Линкови за пристапност

СДСМ го разреши комплетното партиско раководство


Сите шест потпретседатели се разрешени од партиските функции, тројца секретари и Извршниот одбор. Министерот за земјоделство Љупчо Николовски ќе биде новиот генерален секретар на партијата. Заев најави повеќе од три смени на министерските позиции што повлекува реконструкција на кабинетот

СКОПЈЕ - СДСМ на денешната четиричасовна седница на Централниот одбор (ЦО) го разреши комплетното партиско раководство. Шест потпретседатели, тројца секретари и сите членови на Извршниот одбор повеќе нема да ги извршуваат партиските функции. Ова е втора „метла“ во партијата откако беа разрешени 78 претседатели на општинските организации.

Премиерот Зоран Заев им се заблагодари на досегашната соработка и уште еднаш повтори дека смените се случуваат поради неуспехот на партиските функционери во исполнувањето на задачите и ветувањата, но и поради ароганцијата која ја демонстрирале.

„Ветивме промени, промените се случуваат. СДСМ демонстрираше сериозна одговорност пред граѓаните. Донесовме сериозни одлуки и суштински и системски промени. Сакам јавно да им се заблагодарам на сите функционери кои денеска ја завршија својата партиска функција. Им благодарам на тројцата секретари, на сите шестмина потпретседатели. Сакам да му се заблагодарам и на Извршниот одбор кој од денеска престана да ја извршува функцијата. Оваа одлука која вечерва ја донесовме е сериозен израз на одговорност и на примање на пораката од граѓаните. Тргнавме од сопствените редови“, рече Заев.

Потпретседателите Фросина Ременски, Мухамед Зекири, Петре Шилегов, Дамјан Манчевски, Оливер Спасовски и Благој Бочварски веќе нема да извршуваат партиски функции. Разрешен е и генералниот скретар Александар Кирацовски со кого се поврзани неколку скандали со непотизам преку вработувања на свои блиски роднини. На негово место е поставен актуелниот министер за земјоделство Љупчо Николовски, кој ќе си замине од Владата.

„ Љупчо Николовски е новиот генерален секретар. Тој е еден од поуспешните министри. Тоа граѓаните го знаат. Горд сум што имав таков член во кабинетот. Прави чекор назад и се враќа во партијата за да помогне. Му посакувам успех и бескомпромисност. Сега е време целокупниот потенцијал на партијата да го ставиме во функција на граѓаните“, каѓа Заев по седницата.

Николовски најави дека ќе се менува системот во партијата и ќе се бара одговорност и отчетност од сите функционери, во извршаната и во локалната власт.

„ Сакам да се заблагодарам на довербата. Ќе работам со новото раководство на СДСМ, новиот извршен одбор и потпретседателите. Ќе работиме на силна контрола за тоа како се реализира програмата на СДСМ и нашите ветувања. Ќе бараме отчет од сите функционери, градоначалници и директори“, рече Николовски.

Покрај разрешувањето на 24 членови на ИО, од функцијата е сменети и рганизационот секретар Миле Зечевиќ, како и Цветанка Ласкова, претседател на Форумот на жени и советник на премиерот Заев за култура. Таа исто така беше вмешана во скандали но не се вработувања, туку со доделување на грантови од Буџетот на фирми на нејзини роднини.

Според премиерот и претседател на партијата сите одлуки за разрешувањата биле донесени консензуално. Новото раководство на партијата ќе се избере во наредните петанесетина дена.

Кога станува збор за „метлата“ во извршната власт, Заев најави смена на повеќе од тројца министри што значи дека со досегашните шест оставки ќе оди на реконструкција на Владата и гласање на новиот кабинет во Собранието каде се потребни 61 глас од пратениците.

„ Повеќе министри ќе бидат опфатени со реконстукција. Бројката не ја кажувам. Досега се сменети шест. Ќе биде блиску до третина од кабинетот за да има реконструкција на Влада. Значи ќе има повеќе од тројца. Очекувам фидбек од Али Ахмети, од Гаши и од Тачи, од сите претставници на коалиционите партии“, најавио Заев.

Тој не прецизираше кој ќе биде сменет. Не потврди ниту демантираше дека тоа може да бидат и двајца од потпретседатели на партијата кои се на министерските места. Најави дека нема да има ротација на кадрите туку нови лица и дека ќе има разрешувања во јавните претпријатија, агенциите и надзорните и управноите одбори.

„Ако тргнавме од своите редови, верувајте нема да дозволиме на било кој во државата, кој прима пари од граѓаните да не ги исполни очекувањата на граѓаните. Зборувам и за локалната и за извршната власт. Следуваат денови кога ќе се случат промени во извршаната власт. За две до три недели ќе бидат промените. Ќе има промени на министерски и заменички места, директори на јавни претпријатија, агенции и акционерски друштва. Секаде каде нема резултат и се покажало ароганција. Ќе бидат исто така сериозни како што се овде во партијата. Само така е во ред“, порача Заев.

На новинарско прашање тој одговори дека нема намера да даде оставка на премиерската функција бидеќи смета дека води успешна политика и дека ја води дрѓавата во вистински правец кон Европската Унија и НАТО а тоа го препознале граѓаните и ја дале поддршката на претседателските избори.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG