Линкови за пристапност

Рикер: Реформите мора да продолжат, патот кон НАТО е трасиран


„Дома сум“ напиша американскиот дипломат и поранешен амбасадор Филип Рикер во моментот кога пристигна во официјална тридневна посета на нашата држава. Ова е прва посета на регионот пред да стапи на новата функција помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија на местото на Вес Мичел

СКОПЈЕ - Во рамките на посетата,Рикер се сретна со речиси комплетниот државно политички врв во државата. Попладнево имаше средба со премиерот Зоран Заев по која двајцата имаа заедничка прес конференција.

Во своето обраќање Рикер го поздрави Договорот од Преспа кој според него го трасираше патот на државата во НАТО но додаде дека сега е клучно да се работи на реформите кои се неопходни за влез во Европската Унија и на транспарентноста, одговорноста и владеењето на правото бидејќи само на тој начин Северна Македонија ќе има подобра иднина.

„Секогаш може да направите повеќе во поглед на реформите. Тоа е постојан процес, исто и во мојата земја, тоа е нешто што постојано бара работа. Важно е граѓаните да го почуствуваат нивото на транспарентност, нивото на одговорност, да знаат дека владеењето на правото ќе биде најважниот аспект кој ќе ја обедини земјата заедно. Тука е и законодавството на кое што треба да се работи и гледаме дека за дел од законите доаѓа поддршка и од опозицијата, а во тоа лежи иднината на Северна Македонија “, рече Рикер.

Тој нагласи дека политиката која САД ја спроведува на Балканот и во нашата држава се поклопува со интересите и аспирациите на земјите за членство во ЕУ и НАТО.

„Нашата цел е усогласеност со аспирациите на луѓето кои живеат во овој регион. Други земји можеби сакаат да го зголемат своето влијание на Западниот Балкан, вклучително и тука во Северна Македонија. САД е посветен пријател на сите овие држави кои изразија желба да се приклучат кон ЕУ и работат на реформите, и ја изразија својата желба да станат земји членки на НАТО, што веројатно е најуспешната одбранбена мировна Алијанса во светот“, рече Рикер и потенцираше дека Северна Македонија јасно покажала која е нејзината желба - НАТО и ЕУ.

Премиерот Заев истакна дека Република Северна Македонија станува стабилен стратешки партнер на САД и нагласи дека поддршката од САД за земјава била постојана и голема во сите изминати години а особено во решавање на спорот со Грција чија круна е Договорот од Преспа.

„ Како партнери со заеднички стратешки интереси, како партнери во НАТО нашата заедничка цел е борба против тероризмот и екстремизмот и заеднички акции во однос на сите закани за регионот и пошироко. Скорешното зачленување во НАТО е од огромно значење за безбедноста и сигурноста на нашата земја и за целиот регион, но и за создавање услови за економски придобивки и за спроведување на реформите. На амбасадорот Рикер, му ја изразив мојата, и благодарноста на Владата на Северна Македонија и нашиот народ, за континуираната поддршка што нашата земја ја добива од САД“, рече премиерот Заев.

Рикер попладнево имаше средба со претседателот на опозициската ВМРО - ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на која се зборувало за актуелната политичка и економска состојба во државата, како и за реализацијата на стратешките цели на Македонија. На средбата Мицкоски ја пренел својата загриженост околу злоупотребата на институциите и нарушувањето на владеењто на правото а двајцата се согласиле дека членството во ЕУ и НАТО е клуч за стабилноста на државата но и на регионот.

„Република Македонија се соочува со сериозни економски проблеми, лош стандард на граѓаните и сиромаштија која е производ на недоволната ангажираност на владата. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, ја истакна важноста на стратешкото партнерство на Македонија со своите сојузници и додаде дека клучна стратешка определба на ВМРО-ДПМНЕ останува интеграцијата во ЕУ и НАТО“, стои во партиското соопштение.

Серијата средби американскиот висок претставник ја почна со министерот за надворешни работи, Никола Димитров. По средбата Рикер предупреди дека регионот однадвор го демнат, како што ги нарече малигни влијанија, особено од Русија.

„Нашата надеж за вас е просперитетен Западен Балкан, на иста линија со нашите заеднички вредности, целосно интегриран во западните институции, отпорен на дестабилизирачки и малигни надворешни влијанија кои би ги попречиле вашите амбиции“, рече Рикер по средбата со Димитров.

Во рамките на посетата на Скопје, Рикер се сретна и со вицепремиерите Бујар Османи и Кочо Анѓушев како и со претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

Рикер, кој за две недели ќе ја превземе новата должност е одличен познавач на регионот , а од 2008 до 2011 ја извршуваше функцијата амбасадор на САД во земјава. Тој во90-тите години од минатиот век беше задолжен за односи со јавност во американската амбасада во Скопје.

Во меѓувреме, досегашниот американски амбасадор Џес Бејли, ја напушта функцијата откако заврши неговиот мандат. Тој имаше проштални средби со државно политичкиот врв а преку социјална мрежа „Твитер“ се заблагодари на гостопримливоста и пријателството во текот на меговиот мандат.

На негово место ќе дојде Кејт Мери Бирнс која доаѓа од амбасадата на САД во Атина каде беше заменик амбасадор. Станува збор за дипломат од кариера со 25 годишно искуство која била дел од мисиите на САД во НАТО и ОБСЕ како и во Унгарија и Турција.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG