Линкови за пристапност

Пендаровски: Ќе водам политика на заедништво а не на поделби!


Патот кон НАТО и ЕУ е трасиран а тоа е патот на прогресот. Ќе се грижам за сите граѓани подеднакво и ќе градам едно општество за сите, порача претседателскиот кандидат Стево Пендаровски од централниот митинг во Скопје

СКОПЈЕ - „ Што сте по националност, што сте по верска припадност, каква е вашата социјална состојба, дали сте приврзаници на власта или на опозицијата – ќе ми биде важно, само ако некој посегне да ви ги одзема правата што ги имате како рамноправни граѓани на оваа држава. Вашата правда е и моја правда. Вашата неправда е и моја грижа“, порача СтевоПендаровски претседателски кандидат на владеачкото мнозинство на денешниот централен митинг во Скопје.

Тој потенцираше дека се разликува од сите кандидати бидејќи ќе води политика на заедништво а не на поделби во општеството.

„Имам намера да помирувам, не да разгорувам конфликти. Како претседател неуморно ќе работам на довршување на нашето членство во НАТО, да бидам предводник за членство во ЕУ. Моето делување нема да се заснова на непостоечки митови и реконструирани легенди, туку на реална современа политика на интеграција, рече Пендаровски.

Во своето обраќање најмногу говореше за иднината на државата и евроатланските интеграции кои според него се клуч за успех и развој.

„Имаме неповторлива можност како генерација да оставиме трајно наследство зад нас. Обезбедена и сигурна држава, партнер на демократскиот свет, рамноправен дел од најзначајните светски сојузи. Оние кои мислат дека без НАТО и Европската Унија можеме да ги решиме децениските проблеми со иселувањето, од социјалната сфера, дека може да ја обезбедиме сигурноста и стабилноста, се лажат себеси. Од осамостојувањето до денес само еден е патот кон прогрес и води преку ЕУ и НАТО“, рече Стево Пендаровски.

Говорејќи за противкандидатот Силјановска тој кажа единствена цел и е да биде наследник на претседателот Ѓорге Иванов кого го оцени како кочничар на напредокот, а за опозициската ВМРО - ДПМНЕ, Пендаровски констатираше дека е без вистинска програма и дека ќе ја назадуваат државата.

„Сиљановска сака да биде наследничка на Ѓорге Иванов, тоа не ни треба, не ни треба кочничар. Земјата ја извадивме од темното минато, се смиривме со соседите, дадовме пример, најдовме решение, се помиривме дома, отворивме перспективи за ЕУ и НАТО. На сите оние кои сакаат да не вратат назад мора да им порачаме дека не само што нема да се враќаме назад, туку сите заедно ќе одиме напред. Не барам поддршка само да станам претседател, туку барам поддршка за концептот на иднината, концептот едно општество за сите“, нагласи Пендаровски.

Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, во својот говор нагласи дека Пендаровски е вистински кандидат кој обединува и кој ќе ги продолжи започнатите промени, но и ќе ја влече државата напред.

„Нашиот народ конечно ќе стави печат врз црното минато. Одиме напред со Пендаровски. Новиот претседател ќе биде човек кој не е залутан на позицијата, туку одговорен претседател.Република Северна Македонија ќе добие претседател за кого иднината на државата не е авантура, туку должност. Ги победивме поделбите, омразата, конфликтите и немирот. Европа аплаудира, а граѓаните сакаат да продолжи нашата политика да се оди напред. Новиот претседател ќе биде човек кој сака, може и мора да влече напред – тоа е Стево Пендаровски“, рече Заев.

Остро ја нападна опозициската ВМРО - ДПМНЕ и претседателот Христијан Мицкоски за кого кажа дека е марионета на поранешниот лидер Никола Груевски и побара јавно да се огради од него.

На централниот митинг се обрати и вицепремиерот и претставник на ДУИ, Бујар Османи, кој истакна дека Пендаровски е прв и водено вистински консензуален кандидат кој ја има поддршката од сите етнички заедници и кој ќе обединува и во добро и во лошо.

„Пендаровски е симбол на нашата внатрешна инетргација и кохезија помеѓу различните етнички заедници. Тоа е нашата предност и како граѓани и како заедница и како држава. Тоа е нашата предност на 21 април наспроти другите кандидати. Токму затоа Стево Пендарвоски ќе биде идниот претседател на Република Северна Македонија, ќе биде гласот на разумот и претседател кој ќе ги обедини сите заедници и во добри и во лоши времиња“, рече Османи.

Тој како и останатите говорници побара масовен одзив и поддршка во двата круга на изборите.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG