Линкови за пристапност

Британската премиерка ќе бара продолжување на рокот за излез од ЕУ


Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер истакна дека Унијата веќе не е отворена за понатамошни преговори со Британија

Британската премиерка, Тереза Меј, се очекува да испрати и официјално писмо до европските лидери со кое ќе бара продолжување на рокот од 29 март за излез од Европската унија.

Сепак, претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер истакна дека Унијата веќе не е отворена за понатамошни преговори со Британија. Тој додаде и дека се мали шансите оваа недела да биде донесена одлука за евентуалното продолжување на крајниот рок за Брегзит.

Тоа што ќе го бара премиерката Меј е повеќе време за британските законодавци да се договорат околу начинот на кој ќе ја напуштат Унијата.

Долниот дом на Британскиот парламент веќе го отфрли договорот што премиерката Меј го постигна со Брисел, со кој се прецизираше начинот на кој земјата ќе излезе од европското семејство. После три дена гласање, законодавците во Британија се согласија на излез од ЕУ, но со одложен датум.

Според „Би-би-си“, кои се повикуваат на официјални лица од британската влада, барањето на Меј ќе биде за кратко пролонгирање на рокот.

Јункер, пак, во изјава за германско радио, нагласи дека Меј треба да покаже јасен план за излез од ЕУ, за да ги убеди европските лидери да дадат согласност за нов датум за излез од Унијата.

XS
SM
MD
LG