СКОПЈЕ – Исполнување на цензусот од 40 отсто во вториот круг на претседателските избори кој ќе се одржи за десетина дена и избор на претседател со што ќе се избегне нова политичка криза се наметнува како клучно прашање по сумирањето на резултатите од првиот круг на гласањето кое се одржа викендов.
Во првиот круг од изборите, кандидатот на Алијансата на Албанците и БЕСА, Блерим Река освои 80 илјади гласови. Река нагласи дека неговите гласови не се ниту на продажба ниту на пазар и побара од своите гласачи, во вториот круг да постапат по своја волја.
Аналитичарите се едногласни дека тие нема да бидат клучните за победа во вториот круг и нема да го одредат победниот на изборите.
„ Мислам дека дел од гласачите на Река ќе останат дома. На гласовите на оние што ќе излезат да гласаат треба да сметаат двајцата кандидати. Села и Касами ја исполнија својата цел и се легитимираа како битен политички фактор преку осумдесетте илјади освоени гласови“, вели аналитичарот Владимир Божиновски.
И неговиот колега Петар Арсовски, има сличен став кога станува збор за гласовите на Река во вториот круг но додава дека Силјановска има мала предноста кога станува збор која ќе ги добие.
„ Ако излезат да гласаат секако дека нема да излезат сите 80 илјади. Мислам дека тоа ќе биде помал дел, а главно овие гласови ќе одат кај Силјановска“, смета тој.
Нашите соговорници се едногласни, партиите ги чека тешка задача - треба да ги мотивираат граѓаните да излезат и да гласаат.
„Проблематично е кога станува збор за цензусот. Партиите ќе мора да вложат сериозни напори за да го дигнат и мотивираат членството и граѓаните да излезат и да гласаат во вториот круг“, вели Арсовски.
Тесниот резултат по првиот круг можеби ќе помогне во исполнување на цензусот, но партиите мораат да работат на терен.
„Блискоста во остварениот број на гласови во првиот круг ќе биде мотив за потенцијалните неопределни гласачи. Само поради малата разлика партиите ќе можат да привлечат гласови. Ниту еден од кандидатите не смее да се потпре на гласовите на Река. Таа бројка од 80 илјади гласови ќе треба да дојде од гласачите Македонци и затоа двете партии мора да се потрудат и да ги анимираат. Токму од ова зависи цензусот“, смета аналитичарот Владимир Божиновски.
Сеуште не може прецизно да се утврди дали ДУИ ја испорача ветената поддршка или пак ги чува гласовите за вториот круг а во меѓувреме ќе добие подобра преговарачка позиција.
„ Дали ДУИ ги испоарача ветените гласови не знам. Ќе видиме во вториот круг, бидејќи никој не знае колку всушност гласови тежи оваа партија“, кажа Арсовски.
За Божиновски пак, ДУИ веќе го дал максимумот.
„ ДУИ остана на зборот и испорача. Станува збор за бројка од околу 45 илјади гласа и тоа е моќта на оваа партија“, вели тој.
Кога станува збор за движењето „Бојкотирам“ и крајната десница, кои отворено се спротивставија на изборот на Силјановска и не излегоа да гласаат, двајцата аналитичари сметаат дека тие гласови можат да влијаат и кај цензусот и во евентуалната победа.
„ Разликата е мала и тоа ќе биде мотивот на дел од оние што бојкотираа да излезат и да ја поддржат Силјановска“, дециен е Арсовски.
Божиновски пак вели дека не е убеден дека тие ќе излезат да гласаат, но доколку тоа се случи Пендаровски нема да биде заокружен на ливчето.
„Тие се против СДСМ и против Договорот од Преспа. Треба да решат што ќе прават. Дали ќе излезат да гласаат и во колкав обем не можам да предвидам, но едно е јасно Пендаровски не треба да смета на тие гласови“, вели Божиновски.
Двајцата аналитичари, слабиот одзив во првиот круг го гледаат во фактот што станува збор за претседателски избори кои никогаш не биле интересни кај граѓаните но и изразеното моментално незадоволство на граѓаните од власта и од опозицијата. Излезноста, според нив, е јасна порака и јасно го покажува ставот на граѓаните чие расположение го оценија како летаргично.
Во првиот круг на шестите претседателски избори од осамостојувањето на државата, кои се одржаа завчера, победи Стево Пендаровски, консензуален кандидат на владеачкото мнозинство со разлика од само 4.500 гласа однонсно 0,6 поени пред кандидатот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, Гордана Силјановска. Пендаровски освои 323.709 гласови додека на контото на Силјановска легнаа 319.224 гласа.
Двете партии добија далеку помалку гласови од локалните избори кои се одржаа во октомври 2017 година или парламентарните од декември 2016 година. Опозициската ВМРО – ДПМНЕ успеа да ги врати гласовите во Скопје и неколку поголеми градови во државата, но прецизна анализа засега не е можна бидејќи Државната изборна комисија ги има повлечено од нивната веб страна резултатите од последните два изборни циклуси.
Facebook Forum