Линкови за пристапност

Котевски останува директор на затворот „Скопје“ поради закажаните избори


Сериозни пропусти во безбедносните протоколи поради кои се случил првиот напад и не бил спречен вториот, открила внатрешната истрага. Покренати се дисциплинки постапки против 11 службеници во затворот

СКОПЈЕ – Ѓоко Котевски останува директор на истражниот затвор „Скопје“ и покрaj оставката која денеска ја достави до Владата. Тоа се должи на фактот што оставката е депонирана во период кога се веќе се распишани избори и затоа ќе се разгледува и ќе се оидлучува по неа откако ќе истече забраната за разрешување и именување предвидена во Изборниот законик.

„Оставката нема да биде ефектуирана и ќе биде разгледувана и ќе се одлучува по неа дури по престедателските избори бидејќи едноставно такви се законите во нашата земја. Кога имаме избори не може да се носат одлуки од овој тип“, изјави Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.

Денеска до министерството за правда и Управата за извршување на санкции беше доставен и извештајот од внатрешната истрага за инцдентот во кој беа нападнати поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристевски. Иако официјално не е објавен во јавноста, во него се нотирани серија на безбедносни пропусти и непочитувања на протоколите во затворот. Утврдено е дека токму поради нив се случил првиот напад и не бил превениран вториот.

Директорот на Управата не коментираше за тоа што е напишано во извештајот.

„Никој не може превенира нешто ако некои осуденици се договорат да го направат“, кусо изјави Јовица Стојановиќ, директор на Управата.

Од Владата пак велат дека е рано да се прогнозира што ќе се случува понатаму.

„ Извештајот е доставен до Управата за санкции и тие како конечен треба да го достават до Министерството за правда и врз основа на истиот ќе се формираат заклучоци што ќе треба да се спроведат. Во оваа фаза не може да прејудицираме што ќе се случи“, рече Бошњаковски.

Онашто е познато е дека е поведена дисциплинска постапка против 11 службеници во затворот, редари и команден кадар. Тоа го потврдија и од истражниот затвор „Скопје“.

„Покрај преземената одговорност од професионален и морален аспект, директорот подготви извештај за случувањата во затворот на 21 февруари во кој се констатирани пропусти и прекршувања на протоколите за работа од страна на службата за обезбебедување“, стои во соопштението од затворот.

Засега, од затворската управа нема потврда на информациите дека при претресите во ќелиите се најдени мобилни телефони, канабис и предмети со кои може да се нанесат повреди кои ги соопштија од Канцеларијата на народниот правобранител.

Појасна слика за тоа што се случувало во четвртокот во затворскиот двор, по прегледот на снимките одвидео надзорот даде Васка Бајрамовска Мустафа, заменик народен правобранител.
„ Сега гледаат силуети на луѓе кои што во едната снимка застануваат, имаат разговор и потоа тепачка одбосно напад и обид за одбрана. Во втората снимка се гледа како определено лице шета,некој трча по него и го напаѓа“, рече Бајрамовска Мустафа.

Таа додаде дека видео надзорот во затворските дворови е лошо поставен, не ги покрива добро а дел од камерите воопшто не работат.

Од опозициската ВМРО – ДПМНЕ побараа одговорнст а не оставка и дисциплински постапки и обвинија дека власта се обидува да го забошоти случајот.

„Одговорност за обидот за линч на поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски мора да има. И кривична и политичка. Оставката на директорот на истражниот затвор е само глума со која што треба да се сокријат вистинските виновници и вистинските нарачатели.Неприфатливо е скандалозното малтретирање да се затвори со дисциплинска одговорност за неколку чувари. Се споменуваат пропусти и дисциплински прекршоци и неуредност, но не и одговорност. Ова е обид да се забошоти случајот“, соопштија од партијата.

Двата одделни инцидценти се случија минатиот четврток во дворовите за прошетка во затворот „Скопје“ кога за само 45 минути беа нападнати Ристовски и Јанакиески од двајца осуденици, Есад Кафеџоли и Лирим Красниќи, членови на терористичката група од кумановско Диво Насеље.

По инцидентите, Кривичниот совет во скопскиот Основен суд 1 одлучи да ја укине мерката притвор за Јанакиески и да ја замени со куќен, додека Ристовски остана во притвор.

Двајцата беа притворени ден претходно откако против нив беа поднесни кривични пријави за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Тие заедно со поранешниот спикер Трајко Вељаноски, Никола Груевски и Никола Бошкоски се сомничат дека се организатори на упадот во Собранието и насилствата од 27 април.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG