Линкови за пристапност

Ниту британското „Остани смирен“ не го решава хаосот со Брегзит


Конзервативците отворија и дијалог за смена на премиерката Тереза Меј. Но, нема гаранции дека нејзиното заминување ќе ја извади Британија од комплексната ситуација за излез од ЕУ

Серија гласања, дебати и натаму нејасна ситуација. Дали на 29 март, или во скорешно време, Британија ќе излезе од Европската унија?

Тоа е прашањето што се отвори деновиве, откако британските парламентарци не успеаја да се согласат за начинот на кој ќе се реализира планот за разделба од Европската унија.

Конзервативците отворија и дијалог за смена на премиерката Тереза Меј. Но, нема гаранции дека нејзиното заминување ќе ја извади Британија од хаосот со Брегзит.

Пратеникот ветеран, Најџел Еванс, е повеќе од четвртина век во Долниот дом во редовите на конзервативците и вели дека е изненаден од тоа што се случува во парламентот поради Брегзит.

„Бев избран во 1992 година и до сега не паметам дека сме имале толкава неизвесност“, вели Еванс во изјава за Гласот на Америка.

Не е сигурен каков треба да биде следниот потег на конзервативната влада, којашто изгуби контрола врз процесот за Брегзит.

Еванс, кој е поборник за Брегзит, стравува Британија ќе остане во Европската унија поради ќорсокакот и поделеноста во кои се најде владејачката партија.

Поделеноста е и во самиот кабинет на премиерката Меј, која балансира меѓу министрите што се наклонети кон ЕУ и министрите што се строго врзани за Брегзит.

Оваа спротивставеност најдобро се илустрира со тоа што повеќе од 20 министри дадоа оставки во последните две години, а најмалку уште петмина се на истиот пат. Четворица, пак, веќе одбија да гласаат во согласност со политиките на сопствената влада.

Одложен развод

Сагата почна во вторникот, кога во Долниот дом не беше дадено зелено светло за предлогот на Меј, а кој се базираше на договорот постигнат со ЕУ. Тоа одведе кон второ гласање, на кое пратениците повторно се изјаснија негативно. Не беше дадено зелено за напуштање на Унијата и со таканаречениот „тврд“ Брегзит, кој ќе значеше постапно решавање на отворените прашања со Брисел во иднина.

Сепак, тоа што се очекува е конечно да биде постигната согласност за да се побара и формално одложување на датумот за излез од Унијата. Рокот што се спомнува е најдоцна до 30 јуни.

Но, од друга страна, поделени се и европските лидери. Нема цврст став дали да се прифати барањето на Британија за одложување на Брегзит.

За Брегзит и по цена на економска штета

Тие што се останување во Унијата се надеваат или на целосен прекин на процесот за Брегзит или, во најмала рака, Британија да остане во блиска релација со ЕУ, па макар и да не е дел од европските политички институции.

Поддржувачите на Брегзит, пак, форсираат на јасен и целосен прекин со ЕУ и се подготвени со опасноста за земјата да се соочи со економска штета, барем на среден рок.

Ветеранот Еванс е согласен дека авторитетот на Меј е сериозно намален и дека не ѝ останува уште многу време.

Смена на Тереза Меј

Конзервативните приврзаници на Брегзит и блогери ја обвинуваат премиерката Меј дека несоодветно ги води преговорите со Европската унија. Според нивно гледање, таа му остава многу простор на Брисел.

„Не гледам сценарио во кое таа е решението за одење напред. Наскоро ќе дојде миг кога и на самата Меј ќе ѝ стане јасно дека е време да замине“, вели блогерот-конзервативец, Лаин Дејл во изјава за Гласот на Америка.

Што сега?

Борбата за позицијата веќе постои. Многумина од нејзиниот кабинет веќе атакуваат на столчето на Меј, а некои почнаа и јавно да искачуваат планови како би ја воделе земјата.

Како еден од нејзините можни заменици се спомнува Борис Џонсон, поранешниот министер за надворешни работи.

Но, нема гаранција дека замената на Тереза Меј ќе го реши политичкиот ќорсокак. Затоа и т.н. Комитет 1922, од редовите на конзервативците, кој има моќ да направи промена на партиското кормило, и натаму не презема конкретни чекори.

Очигледно нема обединетост ниту околу изборот на тој што би ја заменил Меј. И новиот лидер би се соочил со внатрепартиски борби меѓу приврзаниците на ЕУ, од една страна, и приврзаници на Брегзит, од друга страна.

Во целата таа спрега постојат и поддржувачи на т.н. „мек модел“ на Брегзит, кој би подразбирал однос со ЕУ изграден по примерот на Норвешка. Тоа би подразбирало дека Британија би останала дел од европскиот пазар и од заедничките царински политики, а би се задржала и слободата на движењето.

Нов обид на Меј

Покрај досегашните порази, Меј планира повторно, по трет пат да атакува во Долниот дом со својот предлог, надевајќи се на поддршка под силен политички притисок.

Како елемент на поентирање би било сценариото дека, доколку не се реши прашањето сега, Британија можеби и никогаш не ќе може да ја напушти ЕУ.

Сепак, не е јасно дали Џон Беркоу, претседателот на Долниот дом, ќе ѝ дозволи да побара од парламентот да се гласа повторно за идентичен предлог кој веќе еднаш бил одбиен.

„Ако успее да ги добие гласовите, тогаш тоа во политички смисла би било еквивалентно на раѓање од мртвите“, вели Беркоу.

Но, ветеранот Еванс смета дека овој план на Меј е тешко остварлив.

„Некои од бунтовниците повеќе би сакале да се остане во ЕУ, отколку да се прифати нејзиниот договор со кој Брисел ќе ни стои на грб“, истакнува Еванс.

Бизнисмените без трпение – доста е!

Додека парламентарците си парираат околу начинот за излез од ЕУ, бизнисмените во Британија веќе го губат трпението.

„Што е доволно, доволно е. Потребно е сите партии да го сменат пристапот. Работните позиции и благосостојбата во општеството ни зависат од тоа“, вели Керолин Ферберин директорка на Конфедерацијата на британски индустрии.

Во парламентот вечерва следи уште едно гласање. Но, решението за хаосот наречен „Брегзит“, останува да биде желба.

XS
SM
MD
LG