СКОПЈЕ - Четири нови имиња во владиниот кабинет и министерска функција за премиерот Заев. Ова е резултатот на „метлата“ која беше најавувана со месеци а соопштена официјално денеска. Одлуката на премиерот да извршува двојна функција и да застане на чело на министерството за финансии наместо досегашниот министер Драган Тевдовски кој ќе остане како негов советник предизвика најголемо изненадување во јавноста.
„Обврската за министер за финансии, покрај премиерската функција ќе ја вршам јас одреден период. Оваа одлука ја донесов заради тоа што оваа година ќе биде година за економијата. Тевдовски ќе работи околу мене, како советник. Следуваат храбри одлуки од кои бенефит ќе имаат сите граѓани“, рече Заев.
Во кабинетот на премиерот ќе има четири нови имиња. Насер Нусредини, кој доаѓа од финансискиот сектор, ќе биде министер за животна средина а досегашниот Садула Дураки заминува во новоформианото министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.
Земојделие ќе го води Трајан Димковски досегашен советник на минситерот Љупчо НИколовски кој се враќа во СДСМ како генерален секретар.
Култура ќе ја води професорот по медицина од Тетовскиот универзитет, Хисни Исмаили, кој доаѓа на местото на неговиот сопартиец од Алтернатива, Асаф Адеми.
Во министерството за локална самоуправа ќе дојде лидерот на ЛДП, Горан Милевски, кој ќе го замени Сухејл Фазлиу од НДП. Во пратеничкото столче на Милевски најверојатно ќе седне пратеник од редовите на СДСМ.
Премиерот Заев соопшти и дека одлучил да ги разреши и Хазби Лика, вицепремиер за спроведување на рамковниот договори министерот без ресор Зоран Шапуриќ.
Откако попладнево предлогот за реконстуркција на кабинетот беше доставен до Собранието, спикерот Талат Џафери ја закажа за в среда во 11 часот седницата на која пратениците ќе го разгледуваат и гласаат. За да помине потребни се гласовите на 61 пратеник.
Владината реконструкција не мина без реакции.Од НДП, од чии редови е сега веќе поранешниот мнистер Сујехл Фазлиу, велат дека не биле консултирани за смената.
„Министерството за локална самоуправа му припаѓа на партнерот на коалицијата, исто така, на партијата НДП.Премиерот не може да донесе одлука без наша соогласност, да го даде ова министерство на внатрешен партнер на партијата СДСМ, со кој има внатрешни проблеми и да ги задоволи коалиционите партнери, но на штета на владејачката коалиција. Ако премиерот е сериозен во врска со овој предлог, ние како партија ќе ја донесеме нашата одлука и нашата позиција за која ќе бидете информирани“, стои во соопштениот на НДП на Весел Мемеди.
Опозициската ВМРО - ДПМНЕ пак најавената „метла“ ја оцени како „магла“.
„ Метлата се претвори во магла. Метлата стана пердув за купување на време за Зоран Заев. Огромно разочарување по кое се отвора директна можност сите пари да се слеваат кај Вицето и Зоран Заев. Во Македонија ќе продолжи да се краде, ќе продолжи криминалот на власта, ќе продолжат тендерите во четири очи. Она кое што ВМРО-ДПМНЕ го говореше, тоа се оствари. Реконструкцијата на владата е само козметичка измена со која нема да има промена на работата на оваа неспособна власт предводена од Заев“, изјави партискиот портпарол Наум Стоилковски.
Оттаму додадоа дека нема суштинска промена во Владата бидејќи во ресорите каде што, според ВМРО - ДПМНЕ, имало клучни неуспеси и проблеми нема никакви промени.
„Во владата остануваат истите министри за здравство, образование, економија, транспорт и врски и вицепремиер за економски прашања, што е гаранција дека хаосот во Македонија за жал ќе продолжи. Останува Димитров, останува Спасовски, девастација на дипломатијата и колапс на безбедноста во државата“, соопштија од опозициската ВМРО - ДПМНЕ.
Премиерот Заев најави дека реконструкцијата продолжува и до крајотна месецот ќе ги соопшти одлуките за смени во вториот и третиот ешалон како и на дваесетина директори на јавни претпријатија.
Facebook Forum