Линкови за пристапност

Мал напредок во преговорите за СЈО по вчерашната тајна средба на Заев и Мицкоски


Јавноста ќе биде исклучена од средбите на преговарачките тимови.Двете страни потврдија- клучните разлики не се надминати. Законот мора да се усвои до почетокот на мај бидејќи е еден од клучните сегменти во извештајот на Европската Комисија од кој зависи препораката за старт на преговорите со ЕУ

СКОПЈЕ - Премиерот Зоран Заев и лидерот на опозициската ВМРО - ДПМНЕ вчера се сретнале во обидда се договорат околу иднината и статусот на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) но напредок речиси и да не бил постигнат. Јавноста и медиумите не беа информирани за средбата на која присуствувале и министерката за правда Рената Десковска и шефот на преговарачкиот тим на опозицијата адвокатот Тони Менкиновски.

Детали за тоа што се разговарало и каков напредок или евентуален договор е постигнат нема. Од Владата се воздржија од било каков коментар или официјална информација.

Од опозициската ВМРО - ДПМНЕ исто така без детали за средбата. Оттаму потврдија дека е договорено на средбите на преговарачките тимови да биде исклучена јавноста.

„Да се направи еден амбиент во кој работните групи ќе се посветат на предлог текстот а не на медиумска борба. не би коментирал до каде е текстот и каков е текстот. Разговорите течат и се во насока да се постигне квалитетен, издржан предлог законски текст поддржан од опозицијата во рамки на долготрајно решение за Јавното обвинителство во Република Македонија“, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО - ДПМНЕ.

Потврда дека немало клучен напредок на вчерашната средба стигна од министерството за правда.

„ Со оглед на тоа што клучните разлики остануваат, двете страни се согласија консултациите за законот да продолжат. За крај, уште еднаш потенцираме дека сите политички партии треба да дадат приоритет на европската перспектива на нашата држава, земајќи ги предвид препораките на Европската Унија и меѓународната заедница кои се однесуваат на владеење на правото и правната држава, а кои се клучни за отпочнување на преговори со Европската Унија“, стпи во соопштението на правда.

Демант на информацијата дека СЈО ќе биде укинато, стигна од министерката Рената Десковска, која на социјалната мрежа „Фејсбук“ напиша: „Паралелна реалност! Иzгледа не сме биле на ист состанок! Или некој сонува со отворени очи“.

Премиерот Заев вчера, неколку часа пред средбата со Мицкоски, најави дека очекува средба на преговарачките тимови да се одржи денеска и додаде дека е изработена нова верзија на Законот за јавно обвинителство во кој се инкорпорирани барањата на опозицијата.

„Изработена е нова верзија во одредени суштествени сегменти, каде што се прифаќаат голем дел од одредени сугестии. Има новини кои не би коментирал. Веќе се испратени до претставникот на ВМРО - ДПМНЕ. Ги знам кои се четирите аспекти каде се направени промените кои имаат сериозен импакт. СЈО ќе делува самостојно во рамките на Обвинителството. Бомбите нема да бидат докази во постапката во идното работење на јавното обвинителство и СЈО “ рече Заев и додаде дека исклучувањето на бомбите како доказ нема да влијае врз работата на Обвинителството и текот на истрагите и судските процеси.

Во меѓувреме рокот во кој треба да се донесе законот и со тоа да се реши статусот и иднината на СЈО немилосрдно течат. Токму овој закон е еден од клучните сегменти во извештајот на Европската Комисија за нашата држава кој ќе биде изговен на почетокот на мај, а од кој ќе зависи препораката за старт на преговорите со Европската Унија.

Доколку власта и опозицијата постигнат договор, се очекува Законот по итна постапка да биде изгласан во Собранието.

Барањата на опозицијата се да запрат сите истраги, обвиненија и судски процеси за предмети покренати по истекот на законскиот рок предвиден со Пржинскиот договор - 30 јуни 2017 година, СЈО да има ограничен Буџет, Катица Јанева да биде сменета и Јавниот обвинител да се бира на предлог на опозицијата. Засега е познато и официјално потврдено само дека владеачкото мнозинство се согласило бомбите да бидат исклучени како докази во постапките кои се отворени по истекот на рокот кој го имаше СЈО.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG