СКОПЈЕ - По повеќе тринаесет години минати на највисоките државни функции, Никола Груевски останува само почесен претседател на ВМРО - ДПМНЕ и азилант. Собранието денеска ја констатираше неговата оставка од функцијата пратеник која тој напишана на унгарски јазик ја достави по пошта минатата недела.
„Ве известувам дека пратеникот Никола Груевски поднесе оставка од функцијата пратеник во Собранието на Република Северна Македонија на 5 јуни 2019 година. Констатирам дека согласно член 152 став 1 алинеја 1 од Изборниот законик на пратеникот Никола Груевски му престанува мандатот на пратеник во Собранието на Република Македонија“, рече спикерот Талат Џафери.
Со ова беше запрена постапката на мандатно имунитетната комисија која предложи на Груевски да му се одземе мандатот бидејќи шест месеци неоправдано остуствувал од седниците на Собранието.
Поради депонираната оставка на Груевски изостана дебатата во Парламентот но и гласање кое требаше да покаже дали пратениците од неговата матична партија ќе застанеа во негова одбрана или пак ќе го поддржеа предлогот на собраниската комисија.
На испразнетото столче на Груевски седнува Ѓоко Камчев од Валандово, дипломиран политиколог.
На денешната седница беше констатирана и оставката на пратеникот Павле Богоевски кој поднесе оставка по скандалот со аудио снимка во која, како што тој тврди порачува масло од канабис за лекување на близок роднина. Од собраниската говорница тој кажа дека превзема одговорност за своите постапки и не се крие како Груевски.
„Не оди еден пратеник кој толку се залагал за еднаква правда и правичност за сите, кога ќе стори нешто незаконски, не личи да продолжи да биде пратеник. Одговорност се презема лично, храбро пред оние кои те избрале, а не кукавички, во бегство криејки се зад диктатори кои делат слични убедувања со вас“, кажа Богоевски.
Од опозициската ВМРО - ДПМНЕ пак побараа истрагата околу овој скандал да се фокусира на лицето со кое Богоевски разговара наместо на таксистот кој го снимал разговорот.
На местото на Богоевски во Собранието ќе седне Александар Филиповски.
Според најавите Државната изборна комисија (ДИК) попладнево ќе одржи седница на која ќе ги потврди мандатите на двајцата нови пратеници.
Според законот за пратеници, Груевски и Богоевски имаат право на апанажа односно да ја добиваат пратеничката плата во наредните дванаесет месеци или додека не најдат друг работен ангажман.
Facebook Forum