Линкови за пристапност

Почна гласањето за избор на петтиот претседател на државата


ДИК и набљудувачките тимови потврдија дека сите избирачки места се отворени на време и дека гласањето тече без никакви проблеми

Граѓаните денеска на шестите претседателски избори ќе гласаат за избор на петтиот претседател од осамостојувањето на државата во 1991 година.Точно 3.480 избирачки места во 80 изборни општини и Град Скопје беа отворени во 7 часот наутро, а право на глас на овие избори имаат 1.808.131 граѓанин запишани во избирачкиот список. Од ДИК и невладината „Мост“ која има најмногу набљудувачи распоредени на избирачките места информираат дека гласањето тече мирно, без никакви проблеми или нарушувања.

Во првиот круг победник може да биде кандидат кој освоил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно 904.066 гласови. Според член 81 од Уставот, доколку во првиот круг никој не го добие потребното мнозинство, во вториот круг одат двајцата кандидати кои освоиле најмногу гласови во првиот круг.

Вториот круг на гласање ќе се одржи на 5 мај, а за претседател ќе избран кандидатот кој добил мнозинство од гласовите, доколку на изборите гласале повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 723.253 гласачи. Доколку и во вториот круг ниту еден од двајцата кандидати не добил потребен број гласови, се повторува целата изборна постапка.

Вчера гласаше дијаспората, осуденици, војниците, раселените и болните и изнемоштени. Според првичните информации одзивот во 32 конзуларни претставништва каде што се гласаше е 38 отсто, а најмногу од пријавените излегле да гласаат во Берлин и во Букурешт, додека најмалку во Копенхаген и во Абу Даби. Во казнено поправните установи гласале 55 отсто од вкупно 1.640-те регистрирани гласачи, седум од дванаесетте лица кои се наоѓаат во куќен притвор и над 3.100 болни и изнемоштени.

Претседателските избори, според Државната изборна комисија, ги следат 3.150 домашни и 419 странски набљудувачи, акредитирани од ДИК. Набљудувачи имаат акредитирано и повеќе амбасади на странски земји, како амбасадите на Руската Федерација, Франција, Велика Британија, Шведска, Унгарија, Италија, Албанија, Словачка во Македонија. Во ДИК се акредитирани и 289 преведувачи.

Заедно со претседателските избори денеска се одржуваат и предвремени избори за градоначалници на Охрид, Дебар и Ново Село. Изборите се распишани по смртта на градоначалниците на Охрид и Дебар, Јован Стојаноски и Ружди Љата, а во Ново Село поради оставка на поранешниот градоначалник Боро Стојчев, откако беше осуден на затворска казна.

Претседателот има мандат од пет години,и може најмногу два пати да ја извршува функцијата. Од прогласувањето на независноста на 8-ми септември 1991 година до денес, државата имаше четири претседатели - Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов. Глигоров и Иванов беа на претседателската функција во два мандата. Петтиот претседател ќе биде првиот избран по промените во Уставот и името на државата - Република Северна Македонија.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG