Линкови за пристапност

Ниту „метла“, ниту ветинг - консултации па повторно средба на Заев и Ахмети


Премиерот најави смени во владиниот кабинет и институциите под ингеренции на Владата, но и во локалната самоуправа и матичната партија. Партнерот во Владата, ДУИ, смета дека наместо „метла“ треба да има ветинг за сите функционери

СКОПЈЕ - Засега „метлата“ нема да допре никого на раководните места во државните институции и владиниот кабинет, ниту пак ќе се почне со проверката однонсо ветингот на функционерите во државниот апарат. Премиерот Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, ги избегнаа новинарските екипи пред почетокот на средбата која се одржа во Владата а изјави немаше и по нејзиното завршување.

Од кабинетот на премиерот соопштија дека денешната средба била за да се детектираат слабостите во извршната власт а било договорено да се оди на внатрешни консултации во партиите и потоа да се одржи нова средба.

„Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев и претседателот на ДУИ Али Ахмети остварија средба со која започнаа разговорите за детектирање одредени слабости кај дел од функционерите од извршната власт. На средбата е договорено дека ќе следуваат консултации во двете политички партии на чие чело се двајцата лидери, по што разговорите ќе продолжат“, стои во соопштението од владината прес служба.

Засега нема прецизни или конкретни информации околу евентуалната реконструкција на владиниот кабинет и кој од министрите ќе биде разрешен.

„Целта на овие иницијативи е обезбедување кадровски решенија за зајакнување на капацитетите на институциите, во насока на исполнување на подобри резултати на економски план и исполнување на очекувањата на граѓаните“, соопштија од Владата.

Инаку утрово премиерот Заев изјави дека единствена тема на разговор со Ахмети ќе бидеат кадровските промени во извршната власт.

„Иако симболиката дојде од зборот „метла“, сепак, се работи за луѓе професионалци. Зборуваме за ароганција, за неисполнување на очекувањата од одредени институции и зборуваме за немукаетност или неможност да се постигнат очекуваните цели кои граѓаните ги очекувале. Значи зборуваме за личности, не зборуваме за припадници на политички партии или професионалци кои се во Владата. Сите оние кои покажале слабост од ваков карактер вредно е да се размислува да бидат променети со други луѓе“, рече тој.

Вчера пак, премиерот кажа дека смените во извршната власт ќе стартуваат од почетокот на идниот месец, а со нив ќе бидат опфатени и директорските места како и надзорните и управните одбори. Тој најави и промени во локалната самоуправа каде што СДСМ има градоначалници како и персонални промени внатре во партијата.

„Во првата половина на јуни имам намера да излезам со конкретни решенија за промени во Владата и владини институции, директорски места, управни и надзорни и управни одбори и во локалната самоуправа. Секако ќе се случат и персонални промени во СДСМ кои ќе значат подобрување на перформансите на партијата“, рече Заев.

„Метлата“ на премиерот Заев наиде на остар отпор од ДУИ уште на самиот старт. Од Мала Речица испратија јасна порака дека „метла“ или „ чистка“ не се термини или начин на кој функционира оваа партија. Минатата недела, пратеникот Артан Груби соопшти дека ДУИ ќе оди со иницијатива за ветинг односно проверка.

„Во рамките на ДУИ сме во подготовка на еден многу сериозен проект на ветинг кој ќе започне во структурите на ДУИ, но сакаме да го прошириме во сите институции кои вршат јавна дејност, вклучително и во судството, обвинителството и политичките партии. Сите личности кои се нафатиле да ѝ служат на јавноста да поминат низ ветинг процедура. „Чистката“ и „метлата“ не се термини на ДУИ и не се начин на функционирање ниту на претседателот Ахмети, ниту на партијата“, изјави Груби.

Во меѓувреме пак министрите од редовите на ДУИ, околу најавите за смени, порачаа дека за својата работа одговараат првенствено пред нивниот партиски лидер Ахмети а потоа пред премиерот Заев.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG