) голем дел од опремата и радарите кои во моментов се користат се застарени и немаат резервни делови. Европската банка за обвнова и развој (ЕБОР) во 2013 година одобри кредит од 11,1 милион евра за модернизација на М-НАВ. За дел од опремата се потпишани договори за набавка во текот на 2015 и 2016 година но таа сеуште не е испорачана или пак инсталирана додека за останатите пак, и по шест години, сеуште се води тендерската постапка.
Facebook Forum