Линкови за пристапност

Силјановска: Време е за промени!


Вето кога е потребно, често обраќање пред пратениците, штитење на интересите на државата, одговорен Усатвен суд и владеење на право се само дел од ветувањата на претседателскиот кандидат на опозицијата Гордана Силјановска - Давкова кои денеска ги упати од бината на централниот митинг во Скопје

СКОПЈЕ -„Брзо доаѓа 21 април. Тоа е вистинско време за нов почеток, време е за промени! На гласачките кутии се добива битката “ порача претседателскиот кандидат Гордана Силјановска - Давкова од централниот митинг кој вечерва се одржа во Скопје.

Во своето обраќање пред членовите и симпатизерите на опозициската ВМРО - ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ таа ги наброја приоритетите доколку победи на изборите и застане на чело на државата.

„Ветото ќе го користам секогаш кога ќе биде згазен уставот. Нема да манифестирам сила, со аргументи ќе ги образложам забелешките. Законите не се за привилегии туку за решавање на проблемите на граѓаните, за реформи и за почитување“, рече Силјановска.

Таа најави уставни реформи преку експертска група која ќе ја формира и зајакнување на Уставниот суд се двајцата кандидати кои таа евентуално би ги предложила. Вети владеење на правото и правда за сите.

„ Правото и правдата ќе завладее во Република Македонија и конечно ќе се стави крај на оваа криза и црнило кое владее во државата поради оваа власт“, кажа Силјановска.

Соработката со Собранието ќе биде императив и доколку е потребно често, секој месец ќе го користи своето право за да се обрати пред пратениците и да ги адресира проблемите на граѓаните.

„Мојот кабинет ќе биде кабинет во кој ќе доминираат жени. Доаѓа времето на жените во Македонија“, нагласи таа.

Пред присутните побара масовност на претстојните избори.

„ Ако немаме 40 отсто излезност, тогаш ќе го сменат Уставот, тоа за нив не е тешко. Тогаш ќе направат претседателот да се бира во Собранието. Тогаш претседателот ќе се бира со пазар, погодете тогаш кој ќе биде претседател“, рече Силјановска.

Според Силјановска, победа на претседателските избор е вовед во предвремените избори на кои би се победила како што кажа „режимската власт“ на премиерот Зоран Заев

Голем дел од своето обраќање таа го посвети на критики на актуелната власт. Најмногу за промената на името, измените во Кривичниот зкаоник и амнестијата.

„ Се нарекоа реформска влада и народот очекуваше реформи, очекуваше демократија, очекуваше владеење на право, очекуваше борба со корупцијата и криминалот, очекуваше битка со непотизмот, очекуваше европеизација ама таа не дојде. Единствената промена што ја направија е промената на името, најболната промена“, истакна Сиљановска.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, во својот говор на централниот митинг, директно им се обрати и на членовите и сипматизерите на партијата кои отворено се спротивставија на изборот на Силјановска за кандидат и најавија бојкот.

„ Сакам да се обратам до оние кои цврсто заговараат бојкот, а кои сепак во своите срца ја носат идејата за Македонија. Ние сме браќа и сестри по нашата кауза, и знам дека имате 1000 причини да бидете разочарани, повлечени, бесни, и не велам дека за се не сте во право, но ви се обраќам искрено, без ракавици, во име на организацијата со историско име и завет ВМРО, имате една причина зошто морате да излезете, таа се вика Македонија. Бојкотот на овие избори знаете дека му помага само на Заев, и тој потајно тоа го посакува и на тоа се надева, и на тоа работи “, рече Мицкоски.

Тој побара масовен одзив на изборите со кој би се задал „последниот удар“ на премиерот Заев и неговата Влада.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG